| |

Гарантирање на гаранциите – кои се гаранциите за “предвидливоста на иднината” надвор од ЕУ?

Никица Корубин

Има еден индикативен феномен кој што се одвива во првата половина на оваа година, а кој наликува на првата половина на 2022 година, годината кога некаде во овој период беше усвоена преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ, како резултат на консензус помеѓу сите земји членки на ЕУ, врз основа на она што се нарекуваше “француски предлог” поради тогашното француско претседавање со ЕУ и дипломатската асистенција пружена од нивна страна. И тогаш и сега ЕУ членството беше главна тема. И тогаш и сега, погласна е (антибугарската) хистерија од рационалноста.

И интересно и тогаш и сега СДСМ (и ДУИ) тогаш во улога на власт – имаа про-европска реторика (обременета со доста скепса и малку “отворен Балкан” шмек), а “јавноста” – во кој само партиско/политичкиот дел го “извршуваше” ВМРО-ДПМНЕ; а суштинскиот дел го “извршуваа” сите про-европски и европско финансирани невладини организации, разни “аналитичари и експерти”, медиуми – жестоко се спротиставуваа на решение, скриени позади параванот “одбрана на идентитетот”.

И после 4 години пауза, СДСМ (или барем некои нив) за прв пат, годинава се врати(ја) на отворена и јасна “про-европска”, а всушност објективна и вистината реторика, и кој е одговорот на тоа? Игнорирање и партиско/медиумска хистерија, односно свесно креирана состојба на “загрозеност и паника”.

И ако хистеријата е донекаде предвидлива и очекувана (некои ќе рече и договорена), иако крајно штетна; молкот е изненадувачки. Изненадувачки, од аспект на крајната и ултимативна цел – ЕУ интеграцијата како процес и исход, како реално единствена шанса за реформирање и спас на општеството и нормалноста на животот на граѓаните. Дали всушност самата идеја дека “озлогласената” СДСМ (реално одговорна за многу пропуштени и узурпирани процеси), може да има добра идеја и реторика – е пострашна од самата цел?

Тоа е всушност своевидна психолошка замка, во која “добрата идеја” се врзува за “лошиот носител”, и само поради “носителот” се одбива apriori и самата идеја. И станува поважен личниот (или колективниот) анимозитет, како и изградениот став дека “СДСМ мора да пропадне”, па дури и кога ја говори вистината, таа станува небитна во име на личната (емотивна или клиентиелистичка) веќе изградена позиција. Своевиден политички егоизам и нарцизам.

И иако, апатијата и недовербата на граѓаните се на максимум, дополнително “анестезирани” со отсуство на увид во реална проценка на политичката (драматична) состојба, и регионално и европски, како резултат на “заробеното општество” – изборот или спасот, односно метафоричкиот “принц на бел коњ” кој треба да дојде – е далеку од реалноста исто колку што се далеку капацитетите на 35-годишното систематско “заробување” на државата и општеството.

Па, оттаму во целата намерна какофонија, што се произведува на дневна основа, со свесно апстрахирање на тенденциозноста и (зло)намерноста, сите овие години на систематско уништување на институциите на системот, а истовремено нивно преживување само преку ЕУ и нивните фондови – главното прашање останува: а, кои се гаранциите за опстанок и функционирање на државата надвор од ЕУ? Кој ги дава и од кого се бараат?

Ако, ЕУ “не’ додржува” и не’ негува и помага, бара од нас “правила и принципи”, одговорност и зрелост, она што го бараме сите како граѓани од државата, и она што приватно и јавно го практикуваме како граѓани – која е вистинската адреса за гаранции? Тој што “вложува” или тој што “троши” – време, енергија, ресурси, години од нашите животи?

И затоа секогаш идејата е важна, исто како и прилагодувањето на самата идеја. Со достапните ресурси и дадените околности. Затоа што “моментот” не го градиме ние, туку го користиме. И дали “моментот” на војна на европско тло, војна на блискиот исток – со интелектуално, креативно, економски, политички и образовно исцрпена и “потрошена” држава, која брутално и систематски го уништува сопственото културно наследство, додека ламентира за идентитетот – има воопшто можност да “дебатира” за избор, кога изборот е единствен – ЕУ како еднистве организиран, политички, економски и цивилизациски систем на кој секако сме и индивидуално и колективно упатени?

Иднината е проекција на сегашноста, а сегашноста е производ на минатото. А сегашноста е всушност “духот на времето” и неговото правилно разбирање. И, дали овој zeitgeist е толку многу (временски) ограничен, што секое негово предизвикување и “пребирање” е всушност наше (само)блокирање, во “трката со времето”? И што е нашата крајна цел – “да бидеме во право” или “да бидеме на правиот пат”?

Слични Објави