„Европејците“ VS Европа… Ја познавате ли Јана Јузова
Пишува: Владимир Перев
Се појави од нигде никаде, од никого повикана и од сите одмината. Младата чехина, искомплексирана од својата ништожност, се појави во нашата небиднина, за дополнитено да ни ја објасни нашата маленкост во европските и светски рамки. Македонија видела многу фуереа, леотари, едвардџозефи и слични други “евроатлантици“, ама вакво понижување, никогаш немало. Овие барем беа “некој и нешто“, луѓе со определен личен и државен акредитив, оваа навистина е никој и ништо, случајна личност во нашата обсебеност со себе си. Да, точно така. Жалното е тоа, што за неа ние бевме “ничија територија“, земја-ловиште каде што секој малку по амбициозен белосветски политичар, доаѓа да си ја проба среќата, евентуално да погоди некаков “трофеј“ кој ќе виси во неговата дневна соба, пред важните гости. Пред стотина години тоа биле глави од носорози, лавови и леопарди, денес тоа е нашата, македонска, па ако сакате и македонистичка гордост. Така се самопонижува народот од оваа земја, не само македонскиот, ами и сите оние кои останале и опстанале овде.
Не е Јана виновна и воопшто “ловот“ низ македонскиот медиокритетски естаблишмент не е случаен. Дискусиите за нас низ европските институции, демонстрациите од десетици илјади души низ градовите од земјата, информационите средства, кои речи сѝ се сите насочени кон актуелната влада, лабавото мнозинство на владеачките структури во Парламентот, како и отворениот антибугаризам/антиевропејство, се домаќините на Јана. Има во неа нешто балканско. Треба да видиме да не е “наше земље плод“, залутана низ “фашистичката“ Европа, толку благосклона кон сите “наши“, избегани и забегани од овие пространства. Бистра е таа, личи на сите овдешни подлеци. Зема европски пари, присутвува на некакви консултации таму (па нека е и онлајн), за потоа онака, патем и сосема “невино“, да води антиевропска пропаганда низ земја за која смета дека живеат неписмени глупаци…донекаде имала и право, ако судам по нејзините појави по порталите и телевизиите. Правилно ја оценила ситуацијата со нашата недоветност. Индикативно е што молчат дипломатите на ЕУ, претставникот на ЕУ Гир, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер и ред други. Може би и не е случајна личност. Тие и даваат пари, ја канат во друштво, за потоа таа да ги плука, конкретно Франција и Бугарија и нивните дипломатии…а парите се европски! Такви пари и медиска моќ, не се даваат на случајна личност.
Ни нашата почва не е поинаква. И тука имаме многу јани, израснати како диво месо на македонското тело, напатено, силувано и напуштено. Демонстрациите против таканаречениот “француски предлог“ се слика на нашата двослика, нашата дволичност. Многумина меѓу демонстрантите се со бугарски “паспорти“, веќе одамна влезенни во европските пространства, а безобразно пукаат по Бугарија. Некои од нив стекнале и високо образование и специјализации низ бугарските универзитети, биле финансиски привилегирани на ниво на граѓани на Бугарија, па сега ги гледаме на протестите. Интересно е што може да се видат цели семејства, сите со бугарски пасоши и образование, во поворките на демонстрантите против “францускиот предлог“. Малку им е тоа што ги нарекуваа луѓето таму како фашисти, за сега да почнат да ги нарекуваат и нацисти…така до бескрај. Бедно додворување до оној за кого очекуваат да биде новиот премиер…се редат на копанката!
Средствата за јавно информирање молчат, се прават на патриоти. Јавниот сервис МРТВ води стерилна не-европска политика, притиснат од парламентарната неизвесност на било кои наредни избори. Таму има едно “вечно“ раководство, полтронско, стерилно и нетворечко…срамно за целата нација. Живеат од народните пари, од буџетот, ама не би се зачудил ако и тие со некое “мало лажиче црпнат“ од европските фондови…тоа би личело на нас. Директорот никој не го знае, но така е најдобро и за него и за нас. Поминаа оние времиња кога директоруваше Матеја Матески, па цел ЦК беше често против него, но тој ја водеше политиката свесно, совесно и лукаво…го викавме “византиец“, во позитивната смисла на зборот. Сите се сеќаваме со носталгија по Пиноче. За оние кои не знаат, тоа е генералниот директор на МРТВ од времето на преодот од деведесетите, Љупчо Јакимовски. Сите му се плашеа, а бога ми некои и го мразеа (затоа беше Пиноче), ама кога си замина сфативме каква загуба имала нашата МРТВ. Некои од нас се сетија, ама “возот“ веке беше си заминал. Пиноче беше во вечно дејстие, ове сегашниве, како некоја странска непозната сила да ги врбувала за бездејствие.
Некаде од заднина дејствуваат прочуените “невладини“ организации…дејствуваат мукло, темно и превратно. Дејствуваат антибугарски, антиевропски и конечно, дејствуваат антимакедонски. Имаат своја, посткомунистичка, националшовинистичка и недемократска визија за Европа и за нашиот пат натаму. Не сакаат да прифатат дека Обединета Европа постои од Карло Велики и дека Де Гол и Аденауер не отишле случајно на прочуената миса во Катедралата од Ремс na 8. Јули 1962 година…тоа е наследството на Карло Велики. На 5 јули 1963 година е основана организацијата на француско-германската младина. Барем заради европските пари кои ги примаат и така брутално ги трошат, на народот да му приопштат некои сознанија за тоа како се прави Голема Европа, како се прави помирување. Да кажат дека Шарл Де Гол на чинот на помирувањето одржува бројни говори низ Германија на германски јазик. Најзначаен е неговиот говор пред питомците на Воената академија не Германија, каде говори на германски, јазикот кој го научил кога четири години бил германски воен заробеник, за време на Првата светска војна. Конрад Аденауер, држел говори на француски јазик низ цела Франција, говорејќи дека со гордост се приопштил кон големата француска култура. Но тоа се тие, европјаните…на нашите медии сто години се нема чуено бугарска реч или песна, освен ако не е со намера да се изблатат “фашистите“! Сме трганале по слеп пат.
Требаше премиерот Ковачевски кон крајот на јуни да ги обвини европските институции (според пишувањата на Zoom) во Брисел и европските експерти, кои во исто време раководат и со невладини организации, за свесно и оркестрирано ширење на хистерија во медиумите против францускиот предлог, со кој треба да се надмине спорот со Бугарија. По ваквото обвинување на премиерот, администрацијата на Европската Унија побарала од дипломатската мрежа да собере информации за аргументите што овие невладини експерти ги користат во дебатата за францускиот предлог. Барем така стои по медиите.
Така разбравме дека сме имале дури 11 невладини организации, финансирани со европски пари, задолжени за промоција на европските вредности. Наместо тоа, добиваме антиевропство, националшовинизам и реклама на некаква идна “проруска “ Европа, зошто оваа ќе изумрела. Сигурно ќе изумри, кога дава пари за сопствено самоуништување. Наводната “европска“ единаесеторка, која веројатно троши пари како некој добар фудбалски клуб (11 души сосе голманот), дигна рев и плач до небо, заради обвиненијата кон нив и зародишот на некаква цензура. Обвиненијата се точни, тие беа и соросоиди и лажни европејци и уште полажни демократи…дервиши на бенефитот. Се претворија во дувло на безидејниот македонски национализам, деструктивен и лишен од секаква структурна форма. Конечно, човечки е да бараш демократија, ама во името на некаква демократска фикција, да го плукаш оној кој те финансира, твојот ментор, да го нарекуваш фашист и нацист е вистинско безобразие, отсуство на елементарна етика. Барем нека ги одбијат парите, па потоа нека уживаат во “нецензурираната“ слобода. Па и во тие пари има бугарски човечки труд на онаа несреќна, “корумпирана и најсиромашна земја во ЕУ“, како што повеќето од нив милуваат да ја претстават.
Јана Јузова е само врвот на ледениот брег кој незапирливо плови кон Македонија. Таа е само една припроста чешка активистка, стигнала по којзнае каков клуч до определени позиции во Унијата. Посакала нешто повеќе, па ние добивме фејкњуз по сите правила. Овде, кај нас лежат вистинските антиевропјци, ламјата со единаесет глави која се храни со европски пари, а исфла оган, омраза и отрови врз македонската земја. Ќе има ли спас за нас…

