Целосна независност

//

Facebook статус на Никица Корубин

Независноста е комплетна кога си свесен за неа. И за нејзиното немерливо значење, со било што. Освен што е факт, како држава, таа пред се’ е став за неа, како припадност кон нешто свое. Но, за таа независност целосно да биде наша, треба да биде така и третирана. Тежок е патот од менталната зависност, до менталната независност. И се чини дека тоа е последната етапа, од тековниот процес, на преговори со ЕУ: целосна суштинска независност, како сопствена држава, а не нечиј подарок кој во секој момент може да биде повлечен.

Колку повеќе ламентирање дека “не не’ бива”, толку повеќе свесно таргетирање на менталната зависност, како константно отворен прозорец за “исправање” на историјата. Се разбира не нашата, туку туѓата визура, за тоа како нечија историја, а и територија треба да изгледа. Спакувано во различни термини. Константното потсетување “колку било убаво порано”, кои се нашите “природни врски” и пријатели, во комбинација со тенденциозната и систематска узурпација на сите сегменти од општеството; е алартмантиот потсетник на 31 годишниот обид за максимално обезвреднување и потчинување на личната и колективната самодоверба. Формално, државата е заробена од партиите, а суштински и партиите и општеството се заробени од носталгичните и лукративни врски, монструозно создадени и одржувани, државата да не се развива, туку да вегетира. Како територија, а не самостоен национален, етнички, култоролошки и цивилизациски супстрат.



Негуваното и барано подаништво, на сметка на силниот и самосвесен индивидуализам, на сите нивоа и во сите сфери, е силен механизам за чувство на инфериорност и немоќ. Неможност за промени, како доказ дека “сме пробале, ама не оди”. А, всушност промените се најголемиот страв, за локалните југо/србо-носталгичари, ментално и фактички зависни од менторот. Ама, господари на нашите животи. Затоа што мора да бидеме владеени, за да бидеме потчинети. Ние граѓаните на заробената држава, а тие на заробениот дух. Кој не смее да излезе од шишето, затоа што кога ќе излезе, повеќе нема да има потреба од контрола.

А, духот и свеста се темелот. Духот на нашата посебност како констелација и општество; и свеста дека ние и сите пред нас, се најзаслужните за нашата независност како држава. А, не секогаш “некој друг”, без кого нема да сме имале држава. Државата е производ на јасна свест, намера, желба и околности. И секогаш било така. Сеќавањето мора да го создаваме ние, со нашиот автентичен поглед, ослободени од историските, идеолошки и политички конструкции, кои се дел од историскиот континуитет, но не смеат да бидат дел од причината поради кои постои самата држава.

Причината се луѓето, нејзините граѓани, и нивната иднина, како нормална, цивилизирана, европска земја, која постои затоа што така самите сме решиле. И тоа е она што мораме да го одржиме, а за тоа ни треба целосна ментална независност и свест за единствената држава која ја имаме. И таа е независноста која треба да ја славиме. И токму затоа, поголем празник од овој нема. Успеавме, пред 31 година. Време е да станеме свесни за тоа.

Претходна статија

Синдромот „Дедо Иван“ и нашата геополитичка неадекватност…

Следна статија

Димитар Стојанов: Бугарија обезбедува хуманитарна и воено-техничка помош за Украина

Најново од Ваш став

Игра на ниски страсти

Fb статус на Никица Корубин Дека политиката е врвна вештина која бара многу знаење, искуство, традиција