|

ЕНП започна проверка на партијата на Вучиќ, во врска со нејзината геополитичка ориентација

Европската народна партија (ЕНП) започна внатрешна постапка за проверка поврзана со улогата на Српската напредна партија (СНП), која повеќе од една деценија ја водеше српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува „Евроњуз“, пренесува БГНЕС.

Раководството на ЕНП ја задолжи генералната секретарка Долорс Монсерат и потпретседателот Костис Хаџидакис да го предводат процесот, кој е опишан како „детална и брза внатрешна истрага со отворен излез“.

СНП е асоциран член на ЕНП од 2016 година. Вучиќ беше лидер на партијата од 2012 до 2023 година, кога раководството му го предаде на сегашниот претседател, Милош Вучевиќ.

Во рамките на ЕНП растат критиките кон владејачката партија во Србија, особено поради развојот на настаните во земјата и геополитичката ориентација на СНП. Вучиќ одби да распише предвремени избори по масовните демонстрации против корупцијата и негрижата на властите, поттикнати од трагичниот инцидент во Нови Сад во ноември минатата година, кога се урна бетонската конструкција на новореновираната железничка станица и загинаа 16 лица.

Демонстрантите ја обвинуваат власта за полициско насилство, прекумерна употреба на сила и сексуален тормоз над опозициски активисти, додека СНП возвраќа со тврдења дека протестите имаат цел да предизвикаат нереди.

„ЕНП не ги затвора очите пред тоа што се случува во Србија,“ изјави претседателот на ЕНП Манфред Вебер пред новинарите во Стразбур на почетокот на месецот.

Дополнителна причина за загриженост е и блиската врска на Вучиќ со рускиот претседател Владимир Путин. И покрај руската инвазија врз Украина, српскиот лидер реши да ги одржува блиските односи со Москва, повикувајќи се на историските врски и енергетската безбедност. На 9 мај 2025 година Вучиќ дури му се придружи на Путин во Москва за Парадата по повод Денот на победата, што предизвика големо незадоволство во Брисел и во самата ЕНП. Во ЕНП постојат различни ставови во врска со членството на СНП. Проверкава нема ниту конкретен временски рок, ниту однапред определен резултат.

Според статутот на ЕНП, евентуално замрзнување или исклучување на српската партија може да биде предложено од раководството или од најмалку седум партии од пет различни држави, а конечната одлука ја носи Политичкото собрание.

Слични Објави