AБРЕ БАЈ ПОСТОЛЕ: 152 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ВОЈВОДАТА АПОСТОЛ ПЕТКОВ ТЕРЗИЕВ-ЕНИЏЕ-ВАРДАРСКОТО СОНЦЕ

//

Војводата Апостол Петков Терзиев, наречен од народот Ениџе-вардарското сонце е роден на 6 мај1869 година во с. Бојмица во областа Бојмија, денес во егејскиот дел на Гевгелиско. Потекнува од родот на Терзиевци. Неговиот постар брат Митре бил ајдутин, а брат му Тано и братучед му Андон, загинале како комити.

Во 1897 г. влегува во Организацијата откако се запознал со Дамјан Груев. Во октомври 1897 г., по препорака од ЦК во Солун, и со залагање на Аргир Манасиев од Гевгелија, Апостол Петков и И. Карасулијата ја формирале првата чета на Организацијата во Солунскиот револуционерен округ.

Учествува во Илинденското востание како војвода на чета која дејствува во Солунскиот револуционерен округ. Учествува во неколку големи судири со редовна османска армија и башибозук.

По востанието за кратко оди во Бугарија, но брзо се враќа за да го чува населението на Ениџе-вардарско од можните одмазднички акции на османлиите. Во тоа време ја започнува својата борба и со припадниците на Грчката вооружена пропаганда.

Во 1905 г. неговата чета и четата на војводата Сава Михајлов се опкружени од аскер и башибозук кај гевгелиското село Смол. Се води долга борба. Животот го губат околу 40 комити, војводата Сава Михајлов се самоубива, а Апостол ранет успева да се спаси.

На 15 март 1905 г. во New York Times се појавува кратка дописка со лажната вест дека Апостол Петков загинал во судирот кај селото Смол.

The New York Times, Public domain, via Wikimedia Commons

Во таа дописка јасно се гледа каков војвода бил Апостол Петков и какви биле комитите што се бореле и загинале во борбата кај селото Смол.



Во период од 1905 до својата смрт во 1911 г. Апостол Петков води жестока борба со грчката црковна и вооружена пропаганда во Македонија.

По Хуриетот Апостол Петков со својата чета влегол во Ениџе Вардар, каде за кратко го суспендирал кајмакамот и ја зел власта во градот. По интервенција на Младотурскиот комитет од Солун и на поединци од Внатрешната организација, Апостол се откажал од намерата да „владее со Ениџевардарската каза“ и заминал за Солун. 

Апостол Петков Терзиев го губи својот живот при неразјаснети околности на 2 август 1911 г. , а како негов физички ликвидатор во одредени историски извори се спомнува Тодор Чифтоев, кој му бил секретар на војводата во одреден период, но подоцна преминал на страната на Грчката вооружена пропаганда.

Американскиот публицист Алберт Сониксен, А. Петков го именува како „македонски Робин Худ“, а грчката писателка Пинелопи Делта, го нарекува војводата „невидлив демон кој се чувствува на секаде, но не се гледа никаде“.

Во чест на големиот војвода, народот ќе ја испее следната песна.

Претходна статија

ВМРО-БНД ОД ПОНЕДЕЛНИК ЌЕ БАРА КОАЛИЦИОНЕН ПАРТНЕР ЗА ПРЕДВРЕМЕНИТЕ ИЗБОРИ ВО БУГАРИЈА

Следна статија

AВСТРИСКА МИНИСТЕРКА: ЗЕЛЕНИОТ ПАСОШ ДА СЕ ПРОШИРИ НА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН

Најново од Вести