КАЧЕВ: УМЕТНИКОТ САМИОТ ГИ ЧУВСТВУВА ПРОМЕНИТЕ И НЕ ТРЕБА ДА БЕГА ОД ТОА

Константин Качев е академски сликар кој е добро познат на македонската, но и на светската јавност по своето творештво. Неговите изложби и дела предизвикуваат интерес кај публиката, но и помеѓу стручната фела која со бројни рецензии и критики пристапува кон неговите дела.
Константин Качев во интервјуто за „Мој збор“ ги открива своите позиции во однос на сликарството и неговите специфики во однос на другите убави уметности, положбата на уметникот во современото општество, новите предизвици на демаркирање на уметничкото од неуметничкото, учеството на техниката и талентот во сликарството и важноста на авторството во творештвото.


Се чини дека во сликарството најбрзо се антиципираат промените во уметноста. Особено преминот на „миметичка“ кон „концептуална уметност“ најдобро се препознава во ликовните дела на сликарите од XX ти век. Дали тоа несомнено покажува дека сликата, ликот, ликовното појавување е доминантен јазик и спознавателна алатка со која располага човечкиот род воопшто?

„Не само во сликарството. Тоа може да се проследи и во литературата, музиката… Сликарите од 20-от век се повеќе се “достапни“ за јавноста благодарејќи на МЕДИУМИТЕ (фотографијата исто) и нивниот брз развој. На почетокот на 20 век на медиумите им се дава огромно значење (НОВ медиум, новина, брзо достапна за пошироката јавност), и поради тоа настаните од тоа време се побрзо допираат до публиката. Затоа се мисли (или поточно се добива впечаток) дека сликарите од почетокот на 20 век се нешто…експлозивно, нешто ново… Да, така е од едната страна. Но од друга страна-обострано сите напредни медиуми во тоа време придонесуваат и за меѓусебна побогата и побрза комуникација. На тоа “обостраното“ се базира наглиот “пораст“ на визуелната уметност, а со тоа и во зхивописот, што е логично и нормално“.

Маљевич покажа дека уметноста „бега“ од своите традиционални просторни и идејни форми на прикажување. Дали тоа значи дека уметноста само бара нови начини да се прикаже или дека во ова доба уметноста не е дел од нашите животи, изрази и творечки експресии?

„Не само Маљевич, имало и други сликари кои така и останале заборавени и несфатени од тоа време. Мaљевич по мое-се нашол во право време на вистинско место. И импресионистите, и фовистите, експресионистите и авангардистите-сите тие покажале и докажале дека уметноста треба да бара нови начини на изразување, да се менува и обликува. А воедно, самото дело на уметникот-колку повеќе соодветствува со сегашноста (да не подразбираме “реалноста“), со нашето секојдневие, колку самиот уметник е поедноставен и поискрен со ликовниот образ низ кој што сака да го долови “сегашниот свет“-толку делото е поуспешно. Така да јас би рекол дека е обратно-УМЕТНОСТА Е СЕКОГАШ ДЕЛ ОД НАШЕТО СЕКОЈДНЕВИЕ, само прикажано на различни начини“.

Целото интервју со ликовниот уметник Константин Качев прочитајте го на www.mojzbor.com