(ГАЛЕРИЈА) СЕЛО БРАЈЧИНО- ВО ПРЕГРАТКИТЕ НА БАБА ПЛАНИНА

Село Брајчино е уште едно автентично село кое припаѓа на Брсјачката етнографската целина – Долна Преспа. Се наоѓа на илјада метри надморска височина, извезено на ридско-планинскиот предел, од двете страни на живописната Брајчинска река, која го дели селото на четири големи маала: Горна Маала (го зафаќа источниот), Долна Маала (северозападниот), Чороловска Маала (западниот) и Камејнче Маала (јужниот дел на селото). Секое маало раскажува приказна за себе која ве остава без здив, особено кога ќе ги погледнете куќите од резбан камен, калдрмисаните сокачиња кои тајни кријат и ве водат кон најубавата глетка на тоа што природата го створила, а тоа е Преспанското Езеро и соседните села, како ѓердани нанижени на планинските предели.

Фото: Никола Коларовски

Брајчино претставува село од збиен тип, со најголем атар од сите села во околината на Преспа. Опколено е од сите страни со иглолисна и листопадна шума, бујни ливади, далеку познатите јаболкови расадници, минерални извори кои водат до Пелистер, брзи водотеци (леви и десни притоки на Брајчинска или Стара река како што ја нарекуваат Брајчинци.

Во минатото, ова село броело до илјада жители, имало и свое училиште во кое се изведувала настава до четврто одделение, споменик на Ноб како дел од богатата вековна историја.

Кротко и питомо селце, вгнездено во длабоките пазуви на Баба планина и нејзината огранка-Балтан планина. Длабоко во подножјето на Балтан, е затскриен прекрасниот Манастир Св.Петка, кој претставува еден од најзначајните и најстарите храмови на духовното творештво не само за Брајчино, туку за целиот Преспански регион. Не постојат веродостојни записи за неговата изградба, некаде се сретнува дека датира од 15ти век, а некаде од 17ти век. Манастирот располага со конаци за спиење, во кои што можете да го пронајдете својот внатрешен мир и спокој.

Фото: Никола Коларовски

Главно обележје со кое се одликува Брајчино, е празнувањето на св.Петка на осми август, во чест на истоимениот Манастир. На  овој ден се одржуваат и Брајчинските Иселенички средби, кои се проследени со разновидни манифестации, музика и панаѓур. Брајчино најмногу заживува во летниот период, бидејќи тогаш се враќаат иселениците од дијаспората за да се видат со своите роднини.

За Потеклото на Брајчино се поврзува преданието каде што пишува дека ова село на почетокот било населено од луѓе блиски по род (браќа и братучеди) па и оттаму името Братучина- Брајчино.

Селото Брајчино е обогатено со беспрекорна убавина, вистинска воздушна бања, за сите оние вљубеници во природата претставува вистински рај на земјата.Самиот поглед,исконски убавата Брајчинска панорама не ве остава рамнодушни. Утра исполнети со тишина, мирис на јаболка и разновидни билки, звуците и прекрасниот пејзаж на природата.

Автор: Кристина Паскоска, етнолог и антрополог