| |

Инструментализација наспроти помирување: зошто патот од Софиja до Ваташа поминува преку Куманово и Велес

Пишува: Проф. д-р Иван Д. Иванов, Универзитет во Синсинати

Деновиве одреден број бугарски интелектуалци најавија дека планираат да ја посетат Ваташа по повод одбележувањето на 80-годишнината од ужасните настани што се случија таму во јуни 1943 година и што доведоа до смртта на 12 младинци от селото. Како секоj чин коj се обидува да стимулира процесот на помирување меѓу две земји кои во моментов имат тензични односи поттикнати од силно спротивставените историски наративи, овоj чин сам по себе е за пофалба. Најголемиот проблем е контекстот во кој овој настан се случува и степенот до кој тоj може да поттикне кон вистинско помирување.

Какви чекори се потребни да се постигне помирување помеѓу бугарската страна и македонската страна? Потпирајќи се на случајот на Комисијата за мир и помирување во Јужноафриканската република, Присила Хејнер предлага во неизната книга од 2001 година три клучни прашања како критериуми за помирување меѓу поранешните противници: прво: на коj начин се решава минатото во јавната сфера; второ: какви се односите меѓу тие противници и, трето: дали има една или многу верзии на минатото.1 Претпоставувајќи дека основните факти околу настаните во Ваташа (1943 г) исто како и на јануарските масакри во Велес и Куманово (1945 г.) се добро познати на читателите, чини ми се дека ниту еден од овие три критериума за помирување не е исполнет во моментов и затоа ваквите напори за помирување вероjатно ќе бидат осудени на неуспех.

Кога станува збор за првиот критериум, процесот на помирување бара одговор на следниве прашања: дали има “недостаток на горчина за минатото во политичките и другите јавни односи,” дали минатите конфликти и злоупотреби од минатото биле обработени или апсорбирани на таков начин што луѓето можат да зборуваат за овие настани—ако не слободно, барем на еден граѓански начин—дури и со нивните поранешни противници.2

Кога станува збор за масакрот во Ваташа, како и за масакрите во Велес и Куманово во jануари 1945 г., нема индикации дека некој од овие критериуми наведени од Хејнер се исполнети—македонската страна цврсто тврди дека настаните во Ваташа биле спроведени од тогашната бугарската “фашистичка” влада против етничките Македонци од тоа село како манифестација на етничкиот конфликт меѓу бугарскиот окупатор и окупираниот македонски народ и дека бугарската влада треба да ги прифати овие факти како дел од “официјалното извинување“ од страна на Софиja. Иако изразувањето на жалење и извинување е секогаш добар начин да се продолжи со помирувањето, еден таков потег не може да се случи без препознавање на фактите на терен околу трагедијата – имено дека судирот бил пред се идеолошки и дека лицето кое го наредило стрелањето—Љубен Апостолов—подоцна било уапсено, предадено на властите во Скопје во ноември 1944 година, осудено и казнето на смрт за неговата улога во тоj чин. За жал, во истото време сеуште нема доволно напори да се информира македонската (а и бугарската) јавност за тоа кој е одговорен за масовните егзекуции во Куманово и во Велес во 1945 година, како и за репресиите кои што ги доживеале семејствата на жртвите, нема и гестове да се понуди на нивните роднини и предци извинување за прераната смрт на тие лица. За Скопје овие настани се внатешно прашање како дел од репресиите во комунистичка Југославија кое Бугарија нема право да поставува на неизната суверена југозападна соседка од поранешна СФРЈ.

Во однос на вториот критериум – за односите меѓу поранешните противници – е необходно да се даде одговор на прашањето дали односите се засноваат на сегашноста наместо на минатото. Хејнер додадува дека постојаното повикување на грешките од минатото може да биде “знак за континуиран антагонизам” и наjважно дека тоа постојано повикување помага да се “поттикне ново насилство”—како во случајот со Христиjан Пендиков—или намерно да се користи од лидерите за кревање на тензии меѓу заедниците. Последните испитувања на јавното мислење во Бугарија и во Северна Македонија го потврдуваат консензусниот коj што се појавува кај двете општества дека во моментов односите меѓу овие две земи се меѓу најлошите во регионот и покрај фактот што тие сега се сојузници на НАТО, блиски партнери и имаат потпишано бројни билатерални договори за соработка во последните пет години.

За да се разбере континуираниот антагонизам меѓу Софија и Скопје, треба да се потсетиме на аргументот на Џек Снајдер дека елитите во поранешна Југославија го користат национализмот за “да останат популарни без да бидат целосно демократски“ со цел да ги зачуваат “парохиските економски интереси, како и нивните позиции на моќ во општеството”.3 Тоа го видовме во случајот со изјавите на Претседателот Стево Пендаровски по повод 80-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија во март 2023 година исто како и на предвременото одбележување на масакрот во Ваташа на 8 јуни. Без разлика дали тие потези се прават како дел од предвремена кампања за избори (претседателски или парламентарни) или за да се поправи нарушениот имиџ на неговата партија (СДСМ) како чувар на македонската нација и на антифашистичката (и антибугарска) борба е помалку важно. Во секој случај, ваквата инструментализација на историските настани поврзани со Бугариjа од страна на политичните елити претежно во С. Македониjа не води на никаков начин кон намалување на тензиите меѓу двете соседни земи.

Ми се чини дека третиот критериум за помирување—за тоа дали има една или многу верзии на минатото—е клучен за да разбереме зошто овој процес меѓу Бугарија и С. Македонија оди во ќорсокак. Присила Хејнер вели дека да се постигне помирување значи не само да се воспостават пријателски односи, туку и да се усогласат контрадикторните факти или приказни “за да се прилагодат (неусогласените факти, изјави, итн.) на еден начин на кој тие ке бидат консистентни, усогласени или компатибилни едни со други”. Таа наведува примерот на група јужноафрикански автори, за кои помирувањето е “соочување со несаканите вистини со цел да се усогласат неспоредливите погледи на светот, така што неизбежните и континуирани конфликти и разлики стојат барем во еден единствен универзум на разбирливост”.4

Овој трет критериум ни покажува дека без вакво соочување со несаканите вистини и усогласување на неспоредливите погледи на светот нема начин да има нормализирање на односите меѓу Софија и Скопје и искрено приjателство, добрососедство и соработка. Несомнено е дека бугарската страна треба да ја прифати непријатната вистина за улогата на тогашната влада во Софиja за убијствата во Ваташа независно од фактот дека заповедта е дадена од Љубен Апостолов од Крива Паланка. Во истото време, тоа не може да се случи без да се препознае идеолошкиот (наспроти националниот) карактер на конфликтот во 1943-44 година и без да се прифати трагичниот карактер на настаните околу создавањето на македонската држава во рамките на Југословенската федерација по 1944 година и репресиите извршени врз македонските Бугари во овоj период.

Искуството на мешовитата интердисциплинарна комисија за образовни и историски прашања меѓу Бугарија и С. Македонија покажува дека во овој момент елитниот пристап (или т.нар. пристап од горе надолу) кон помирување е тешко остварлив во блиска иднина поради предативните намери на политичките елити претежно во Скопjе (вклучувајки власт и опозиција) да ја зачуваат својата политичка моќ и влијание како што е наведено од Снајдер. Сепак, наспроти тоа, пристапот одоздола нагоре кој вклучува заеднички гестови од страна на интелектуалците од двете страни (а не само на бугарски или на македонски интелектуалци) може да биде добредојден сè додека тие ја препознаваат комплексноста на трагичните појави во 40-тите години и поврзаните со нив жртви без идеолошки или националистички подтонови со цел “приклучување на разделниот циклус на обвинување, негирање и контраобвинение.”5 Како што посочува Хуан Мендез, тоа не значи да не се забораваат овие обвинувања и контраобвинувања, туку повеќе тие да бидат поставени “низ процес на евалуација—како работата на сметководителот да ги усогласи спротивставените тврдења пред да затвори сметководствена книга”.6

На крајот на денот мора да не заборавиме дека патот од Софија до Ваташа оди преку Куманово и Велес, исто како и дека по 2023 година доаѓа 2025 година, кога што се навршуват 80 години от низа други трагични настани. Така што во 2023 година и уште еднаш во 2025 година има смисла да се потсетиме и да оддадеме почит на сите човечки животи изгубени во 40-те години на минатиот век за да не дозволиме никогаш повеке тоталитаризмот и авторитаризмот да владеат во овоj дел од Стариот континент.

1 Priscilla B. Hayner, Unsepakable Truths: Transitional Justice and the Challenge of Truth Commissions. London and New York, Routledge, 2001, p. 189.

2 Ibid, p. 189.

3 Jack Snyder, From Voting to Violence: Democratization and Nationalist Conflict. New York and London: W.W. Norton & Co, 2000, p. 36.

4 Neil Kritz (ed.), Transitional Justice: How Emerging Democracies Reckon with Former Regimes, Vol. 3. Washington, DC: United States Institute of Peace Press, 1995, p. 667-669.

5 Hayner, 2001, p. 189.

6 Преписка на Присила Хејнер со Хуан Мендез (Juan Mèndez), 12 февруари 1998 година, цитирана од Hayner, 2001, p. 189.

Слични Објави