КРУШЕВО- КОЛОРИТЕН МОЗАИК НА ПРИРОДАТА
Од далеку се слуша за градот Крушево. Овој град е познат по неколкуте историски зданија кои се од големо значење за Македонија и македонскиот народ. Од историските факти познато е по Крушевската Република која се формирала по ослободувањето на градот при Илинденското востание во 1903-та година, бојниот фронт кај месноста Слива и далеку познатиот Мечкин Камен.
Навистина многу интересен град, особено неговата архитектура која ве остава без здив. Во некои записи се сретнува дека крушевската куќа претставува симбиоза на влашката и мијачката архитектура. Крушево е еден од неколкуте автентични градови низ Македонија, кои го имаат зачувано и се уште го одржуваат духот на минатото, вековната историја и културата. Сето тоа може да се забележи преку специфичните градби на куќи, спомениците, маалата (Влашко, Таше, Струнга, Буша, Арбинеш, Kоку, Мијачко Маало, Горно Маало, Крстот, Матак, Череш и Ѓупско Маало); музеите, калдрмисаните сокачиња сите знаменитости заедно, ткаат приказна за себе – мозаик кој не се заборава лесно.
Од најстарите сакрални објекти, што биле изградени во Крушево, се смета црквата „Свети Никола“(1832), која била опожарена за време на Илинденското востание од 1903 година. Покрај оваа црква, исто така од големо значење се и црквите и манастирите “Св.Спас”, “Успение на света Богородица” , “Света Троица” како и “Св. Јован Крстител” некаде позната како влашка црква.
Крушево е познато и по вкусниот локум, домашните колбаси, спомен куќата на Тоше Проески, културната манифестација When in Krushevo која се одржува на почетокот од месец август, параглајдерството кое го кити небото во разни бои и претставува вистинско задоволство и адреналин гледајќи ги параглајдерите како полетуваат и се извишуваат кон облаците, планински велосипедизам, ски-центрите во зима. Ако сте вљубеници во природата, адреналинските спортови и убавата храна тогаш Крушево е правиот избор за вас!
Крушево се наоѓа во западниот дел на Македонија, под пазувите на Бушева Планина. Поради неговата местоположба, претставува еден од највисоките гратчиња на Балканот. Опколен е со длабока букова шума, високи дрвја кои градат дрворед покрај патот, вистинска “ воздушна бања” на 1350 надморска височина. Градот го прегрнуваат планински масиви од сите страни, миризливи ридови со мајчина душичка, кантарион, ајдучка трева, камилица, црвени булки и разни други цветови извезени на ливадите- прекрасна слика, мелем за душа и очи. Вдишете го воздухот исполнет со најубавите мириси- спектакуларен спој на разновидни чаеви и тревки кои ја полнат душата со свежина, мир и спокој. Ако еднаш отидете во Крушево, повторно ќе се вратите. Самата убавина која природата ја искреирала е неверојатна, секое камче е таму каде што треба да биде.
Ах, колку е убава оваа наша земја!
Како да нѐ го сакаме ова парче земја, како да не ѝ вратиме со добро, како да не се бориме за нашата прекрасна, мистична, архаична и посебна Македонија кога таа тоа го заслужува!
Автор: Кристина Паскоска