И СТУДЕНТИТЕ НАЈАДЕНИ И АТИЏЕ ВРАБОТЕНА

Како човек што ги сетил убавините на мензите во речиси сите студентски домови во Скопје (со исклучок на „Медицинар“ и „Томе Стефановски-Сениќ“) можам слободно да речам дека 61-от денар во дневен просек што се издвојува за оброците на станарите, според истражувањето на Радио МОФ, покажува дека куварите во студентските мензи и бифеа се магионичари. Пазете не сум ироничен. Треба да си мегацар да успееш за тие пари да направиш манџи, кои ќе можат да се јадат и се разбира нема да го предизвикаат гневот на студентите, кои како што гледаме не се излезени на улица и не ги палат контејнерите во близина на нивните престојувалишта.

Едно нешто е кристално јасно од презентираните извештаи, не е доволно да бидеш на партиски список за добивање на легло за да добиеш и нешто повеќе од килограм и пол месо на месец. Треба да се потрудиш. Прво да завршиш факултет, второ да се скапеш од јадење лајна по социјалните мрежи за твојата политичка опција, да си редовен на состаноците во штаб и секако најважното да се надеваш дека твојот „труд“ ќе биде забележан од локалниот „запишувач“, за да се најдеш на списокот за вработување на „државно“, со што ќе можеш да си дозволиш многу повеќе од изброените добра во анализата за крпениот студентски живот на „Радио МОФ“.

Колега Ѓорчев (велам колега пошо и двајцата дипломиравме на Правен) ете зошто младите фаќаат магла од Македонија. Прават сѐ што треба, мирни се, тивки се и покрај тоа што знаат дека леглата во студентските домови се делат по партиска линија, завршуваат факултети, се трудат и на крајот што? Некој куропушач ќе добие работно место, а друг бизнис за тендери. Така било и така ќе биде додека ликови како Курто Дудуш завршуваат со опомени. Куртодудушовци имаше и во Ваше време колега, ајде да не се правиме наудрени.

Денеска читам сте бил загрижен за тоа што Македонците се евакуираат од Македонија. Сигурен сум дека и Вие ако не бевте „вечен“ пратеник, одамна ќе го направевте истото. Пендаровски си призна дека ќе извадел бугарски пасош, ако не станел претседател, имате ли мадиња да го направите истото, ако се разбира веќе немате извадено. Само да ве потсетам без да ги амнистирам комуњарите од нивните мизерни мерки за млади, што ги презентираа пред извесно време. Македонците бегаа од Македонија и во времето кога Вие гордо се деревте „Победуваме“ додека ги читавте резултатите од изборите во вашиот партиски штаб.

Номинациите за „Оскар“ на македонскиот документарец „Медена земја“ дојдоа точно на време… за градоначалникот на Лозово, Ацо Велковски, чиј авторитет настрада пред извесно време, поради две стории со инволвирани службенички во Општината со којашто тој раководи. Најверојтно подучен дека само со деманти имиџ не се пере, Велковски сега ќе ја вработува главната хероина од „Медена земја“, тетка Атиџе. Таа исто така ќе добие нов кров за својата куќа и професионално запишано CD со песни што таа ги изведува. Идила ќе речете вие, а јас само ќе го додадам  зборчето предизборна пред вашата оптимистичка констатација драги пријатели.

На крајот од денот и студентите се најадени за помалку од 1 евро на ден и Германците и Бугарите да се живи и здрави што издаваат работни визи и пасоши за Македонци и Атиџе-вработена. Да, поголемиот дел од студентите ќе си заминат на прав пат да обновуваат други земји, а пак Атиџе ќе биде искористена предизборно, ама тоа се ситници. Важна е големата слика, а таа јасно покажува дека и власт и опозиција упорно се борат за Македонија. Нивната партиски поделена Македонија, која им ги полни џебовите за во зло време.

Автор: Атанас Величков