Исплашениот Христијан Мицкоски
Методиј Иванов/Фактор
Живееме во несигурно, динамично време. На многу места низ светот се водат војни и вооружени конфликти, геополитичките слоеви се пренаредуваат, правилата на меѓународните односи се менуваат. Нормално е во ваква состојба државите да имаат стравови – за својата безбедност, за својата независност, за своите енергетски извори, за демографски и еколошки проблеми и низа други сериозни предизвици. Во светот, меѓутоа, има само една држава на која најголемиот страв ѝ е од… еден протокол! Како што веќе се досетивте, таа држава е Северна Македонија. Како тоа страв од протокол, ќе се запрашате? Па зар тоа не е некаков документ што дури ни нема сопствено нормативно постоење и значење, туку е само додаток на друг документ? Каква е таа држава на која главниот страв во денешно време ѝ е токму од еден таков протокол? Ќе ви одговорам – тоа е една сосема млада, не сосема добро уредена (и по низа критериуми влегува во квалификацијата „заробена“) држава со авторитарно владеење, идеолошки засновано на една недемократска, шовинистичка доктрина од времето на комунистичка Југославија. Оваа држава има сериозни проблеми со корупцијата, владеењето на правото, човековите права, сиромаштијата, етничкиот мир, демографијата, екологијата, застојот во евроинтеграцискиот процес, социјалната напнатост, емиграцијата (особено на младите), односите со соседите итн., итн. И покрај сето тоа, најголемиот проблем за владејачките во лицето на премиерот Мицкоски и претседателката Сиљановска-Давкова, е постоењето на Вториот протокол кон Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, потпишан пред цели 4 години. И тоа не просто неговото постоење, туку неговото присуство како интегрален елемент на Преговарачката рамка за пристапување на РСМ во ЕУ, потпишана од сите 27 земји-членки, како и од самата Северна Македонија. Имаме уникатен во светската историја и исклучително парадоксален случај, во кој една држава е ставена во состојба на заложник на стравот на својот премиер од… еден документ!
Стравот е толку голем и реален, што поради него веќе четврта година обврските содржани во документот не се исполнуваат ни за јота. И не само тоа – во последно време Северна Македонија не жали средства и напори, преку својата дипломатија, да прави обиди овој прославен, страховит протокол да биде отстранет од пакетот услови за започнување на процесот на преговори за членство во ЕУ. За таа цел таа врши притисок и лобирање меѓу европратеници и други претставници на институциите на ЕУ, а во особено голема мера врз известувачот за проширувањето, г. Томас Вајц. Тука е местото да потсетиме дека пред една година оваа практика доведе до грандиозен скандал во Европскиот парламент, предизвикан од оправданите сомнежи за неправомерни односи, вклучително и притисок (и/или корупција) врз г. Вајц, поврзани со протекување доверливи информации кон Скопје за содржината на подготвуваниот тогаш извештај за напредокот на РСМ и вклучувањето на низа барања и ставови на земјата-кандидат во нацртот на извештајот. Група европратеници дури побараа Вајц да биде повлечен како известувач и истражен, што, сепак, не се случи.
Оваа година повторно забележуваме резултати од активната дејност на Вајц во служба на интересите на земјата-кандидат, што е спротивно на принципите и правилата на самата ЕУ. Поконкретно, во нацрт-извештајот за напредокот на РСМ, кој треба да биде предложен на гласање во Европскиот парламент по два месеца, тој „ја повикува правната служба на Советот итно да ги разјасни сите нејаснотии во врска со правниот статус на вториот билатерален протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство меѓу двете земји во врска со процесот на пристапување“, како и предлага „билатералните спорови меѓу државите да треба да се решаваат преку отворен дијалог и вистинска соработка надвор од процесот на пристапување“ (се подразбира условите на Бугарија, кои беа вклучени во т.н. „Француски предлог“ и заедно со него беа прифатени од целата ЕУ и РСМ во 2022 г.). Вајц апелира и за „воведување делумно гласање со квалификувано мнозинство во области поврзани со процесот на пристапување, вклучително и преку укинување на барањето за едногласност во меѓуфазите на процесот на проширување при донесување одлуки за отворање и затворање на одделни преговарачки кластери и поглавја“.
Обидите на РСМ за лобизам и промена на условите на ЕУ не се од денес. Тие започнаа од мигот кога Мицкоски ја презеде власта во нашата југозападна соседка. Тој повеќепати се изјаснувал против Договорот за добрососедство од 2017 г. и против „Францускиот предлог“ – како во целост, така и во однос на негови поединечни елементи. Но да се вратиме на Страшниот Протокол.
Во однос на него, сегашната владејачка гарнитура на ДПМНЕ најпрво презеде внатрешнополитички напад. Неговата валидност беше оспорена минатата година од поранешната пратеничка Лилјана Поповска (поврзувана со поранешниот премиер Никола Груевски) пред Уставниот суд на РСМ, а одлуката на судот по ова прашање сè уште се очекува. Потоа претседателката Сиљановска почна да го напаѓа и пред домашната публика, и на свои средби надвор од земјата. Впрочем, на сличен начин таа, во улога на истакнат експерт-конституционалист, го напаѓа и основниот услов од Преговарачката рамка, имено барањето на македонските Бугари да бидат вклучени во Уставот на РСМ, со аргумент што предизвикува потсмев дека тоа не било вклучено во Договорот од 2017 г.: „Уставните измени не беа дел од Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 г. Такви прашања не можат да се протнуваат преку неформални протоколи без согласност на парламентот. Не разбирам како такви одредби станаа дел од рамката за преговори со ЕУ.“, изјави таа. Како одговор доволно е само да се посочи дека нејзиното мислење нема никакво значење – дали одредена обврска е договорена како дел од договор во 2017 или како дел од пакет услови во 2022 г., до денешен ден тоа е целосно ирелевантно, со оглед на неговиот валиден и правно-обврзувачки карактер. Pacta sunt servanda! Освен тоа, Сиљановска намерно ги доведува во заблуда своите сограѓани и меѓународните партнери, бидејќи самата обврска е ратификувана како дел од целата Преговарачка рамка од парламентот на РСМ.
Но зошто всушност Злокобниот Втор Протокол е толку страшен за Мицкоски и компанија? За да си одговориме, да видиме какви договорености се содржани во него:
- Бугарите да бидат вклучени во уставот на земјата;
- да се преземат ефикасни мерки против говорот на омраза;
- да се обезбеди ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и зачувување на културата и идентитетот на бугарската заедница во РСМ;
- двете влади да ја поддржуваат работата на Заедничката комисија, која ја поттикнуваат да работи за постигнување конкретни резултати врз основа на строго научна дебата, со цел претставување на фактите и настаните од заедничката историја што ги поврзува двете држави и народите им;
- сите веќе договорени резултати од нејзината работа да се вклучат во наставните програми;
- оригиналните историски извори да бидат достапни за проучување;
- да се одржуваат заеднички чествувања на датуми и личности од нашата заедничка историја;
- да се променат некои учебници по географија, во врска со неосновани етнички и територијални претензии од страна на РСМ;
- владата на РСМ се обврзува да не се меша во внатрешните работи на Бугарија со цел заштита на правата на лица што не се нејзини државјани;
- да се отворат архивите на репресивните служби од времето на Југославија – ОЗНА, УДБА и КОС;
- да се рехабилитираат жртвите на комунистичкиот режим, репресирани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување како Бугари.
За да биде уште појасно, можеме да ги обобщиме наведените услови во 4 групи:
1. Обезбедување на бугарската заедница на еднакви права и статус со другите народносни заедници во земјата, и заштита од говор на омраза и злосторства на етничка основа.
2. Постигнување научен консензус во однос на спорните моменти од историјата, со цел прочистување на наметнуваните со децении лаги, фалсификати и манипулации, и нивна замена со објективните историски факти.
3. Откривање на вистината за злосторствата на комунистичкиот режим и рехабилитација на неговите жртви.
4. Прекин на какви било иредентистички претензии спрема Бугарија.
Овие услови се сосема нормални, демократски, цивилизирани и не би требало да предизвикуваат толкав страв кај владејачките во Скопје. Уште повеќе, тие не се само бугарска каприц, туку се засновани на основните принципи на ЕУ, меѓу кои се Копенхашките критериуми за човековите права, добрососедството, осудата на злосторничките тоталитарни режими.
Вистината е дека однесувањето на исплашениот Мицкоски е длабоко неадекватно. Барем од гледна точка на добросостојбата и просперитетот на неговиот народ, кои се заложник на неговиот страв. Инаку, од гледна точка на неговите лични и тесно партиски интереси за узурпирање на власта и облагодетелствување од нејзиното вршење, веројатно тој си наоѓа свои основи. Но тоа не е однесување на достоинствен европски политичар. Европската Унија е едно големо семејство на демократски држави, чиешто приклучување претставува стратешка цел за низа држави и сон за десетици други, кои немаат ниту теоретска шанса да станат дел од неа. Нормалните, рационални државници би вложиле максимални напори, за да ги доведат своите земји до таа посакувана цел. Не би се двоумеле да вклучат 3000 Бугари, Естонци, или дури и Ескими во својот устав, ако тоа е единствениот и клучен услов за да започнат преговори. Не би се двоумеле да исполнат и неколку лесни (и не бараат огромни буџети) услови, за да ги спроведат потребните реформи и да ја започнат својата евроинтеграција.
Нормалните политичари – да. Не и Мицкоски. Овој исплашен политичар се заинати како магаре на мост, цврст во ветувањето дека нема да ги вклучи Бугарите во уставот, со што целосно го блокира процесот на европска интеграција на својата земја. И тој ќе продолжи да се обидува да ги заобиколи условите, да ја промени Преговарачката рамка, па дури и правилата за проширување на самата ЕУ – без оглед на цената, мерена во милионите, фрлени за лобирање од страна на неговата сиромашна држава, или во времето, изгубено во чекалницата на историјата. Ќе продолжи да упорствува, со смешното оправдување дека вклучувањето на Бугарите во уставот било закана за македонскиот идентитет? Интересно како само Бугарите се таква закана, кога покрај Македонците, во него во моментов се запишани уште шест народности, и тоа многу побројни? А аргументот дека нивниот број бил премногу мал и безначаен (3504 лица според официјалните податоци од 2021 г.), и затоа немало смисла да бидат впишани, е сосема неадекватен – па зар бројот на Хрватите во РСМ не е 2145 лица, а на Црногорците едвај 1023, но и покрај тоа никој не се изјаснил против нивното впишување? Вистинската причина за упорноста на Мицкоски не е бројката, туку стравот.
И неговиот страв е толку голем, што при едно од своите последни медиумски изјави тој отиде дотаму што изјави дека Северна Македонија ќе чека уште децении, ако треба, но тој нема да ги исполни условите. И побрза повторно да го поврзе евентуалното нивно исполнување со друга од своите омилени тези – за правата на оние што се самоопределуваат како етнички Македонци кај нас, на кои лошата Бугарија им ги забранува здруженијата, ги репресира и не ги исполнува „пресудите“ на ЕСЧП.
Тука е многу важно уште еднаш да посочиме дека сето тоа се едни дрски лаги.
Прво, во Бугарија нема репресирани граѓани по етничка основа – вклучително и такви што се сметаат за Македонци. Второ, ЕСЧП не изрекува пресуди, и соодветно Бугарија не е „осудена“. Европскиот суд (кој, патем, дури и не е орган на ЕУ, туку на Советот на Европа) објавува свои одлуки по дадени случаи, кои немаат задолжителен карактер за соодветната држава. И дури и да бидат наложени некакви глоби во полза на тужителите, тоа не ја обврзува нашата земја да ја промени својата политика, ниту националните судови да ги променат своите одлуки. Трето, во Бугарија ИМА регистрирани здруженија на луѓе што се определуваат како етнички Македонци (на пример „Антички Македонци“ во градот Гоце Делчев). Куриозно е што самиот Мицкоски дури лично присуствуваше на отворањето на македонски клуб во Благоевград во 2022 г.! И последно – вистината е дека бугарскиот суд не дозволува регистрација единствено на здруженија во чии статути има противуставни цели, или кои намерно поднесуваат неуредни документи, за да им биде одбиена регистрацијата, што потоа би го користеле за пропагандни цели. Така што, во пракса исплашениот Мицкоски нема реални аргументи, со кои би ги заштитил своите претензии.
Во случајов е важно и друго – согласно договореното од Заедничката декларација од 1999 г., повторно потврдено со Договорот за добрососедство од 2017 г. и вградено во Преговарачката рамка за членство во ЕУ, РСМ нема право да се меша во внатрешните работи на Бугарија и да ги штити правата на луѓе што не се нејзини државјани. Така што, реално, дејствијата на Мицкоски во оваа насока се спротивни на веќе преземените обврски на неговата држава, вградени во низа меѓународни договори.
Во истото свое интервју премиерот на Северна Македонија уште еднаш изјави дека нема да ги преземе потребните дејства за деблокирање на процесот на евроинтеграција, ако ЕУ не му обезбеди гаранции дека по тоа негово толку големо напорно дејствување без проблем ќе му биде дадено полноправно членство. Се наложи, исто така повторно, претставник на водечка земја-членка, во лицето на францускиот амбасадор во Скопје Кристоф ле Риголер, да му објасни дека гаранции за членство не постојат, затоа што тоа се добива единствено според сопствените заслуги на земјата-кандидат во исполнувањето на потребните реформи и услови од Преговарачката рамка. Како и дека, наместо тоа, постои јасен пат, по кој РСМ треба да тргне за да го започне преговарачкиот процес, и тој задолжително минува низ усвојување на уставните измени.
Истото многупати му е разјаснувано и од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, од претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, како и од актуелната комесарка за проширување Марта Кос.
Во меѓувреме, народот на Северна Македонија реално ниту заслужува, ниту го поддржува ваквиот однос од страна на својот недоволно храбар премиер, што се гледа од растечкиот број гневни коментари и критики кон неговото владеење. Тој заслужува да биде рамноправен со другите европски народи, исто како нас. Да стане дел од просперитетната ЕУ, а не од сиромашниот и злокобен Српски свет,
што го влече кон Евроазија. И тоа нè тера да чувствуваме искрено сочувство и загриженост кон овој толку близок нам народ, со кој имаме заедничка историја, затоа што имаме заеднички корени. Да, тоа е една од многуте вистини што систематски се прикриваат таму. И ако за миг погледнеме надвор од темата за споровите за минатото (од кои, патем, Северна Македонија целосно абдицира, прекинувајќи ја работата во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историските и образовните прашања, повторно поради страв – овој пат од недостигот на научни аргументи со кои би ги бранила своите позиции), налице е еден едноставен факт – налице е гласот на крвта, која вода не станува (како што вели и еден од создавачите на современиот македонски литературен јазик и азбука, Венко Марковски).
Зашто фактите се немилосрдни – околу 2 милиони денешни Бугари имаат потекло од географската област Македонија. Тоа е повеќе од целото население на РСМ, и двојно повеќе од оние што се изјаснуваат како етнички „Македонци“ во нашата соседка. Тие 2 милиони луѓе, кои денес живеат кај нас, се потомци на бегалците од сите војни и востанија во последните 150 години. На стотици илјади луѓе што ги напуштиле своите родни огништа и дошле тука, во Бугарија. Овие луѓе не имале потреба од преведувачи за да се разбираат со месното население, затоа што биле сонародници и зборувале на ист јазик. Не имале потреба од јазични курсеви за да станат учители, свештеници, воени лица, научници, писатели, дипломати, па дури и премиери во слободна Бугарија. Биле примени добро, како браќа, создале семејства, направиле кариера и живееле нормално и мирно, слободни.
Денес нивните потомци се братучеди, без оглед како се самоопределуваат – како Македонци во РСМ, или како Бугари во Бугарија. Тие не се просто блиски, туку се роднини во буквална смисла на зборот, бидејќи имаат заеднички баби и дедовци, и сè уште се разбираат без преведувач. И како своите роднини во Бугарија, граѓаните на РСМ ќе можат сосема наскоро исто така да работат и да живеат слободно, да напредуваат, и тоа без да мора да ги напуштат своите домови – во нашиот заеднички европски дом, во кој нема граници, омраза и лаги – Европската Унија. За таа цел, единственото што треба да го напуштат, е зоната на стравот, што вештачки им ја наметнува исплашениот Мицкоски.

