ЈАНУШЕВ: МИЦКОСКИ ЌЕ ГО СОБОРИ ЗАЕВ
Господине Јанушев, до каде се подготовките за саботниот митинг пред седиштето на Владата во Скопје?
– Подготовките за протестниот собир се во завршна фаза. Овој протест ќе ја одбележи годината мината под владение на криминалниот картел на Заев. Заев ветуваше живот, а за оваа година обезбеди живот само за него и за тие околу него. За сите останати животот е на рати, а каматите се се повисоки. Државата се урива и на економски и на политички план, а тоа брзо го согледаа и граѓаните, без разлика на нивната партиска, национална и верска припадност. Револтот кај сите нив е се поголем, нема човек кој не реагира и на своја кожа не ги чувствува погубните политики на криминалниот картел на власт. Затоа на втори јуни, на годишнината од владеењето на оваа ненародна власт, ќе биде испратена гласна порака дека им е време е да заминат.
Зошто само еден митинг, а не серија протести и „неповлекување од улица додека не си замине оваа ненародна власт“, како што беше најавувано од страна на лидерот Христијан Мицкоски?
– Втори јуни е само почеток, ден кога ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните на Република Македонија ќе и кажат на оваа ненародна и криминално-картелска власт што мислат за нејзиното едногодишно расипничко владеење. Опозицијата има стратегија како да се спротивстави на катастрофата која што ја зафати Македонија оваа измината година. Нас како партија не очекува работно лето во кое што на граѓаните ќе им понудиме нов концепт и визија. Граѓаните се загрижени за својата иднина, ние ќе им покажеме дека државата има капацитет за да тргне во вистински правец, но само доколку ја води сериозна влада – влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а не „ЌЕ влада“, чиј што премиер и министри се фокусирани само за да ги остварат личните интереси.
Изминативе месеци видовме во која насока одат размислувањата и оценките за едногодишното владеење на Зоран Заев и неговиот тим, но, сепак, кои ќе бидат клучните пораки што ќе бидат испратени пред „Илинденска“?
– И од претходните два одговори може да претпоставите дека клучна ќе биде пораката „стоп за разнебитувањето на Република Македонија“. Сите сме сведоци на катастрофата која се случува пред нашите очи и на економски и на политички план, внатре и надвор во дипломатијата. Оваа власт едно промашување покрива со друго. Една дупка се покрива со копање на друга. Еден скандал, со друг. И конечно, сета неспособност на гарнитурата на власт се покрива со трговија со највисоките национални и државни интереси. Граѓаните се во апатија кога ги гледаат како бесрамно лицитираат со имиња и како на тезга е ставен највисокиот правен акт на државата – Уставот. Тоа ниту го ветија ниту добија поддршка, напротив, ветуваа токму спротивно, заштита на Уставот, идентитетот и културно-историската посебност. Заев може да го менува името или правните акти на „Еленица“ или на „Тотал инженеринг“, но никако не смее во тесен круг да ги распродава националните интереси. А токму тоа го прави.
Колку луѓе очекувате на протестот сега кога ВМРО-ДПМНЕ не е власт и кога дел од оние што добија бенефиции од вас, сега се дистанцираат и се обидуваат да се додворат на сегашната власт? Дали ќе има организиран превоз од другите градови?
– Секој е добредојден на овој протест. Секој оној што не се согласува со погубните економски политики, со распродажбата на државата, со обезвреднетото и партизирано судство. Од партиски аспект, постои огромна енергија во партиските штабови, во општинските и месните комитети низ државата. Граѓаните се свесни дека не станува збор за ВМРО-ДПМНЕ, туку пред се за иднината на Република Македонија. Од друга страна, стравот кој го наметнаа на граѓаните од пресијата која ја создаде криминалниот картел на власт предводен од Заев и СДСМ, почнува да предизвикува контраефект и проработува македонскиот инает, се буди македонскиот непокор. Илјадници се избркани од работа само затоа што не ги споделуваат истите политички ставови со власта. Нема фирма, медиум, нема кафуле кои што на еден или друг начин не биле под некаква принуда, закана, притисок. Клиентелистичките судови изрекуваат нарачани политички пресуди директно од Заев и СДСМ. Атмосферата во државата е тешка, се чувствува во секоја пора на општеството, но сигурен сум дека граѓаните имаат храброст да го кажат својот глас пред Владата. Бидејќи на крај на денот се зависи од нас: изборот е или Заев или Македонија!
Не е тајна дека изминатите месеци се прокламираа неколку струи во партијата, а некои и јавно објавија фракционерство. Очекувате ли нивно присуство на митингот, односно колку тие внатрешни кавги можат да се одразат врз посетеноста?
– Тоа што во суштина ги разликувало и се уште ги разликува ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е фактот дека кај нас како партија, државните и националните интереси секогаш биле, се и ќе бидат пред внатрепартиските интереси. Очекувам секој кој што е член или симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ да ги остави зад себе личните несогласувања, затоа што пред се е Република Македонија. Да повторам, ова е протестен собир по една година разнебитување на националните интереси. И добредојден е секој што не се согласува со она што и се случува на Република Македонија.
Зошто сметате дека неопределените граѓани треба да излезат на протест и да ви дадат поддршка?
– Ако ги набројам сите причини, веројатно едно цело издание на вашиот ценет весник нема да биде доволно. Кога дојде Заев на власт, дизелот чинеше 46, а сега е 65 денари. Со просечна плата исплатена во јуни, секој вработен може да купи околу 120 литри дизел помалку месечно. А, акцизата на Заев не се намалува! Пензионерите веќе пресметуваат колку губат во таа спирала на поскапувања, со тоа што пензиите не им растат со воспоставеното темпо од порано. Задолжувањето, односно јавниот долг ја надмина границата од 5 милијарди евра, а до крај на мандатот планираат сите нас да не задолжат за нови 1 милијарда и 300 милиони евра. Капиталните инвестиции за првите 4 месеци се реализирани 11 отсто и ако продолжат вака, до крајот на годината нема да реализираат ниту една третина од планираното… Вака до крајот на весникот може да набројувам причини зошто граѓаните треба да излезат на протест. Ништо не работат! Тоа е доволен поттик за граѓаните да им кажат: „сега е доста“ и дека мора итно да си одат, оти денот по утрото се познава!
Зошто очекувате народот повторно да ви изгласа доверба и да ве врати на власт? Со што ова ново раководство и со кои политики се разликува од претходното?
– Народот изгласа доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и на последните парламентарни избори. За тоа зошто сега е во опозиција влијаеја други фактори, за што сведочиме за погубните политики и севкупното разнебитување на македонските национални и државни интереси од актуелната владејачка гарнитура. Секако дека промените во раководството носат промени и во ВМРО-ДПМНЕ, но, како што кажав, во ВМРО-ДПМНЕ предничат националните и државните интереси. Со таа константа граѓаните знаат дека може да се потпрат на ВМРО-ДПМНЕ, која покажала дека работела и ќе работи за доброто на сите граѓани на Република Македонија.
Според нашите информации, единствен говорник на митингот ќе биде лидерот Мицкоски. Во јавноста и меѓу дел од членовите постои дилема зошто почесниот претседател Никола Груевски нема да излезе и да зборува на бината?
– Претседател на ВМРО-ДПМНЕ е Христијан Мицкоски. Тоа е човекот кој ќе ги предводи граѓаните, тој ќе понуди нов концепт и тој ќе го поведе ВМРО-ДПМНЕ кон соборување на Зоран Заев и неговиот криминален картел од власт. Граѓаните и членството пред се очекуваат да ги слушнат ставовите на Мицкоски и во кој правец наскоро ќе чекори Македонија.
Дали и преку тој потег ВМРО-ДПМНЕ прави обиди да се дистанцира од Никола Груевски, односно зошто вешто одбегнува одговор на прашањето што мисли за стилот на владеење во Македонија во периодот од 2006 до 2017 година?
– ВМРО-ДПМНЕ е фокусирано на сегашноста и на иднината на Република Македонија. Пензиите нема да бидат повисоки доколку дискутираме за владините одлуки во 2009 година. Платите во здравството нема да се качат на 1.000 евра, ако зборуваме за тоа колку апарати биле набавени во 2012 година. Нови 600 км автопат не се градат со дискусии за проектите на министерството за транспорт и врски во 2007 година. Јасно е дека СДСМ сака со сите сили да наметне теми и да се дискутира за се друго, освен за нивните неуспеси во владеењето. Расправиите за ланскиот снег нема да го поправи животот, ни за нас, ниту за Вас.
Вообичаено, досега на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ присуствуваа гости од сестринските партии во странство и угледни гости меѓу кои, на пример, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан и тогашниот министер за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц. Каков е планот годинава?
– ВМРО-ДПМНЕ има јасна и недвосмислена поддршка од сестринските партии. Европа станува се повеќе свесна за неспособноста на Заев да реализира реформи и да ја поведе државата напред. Впрочем, Европејците тоа го констатираа и со последниот неофицијален документ поддржан од пет држави членки во својот нон-пејпер. ВМРО-ДПМНЕ и за овој протест ја има поддршката од меѓународните партнери бидејќи точно знаат против што и за што се организира овој протест.
Претседателот Мицкоски најави дека партијата подготвува изборна програма под името „Нов завет“. Кога ќе биде готова и јавно објавена, кој ќе ја подготвува и на што ќе се темели?
– Така е, партијата подготвува изборна програма која наскоро ќе биде објавена. Во изработката на програмата се вклучени партиските тела, знаете дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема партиска структура во Македонија има свои тела и комисии за определени области во кои учествуваат еминентни имиња од научната и општествената сфера. За тоа на што ќе се темели, односно како ќе се спротивставиме на погубните политики на оваа криминогена власт, ве поканувам да дојдете в сабота во 20 часот и ќе имате можност да се запознаете со дел од неа.