Бугарската претседателка Јотова одликува тројца офицери за придонесот кон военото воздухопловство
Бугарската претседателка и врховен командант на вооружените сили, Илијана Јотова, денеска им врачи високи државни признанија на тројца офицери за нивниот придонес кон националната безбедност и одбраната, соопштија бугарските Военовоздухопловни сили на својата фејсбук-страница.
На церемонијата во претседателската институција, со „Почесниот знак на претседателот“ беа одликувани потполковник Димитар Рајчев Метаксов, мајор Марин Димитров Тасков и резервниот полковник Методи Љубенов Николов.
Признанијата беа доделени по повод празникот на бугарските Военовоздухопловни сили и 114 години од првиот борбен лет на бугарската воена авијација.
Метаксов, заменик-командант на Третата воздухопловна база во Граф Игнатиево, е одликуван за професионализмот, лидерските способности и придонесот во планирањето национални и меѓународни вежби. Тој извршува задачи за воздушно патролирање во заштита на бугарскиот воздушен простор и во рамките на обврските кон НАТО.
Тасков е инспектор за летачка обука во 24. воздухопловна база во Крумово и пилот од прва класа на хеликоптери Ми-17 и AS 532 AL. Покрај придонесот во планирањето и спроведувањето на летачките активности, во образложението се истакнуваат неговиот професионализам и храброст при гаснењето големи пожари во Бугарија во 2026 година.
Резервниот полковник Николов, поранешен заменик-командант на корпусот „Противвоздушна одбрана“, е награден за долгогодишната посветена служба и придонесот кон развојот и зајакнувањето на бугарскиот систем за противвоздушна одбрана.
На церемонијата присуствуваа началникот на одбраната, адмирал Емил Ефтимов, заменик-министерката за одбрана Катерина Граматикова-Иванова, командантот на Военовоздухопловните сили, генерал-мајор Николај Русев, како и претставници на военото раководство и питомци.
