Г-ѓо министерке, Бугарите во Македонија постојат*
Facebook статус на Љупчо Ѓорѓиевски
Министерката Божиновска се обидува да ни каже дека сите што добиле бугарско државјанство го сториле тоа од „економски причини“, како да е тоа некоја формалност, брз процес во кој едноставно одиш кај бугарски адвокат, му плаќаш, и еве го – пасошот. Но, вистината е далеку од тоа. Бугарско државјанство не се добива така лесно – за да го добиеш, треба да докажеш свое бугарско потекло. И тоа не било какви докази, туку често документи стари повеќе од сто години – сведителства за свето крштение од бугарската егзархија, кои твоето семејство ги чувало љубоморно низ генерации.
Замислете само: документи кои преживеале и времиња на големи страдања, документи кои значеле живот или смрт во некои од најмрачните периоди на комунистичкиот режим. Семејства кои со огромен ризик ги зачувале овие парчиња историја, и покрај заканите за губење на животот. Овие документи не се само обична хартија, туку сведоштва за идентитет, за припадност, за долгогодишната врска со бугарскиот народ. И, сега, министерката сака да ни каже дека тие луѓе, кои го докажале своето потекло, не се вистински Бугари? Само затоа што нејзиното искуство со бугарското државјанство е „економска потреба“?
Ако министерката навистина верува дека сите се како неа, би било добро да ги погледне малку поубаво тие што добиле бугарско државјанство преку наследство и длабоки семејни корени. Можеби, кога бугарите конечно ќе бидат внесени во Уставот како уставотворен народ, ќе сфати дека за многумина бугарскиот пасош не е само алатка за работа во ЕУ, туку и симбол на семејна историја и културна припадност. Тие не добиле пасош заради некоја моментална „потреба“, туку поради гордост и признание на нивниот вистински идентитет.
Министерката може да продолжи да се прави дека ова е само административна игра, но вистината е дека Бугарите во Македонија постојат, со своите документи, своето наследство, и своето чувство на припадност. И кога ќе дојде денот тие да бидат уставно признати, можеби тогаш ќе престанат изненадувањата за луѓе како неа.
*Насловот е на редакциjaта
