|

КОНТО(А)МИНАЦИЈА

Метил Акрилат се излеа од фабриката “Охис” во Скопје. Сите го почувствувавме тивкиот убиец, со секое сетило. Невозможно е да се сoкрие таквото безобразно, бескрупулозно и монструмско труење на граѓаните. Метил Акрилатот е толку опасна материја што ако човек дојде во директен контакт со неа може да предизвика сериозни оштетувања на кожата, видот, проблеми со респираторен систем, нервниот систем, дури ја нарушува и свеста кај луѓето.

Оваа Влада се однесува со своите граѓани како да сме навистина со нарушена свест. Во случај на хаварија во која се испушта Метил Акрилатот населението се евакуира во радиус од 500m, а на хаварија од поголем обем, на радиус од 800-1000m.

Ова не е прв, ниту единствен случај на безобразно труење на граѓаните. Неодамна бевме сведоци на слично вакво труење од Маслодајната фабрика “Благој Ѓорев” во Велес. Ова се случува секојдневно, насекаде во земјава, без оглед на времето, материјата, фабриката… како да е дозволено се насекаде. Како уништувачки анархизам да завладеал! Наликува на некоја програма за брзо богатење на поединци, по Макијавелистички концепт,со труење на народот, без пардон! Како оваа Влада се грижи за здравјето на своите граѓани? Зошто не се превземени мерки за превентивна заштита на населението од вакви токсини?! Што превзема оваа Влада и Министерство за Здравство?

Помина и 5. ноември, ветениот датум за набавување на вакцини против грип. Вакцини нема, како што нема ниту заштита од Метил Акрилат. Ова не е ситуација каде проблемите може да се симплифицираат, ова е алармантна ситуација,итна и опасна по здравјето. Сомничаво е необезбедувањето на комерцијалните вакцини во Центрите за јавно здравје, и необезбедувањето на 28.000 бесплатни дози за кои е задолжено Министерството за Здравство.

Дали одолговлекувањето на тендерските постапки е со бенефит за поединци врз грбот на народот? Нема медицински кадар по здравствените установи низ земјава, нема трага од ветеното покачување на платите на лекарите, нема набавено вакцини! Дали ова Министерство за Здравство има капацитет да сработи нешто во полза на граѓаните или и понатаму ќе се однесува со своите граѓани како да имаат оштетена свест од Метил Акрилат, па ништо нема да приметат? Се приметува Вашето неразумно работење, до толку го приметуваме веќе што и да отвориме прозор, јасно ни е, иако често од чадот не можеме јасно да видиме!

Чувствува народот, и затоа ќе Ве “казни “ пред да го “нараните” со токсини! Немаме друга држава за да се евакуираме, ама нема да дозволиме додека Вие ги надминете несогласувањата за тендерите, ние да се сотреме! Нечие конто не смее да биде поважно од исцелување на народот. Мора да се изгради деконтаминирано општество со здрави граѓани!

По епидемијата од морбили која ја опфати земјава, не смее да се дозволи таков замав да земе грипот за кој немаме вакцини се уште иако рокот за набавка измина. Не смееме да дозволиме кардиналните грешки во здравствениот систем да ни наштетуваат и да прифатиме како нација дека само од себе се ќе помине! За здравје не смееме да дозволиме таква практика! Мора да се случат промени, мора да се промени начинот на делување, мора да ја надминеме оваа агонија во системот на здравството како единствена “вакцина” која оваа Власт ни ја вгризува за да станеме имуни на безредието.

Нужно е да се спротивставиме против погрешните политики во здравството! Оваа Влада да се промени итно е потребно. Како канцерогени клетки секојдневно се уништува дел по дел, заминуваат лекари, не се обновува медицинска опрема, руралните средини во 21.век немаат елементарна медицинска покриеност…, крајно време е да се “излечиме” и да изградиме здраво ткиво со здрави политики !

Facebook статус на д-р Кирил Лазов



Слични Објави