|

Ерменија и Азербејџан на мировни преговори во САД

САД од вчера се домаќини на мировните преговорите меѓу Ерменија и Азербејџан чија цел е смирување на неодамнешните тензии околу спорната енклава Нагорно-Карабах, пренесува „Ал Арабија“.

Ерменија и Азербејџан двапати војуваа – во 1990 и цо 2020 година – околу регионот кој официјално е територија на Азербејџан, но е населен со мнозинско Ерменско население, но конфликтот постојано се поттикнува.

Тензиите повторно се зголемија минатата недела откако Азербејџан постави контролен пункт на коридорот Лачин, единствената копнена врска меѓу Ерменија и спорниот регион Нагорно-Карабах, чекор што го разбесни Ереван и беше проследен размена на оган од двете страни на границата.

Ерменија го смета овој потег на Азербејџан како прекршување на примирјето за кое се преговараше меѓу двете страни.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен во неделата ги започна очекуваните четиридневни мирновни преговори меѓу двете страни на вечера со министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан, Арарат Мирзојан и Џејхун Бајрамов во објект на Стејт департментот надвор од Вашингтон.

„Секретарот верува дека директниот дијалог е клучен за решавање на прашањата и постигнување траен мир“, рече портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.

Блинкен во неделата разговараше и со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изразувајќи загриженост за контролниот пункт за кој рече дека ги поткопува напорите за воспоставување доверба во мировниот процес, се вели во соопштението на Стејт департментот.

Претходно во саботата, Блинкен разговараше и со премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, нагласувајќи ја важноста од мировните разговори и ветувајќи континуирана поддршка од САД.

„Не биравме зборови за потребата од слободен проток на сообраќај и луѓе и трговија низ коридорот Лачин“, истакна Пател.

Според анонимен официјален американски претставник, разговорите се повеќе насочени кон договор за нормализација на односите отколку кон мировен договор. САД очекуваат двете страни да имаат директна и искрена дискусија за сите прашања.

Москва посредуваше за прекин на огнот меѓу Ереван и Баку по последниот судир во 2020 година и постави повеќе од 2.000 мировници долж коридорот Лачин во Нагорно-Карабах во ноември откако Ереван и Баку се договорија за мировен договор за ставање крај на повеќенеделните жестоки борби за спорниот регион.

Со оглед на тоа што Русија е заглавена во Украина и не сака да ги заостри врските со клучниот сојузник на Азербејџан, Турција, САД и ЕУ се обидуваат да го поттикнат затоплувањето на односите.

Блинкен веќе учествуваше на два трилатерални состаноци со двата кавкаски ривали во ноември минатата година, а потоа повторно во февруари на маргините на меѓународната безбедносна конференција во Минхен, Германија.



Слични Објави