|

Д-р Марија Спасова oд Струмица, специјализант по кардиологија во Бугарија: „Ретко ќе најдете специјализант наспан, одморен и платен“

Извор: Studirajbg.com/ CRNOBELO.com

Интервју со Марија Спасова – млад кардиолог од Струмица која специјализира во Софија

„Медицинскиот факултет е 6 години, дополнителни 4 до 6 години е специјализацијата. Вкупно 10-12 години. Се стигнува до момент во којшто сте на 30 и нешто години, време кога вашата генерација основа семејства и има стабилни приходи, а вие влегувате од едно во друго дежурство, отсуствувате од важни празници и родендени, пропуштате оброци, дома сè уште учите од дебелите учебници…“, вели Марија Спасова (25) од Струмица, која е на специјализација во Софија и, покрај предизвиците, ја обожава својата професија.

Марија Спасова (25) од Струмица е лекар-специјализант по кардиологија во Националната кардиолошка болница во Софија (Бугарија), по потекло од Струмица.

Таа веќе шеста година живее Софија и е упорна да го оствари својот сон – да биде квалитетен кардиолог, којшто и клинички и духовно ќе допира до срцата на луѓето.

Зошто одлучи да студираш медицина токму во Софија, Бугарија?

Уште на почетокот на моето средно образование знаев дека ќе студирам некаде на страна.

Не ми допаѓаше како работите се поставени во нашиот систем и опциите беа или да станам дел од него или „да го избегнам“ барем додека сè уште сум во процес на едукација. Аплицирав и бев примена на медицински студии во Словенија, Унгарија, Србија и Бугарија. Софија беше крајниот избор земајќи го предвид фактот што по тоа време работев како новинар и имав тенденции да се развивам и во таа насока, па често се наложуваше до патувам до Македонија.

Софија беше најблискиот град и помалото географско растојание ми даваше можност да бидам во тек со случувањата на терен.

Како е да се биде специјализант таму и зошто токму кардиологија?

Морам да го искоментирам фактот дека овде многу полесно се стигнува до специјализација и не е вообичаено чекањето со години, помош од штаб или некакво друго „заобиколување“ на системот. Можеби тоа е најголемата предност.

Конкурсите за специјализации не се распишуваат од Министерството за здравство, а секоја болница автономно објавува слободни позиции за специјализанти на коишто младите лекари може да аплицираат. Дадени се сите услови и средства за учење и унапредување, ваше е да вложувате во себе. Мислам дека студентите по медицина се делат на две големи групи – едните претпочитаат хирургија, другите интерна медицина.

Отсекогаш бев дел од втората група, но до последен момент не знаев која од интернистичките гранки ќе биде „моето нешто“.

После дипломирањето, неколку посети на Клиниката по кардиологија беа доволни да сфатам дека ова е областа во којашто сакам да се развивам. Срцево-садовите заболувања се меѓу водечките причини за морбидитет и морталитет на глобално ниво, а тоа ја прави кардиологијата критично важна медицинска гранка.

Нуди континуирани предизвици кои бараат аналитичко размислување, брзо донесување одлуки и постојано усовршување – сето тоа е во склад со мојот професионален темперамент.

Кои се предизвиците на младите лекари специјализанти, колку работата во болница им влијае врз личниот и социјалниот живот?

Независно од тоа што специјализира, мислам дека ретко ќе најдете специјализант којшто ќе биде доволно наспиен, одморен и платен (ха-ха).

Во интерес на вистината, низ последните неколку години се направија некои позитивни промени коишто нè засегаат нас младите специјализанти, но има уште многу што да се прави и менува за да можеме да си ги зачуваме квалитетните кадри во државата. Медицинскиот факултет е 6 години, дополнителни 4 до 6 години е специјализацијата. Вкупно 10-12 години.

Се стигнува до момент во којшто сте на 30 и нешто години, време кога вашата генерација основа семејства и има стабилни приходи, а вие влегувате од едно во друго дежурство, отсуствувате од важни празници и родендени, пропуштате оброци, дома сè уште учите од дебелите учебници … и згора на сè, на крајот од месецот, она што ќе го видите на сметката во банка нема да биде доволно мотивациско.

Целото интервју прочитајте го овде.

Слични Објави