ЅВЕРСТВАТА НА ПОТУРЧЕНИОТ АЛБАНЕЦ ЈАЈА АГА И НА СРПСКИТЕ ОКУПАТОРСКИ ВОЈСКИ ВО МАКЕДОНИЈА
За ѕверствата извршени од овој проклет Јаја – ага (потурчен Албанец) и на српската окупаторска војска, пишува во книгата на Димитар Галев „Белиот терор во Југоисточна Македонија 1912-1941 книга прва“. За да ги изнесам овие факти или злодела вршени од страна на албанскиот Јаја – ага, а помогнат од Србите, ме натера тоа што, господинот Сотир Костов се повика на масакрот во с. Јаболчиште извршен врз албанското население од страна на бугарската војска. Јас во петтиот дел на мојата колумна „Македонската Голгота“ го повикав господинот Сотир Костов да истражи и изнесе какви злодела вршеле Албанците врз нашето население, но до сега не видов да се има заинтересирано да изнесе такви факти и докази. Нормално, тој е загрижен да ги оцрнува нашите браќа Бугари. Тие му се најголем непријател, па спремен е со секого да влезе во сојуз против нив. Е па, господине Сотир, еве ќе изнесеме некои нечовечности (ова е благ збор) извршени од јаничарот Албанец Јаја – ага врз нашето македонско население.
По кажување на луѓе – очевидци на настаните (бидејќи скоро цела книга Белиот терор е по кажувања на очевидци напишана), во книгата е запишано: „На 28 Јуни 1913 година началникот на Тиквешкиот округ, господин Николиќ, изненаден од масовниот протест на месното население и од страв да не падне во рацете на четите на ВМРО, со голем број свои соработници панично и со страв го напуштиле Кавадарци и се упатиле да бегаат во правец на Градско и Велес. На патот кон Велес, Николиќ се задржал извесно време во селото Долно Чичево, Велешко, каде што се сретнал со јаничарот, потурчениот Гега – Јаја – ага, познат во околината и како Јаја – оџа и Јаја – капетан. Николиќ му се пожалил на премногу титулираниот Јаја на бруталните постапки од страна на бугарашите од Тиквешијата, а истовремено побарал од него да организира чета, составена од месните Турци, која ќе им помага на српските војски за повторно заземање и воспоставување контрола над Неготино, Кавадарци и целата долина на Вардар… Исплашен од настаните во Кавадарци, окружниот началник Николиќ не ни помислувал дека човекот со кого се договорил Јаја – ага е однароден Албанец – јаничар, ниту се посомневал во неговото бескомпромисно прифаќање на ваквата, би се рекло, не секојдневна понуда.“
Јаја – ага брзо собрал околу 300 башибозуци и побарал од Николиќ униформи и оружје, што началникот Николиќ ваквите брзи потези го воодушевиле. Јаја – ага не бил само непријател на Бугарите, како што се претставувал пред Србите, туку тој бил непријател на Крстот односно на сѐ христијанско. Тој се зближил и со српските војводи: Василије Трбиќ, Јован Бабунски и Јован Долгачот.
Понатаму во книгата, за неговите походи, го пишува следното: „На 7 Јули 1913 година Јаја – ага со своите 250 јаничари, чијшто број повремено се зголемувал до 1000 души башибозуци, упаднал во тиквешкото село Курија во кое извршиле бројни убиства, силувања и опожарување на куќите. Јаја – ага наредил да се фатат некои од селаните (во книгата ги пишува по број и со име и презиме). Означените лица од реден број 1 до 12 биле иззаврзани со ортоми и одведени во правец на селото Росоман… врзаните селани биле одвлечени во месноста „Стари бостани“, меѓу селата Росоман и Долно Чичево и тука биле избодени со ножеви. Масакрот го преживеал само Михајло Трајков, кој случајно, при превртувањето на жртвите од страна на џелатите, паднал под телата на своите другари…“
Следниот поход го извршил во селото Рибарци, каде што запалиле повеќе плевни во кои живи изгореле голем број селани. Други биле печени живи во фурните за леб и за печење на сливи. Најголем број накажани со печење во фурните, биле деца.
Потоа до темел го изгорел селото Мрзен Ораовец, Кавадаречко и сите селани кои биле затекнати во селото биле живи испечени, меѓу кои бил и свештеникот Илија.
Понатаму ги нападнале селата: Камен Дол и Бизино Чифличе. Од првото село биле убиени 4 лица и домовите биле сите изгорени, а од второто сите мажи, жени, деца и старци биле ставени под клуч, а потоа изгорени заедно со куќите.
Селото Шивец целосно било разграбано и запалено, а биле убиени и запалени вкупно 40 селани. Во тоа време Руса Џапова Мушкалова се породила со три деца и не можејќи да бега останала во селото. Башибозуците неа со децата ја ставиле во еден меѓупростор каде што децата од чадот и пламенот се задушиле, а мајката бранејќи ги своите чеда добила длабоки изгореници.
По сите овие злосторства, башибозуците и Јаја – ага нападнале на градот Неготино и Кавадарци. Но, во Неготино наишле на организиран и силен отпор и Јаја – ага се обратил за помош кон српските воени единици на што српската војска се одѕвала и му притекнала на помош на потурчениот Албанец Јаја – ага. Потоа настапил невиден терор во градот со дозвола од српските офицери. Околу 750 куќи и 100 дуќани биле опожарени заедно со луѓето. „Таков е случајот со семејството на Пано Арсов кој заедно со својата мајка Миска и 8 годишната ќерка Богданка изгореле во својата куќа.“ – пишува во книгата на Галев.
По наредба на Јаја – ага, сите кои некако успеале да се спасат од огнот ги фрлале назад во пламенот. За овие морничави и стравотни глетки, е забележано: „Тоа не било проклетство од Бога, туку од човечка рака, поттикната од омраза и од дивиот нагон за разурнување. Јаја – ага се „опијанувал“ од својата гнасна игра. Не сакал само градот да го види во пепел, туку и неговите жители да се измачат во пеколните маки. За време на силниот пожар, разгорен од бура, имало луѓе со пресечени јазици кои што биле оставени да се измачуваат во болки и како споулавени да врескаат и безумно да талкаат низ улиците. Нив, џелатот не сакал да ги уби, оти смртта им се чинела дека им е спас и е поарна од вечните маки. Ги оставиле да живеат за да сведочат за ужасот.“
На 9 Јули 1913 година, кога цело Неготино било во пламен, по наредба на командантот на српската војска, на железничката станица Криволак биле истепани сите мажи кои пред тоа биле запленети во манастирот „Св. Георгиј“. Според една верзија, нивните тела биле испосечени и закопани во дупка, а според друга, откако биле избодени со ножеви, телата на убиените биле фрлени во река Вардар.
Турските разбојници практикувале, пред да го извршат убиството, жртвите да ги измачуваат сечејќи им ги јазиците, ушите, носот, а на најголем број им ги ваделе очите.
Во Тиквешијата меѓу 7 и 12 Јули 1913 година бил извршен голем терор. Меѓу другото, во една плевна во село Дуброво биле масакрирани, ранети 20-30 бугарски војници и нивните трупови биле фрлени во реката Вардар.
Во Кавадарци пак убиени биле околу 360 луѓе.
Во село Градец, Валандовско е извршен невиден терор од страна на башибозуците на Јаја – ага и од српските коњаници и четници. Невиното население било убивано со ножеви, шила и балтаци. Заклани биле 74 души, додека пак 300 го преживеале масакрот бегајќи во Радовиш, а други 300 емигрирале за Бугарија, од кои мнозина умреле по патот (преживеаните претходно побегнале во планината). Секој што ќе успеел да излезе од селото бил намамуван да бега во шумата, каде што го чекала страшна смрт. Еден жив сведок во своите спомени вели: „Кога почнаа нашите да ги сечат со балтаци и трнокопи, ние двајцата плачевме и си ги баравме родителите. Мене ме фатија за рацете Митра Ризманова и Маца Ризманова, веројатно за да има некој со нив при бегањето низ планината. Но, штом стасавме во шумата, нѐ заградија од сите страни разбојници вооружени со балтаци и ножеви. И на двете жени разбојниците на наш јазик им понудија да се потурчат, но кога тие не се согласија да ја сменат верата, еден чауш ја завлече Митра за себе, а на останатите им ја даде Маца Ризманова. Кога започнаа да ги дават и да ги силуваат жените, разбојниците заборавија на мене. Јас се сокрив зад едно дрво од каде што сѐ гледав и слушав. Бидејќи Митра Ризманова многу се противеше на чаушот, тој повика други двајца разбојници кои со нозете нагазнаа врз нејзините раце, а во тоа време чаушот ја силуваше. Кога тој заврши со силувањето им нареди на другите и тие да ја силуваат, што и го сторија. Додека за Маца Ризманова се натпреваруваа кој понапред да ја изнасили. До извесно време жените пискаа, а потоа лежејќи на земјата како да се мртви, за кусо време ги оставија така да лежат. Во моментот кога мислев да идам кај нив за да видам дали се живи, разбојниците пак се вратија и со ножеви ги избодеа. Подоцна разбрав дека така ѝ сториле и на Доца Шопова, која по силувањето ја сосекле со балтаци, а на поп Христо му забиле штик во папокот и му рекле: ‘сега ќе видиш оти ќе ти се замени шапката’. Знам дека Митра Пејова беше убава мома и имаше 17 или 18 години. За неа не се знае ништо. Не се најде трага и за Зоја Пејова и за Милка Пазова. За овие три жени се смета дека се потурчени или се убиени, но не во Градец, туку во куќите на грабнувачите. За колежот во Градец, сѐ до 1915 година Турците не зборуваа ништо. Жртва на ова клање беше и татко ми Никола. Јас останав сирак.“
Ете таква е нашата судбина – тешка, жалосна, неправедна… И покрај вакви колежи и масакри, некој јаничар како Сотир Костов ќе ги жали и брани Албанците од село Јаболчиште, а ќе ги обвинува бугарските војски кои ‘извршиле ѕверства’.
Тие ‘ѕверства’ извршени од страна на бугарската војска и четите на ВМРО врз Албанците, Турците, Србите и србоманите, господине Сотир, во тоа време се поради овие работи кои ги пишав погоре. Народот бил полн со гнев и омраза и бил жеден за одмазда. Затоа те молам, ако си од нашиот род, немој да ги обвинуваш бугарските војски, ниту пак четите на ВМРО.
Автор: Тодор Вангелов