ДА БЕШЕ ГОЦЕ ЛЕКАР…

Да беше Гоце лекар, ќе го истепавте, ама пошо е идеолог само ќе го делите…

Голема среќа имал Гоце Делчев што предавал бугарски во училиштата на Егзархијата пред 120 години во поробена Македонија. Можел да се роди во титова Македонија, да заврши медицина во транзициска Македонија и со веќе завршена специјализација да јаде ќотек во евроатлантска  Македонија.

Можел и даскал да се стори, па да се радува на 5-те % покачување на платата што во европска Македонија е повод за помпезен прес и фалење. Оти и онака им се големи платите на просветните работници. Помали од 11 илјади евра за 6 месеци, за пратенички патни трошоци, но сепак големи…

Министерот Адеми рече дека платите во образованието ќе се покачувале уште, само на надлежните им требало уште малку време. Ете да го добиеме датумот за преговори, да го одбраниме Гоце од Татарите, па ќе биде и тоа. Што се секирате ?!

Лекарите?

Тие ќе продолжат да јадат ќотек додека и последниот од нив не се потпише како Бугарин, како што навремето тоа го направил Гоце, пошо нели, како што рече претседателот Пендаровски, немал друга опција. Ќе си земе европски документи и последниот македонски лекар, а нас ќе нè лечи Иван Исцелител и ќе нè чува од болести, македонштината на Гоце .

Автор: Атанас Величков