ДВЕ ТЕЗИ-ЕДНО ВЕТО?!
Создавањето на позицијата во нашето општество дека соседна Бугарија не го признава постоењето на македонскиот народ и јазик (кои всушност се денешна реалност во Македонија) и со тоа има за цел да ги урниса основите на модерниот македонски идентитет, како и да го укине едно од основните човекови права во 21-от век, правото на самоопределување од една страна и создавањето на тезата во Бугарија дека во Македонија има сериозна анти-бугарска реторика (која секој искрен човек може да констатира дека е така, особено во последниот период од време), како и тоа дека Македонија не го спроведува Договорот за добрососедство и не е подготвена да ги реши историските прашања од друга страна, се двете тези кои се многу блиску да резултираат со вето.
Овие два клучни моменти, два реални и тврдо вкоренети митови кои се позиционирани и прифатени во бугарското и македонското општество, денеска претставуваат и основа на политичкиот и дипломатскиот наратив помеѓу Скопје и Софија и тоа до голем степен се должи на политичкиот егоизам на политичари кои сметаат дека решавањето на проблемот ќе им донесе негативни политички тенденции како и од мислењето на истите политичари дека проблемот ќе ни го реши некој друг.
За моја огромна жал, бидејќи сум убеден во единствениот пат по кој треба да се движи и да се развива Македонија, која е полноправна членка на НАТО, е патот на интеграција во ЕУ, таквите мислења од типот „друг ќе го реши проблемот“ или пак моментот со таканаречените „непопуларни“ решенија за внатрешна употреба, нема како да не одбележам дека не чинеше многу „скапо“, имајќи предвид како се развиваше и се реши спорот со Грција.
Во неколку наврати сум споделувал, иако често сум бил напаѓан и критикуван за таа позиција, а и до ден денешен мислам дека решението на овој проблем се наоѓа во простата синтагма, вкоренета во основите на Договорот за добрососедство како филозофија, а имено-Бугарија да ја прифати и отслика во својата политика и реторика општествено, политичката како и јазично и етничка реалност, а ние да ја прифатиме историската вистина, како и вистината за патот по кој се создадени македонската нација и јазик.
Потребно е активна работа за разбивање на овие два мита, кои се длабоко врежани во македонското и бугарското општество, со цена и на политички „ризици“. Потребно е изнаоѓање на брзи и функционални решенија, во кои да има јасни пораки и од наша и од страна на Бугарија.
Резултирањето на овој процес со вето, ќе изигра улога на „бетонирање“ на позициите, активна дипломатска мисија од двете страни, но не во насока на решавање на проблемот, туку објаснување на позициите, во кој процес и резултат на вето, Македонија ќе изгуби стратешки моменти и реална можност за подинамична европска интеграција.
Потребен ни е општествен консензус односно нашите стратешки интереси, во кој консензус политичкиот егоизам, дневно политичките препукувања и интереси, како и „итроштините“ базирани на популарните тези од минатото, ќе ги оставиме во минатото. Решавањето на проблемот е во исклучителна наша корист, а кристализирањето и таканаречената „историска ревизија“ ни е потребна нам како општество, кое е тврдо решено да биде модерно и европско и да се темели на вистината и фактите извлечени од документите на соодветната епоха.
Автор: Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократска Унија

