|

Македонските Бугари и Европа- бескрајната потрага по слободата! (3)

Број 3 — Статија во весникот „Револуционерен лист“ — „Гласот на Македонија во Женева“
1 февруари 1930 година

Сите политички кругови во странство, разгледувајќи ја состојбата во Југославија под потисничкиот режим на диктатурата со нејзините генерали и шовинистички орудија, кои имаат за цел да создадат „Голема Србија“, а не рамноправно кралство за сите народи повикани да живеат во оваа земја, живо ја коментираат најновата македонска акција пред Друштвото на народите. Поднесената од Шалев и Илиев петиција, иако содржи малку податоци, јасно ја карактеризира внатрешната состојба и системот на српските диктатори. Таа петиција е протестен глас на бугарскиот народ од Македонија, кој се крева против создадената состојба на бесправие и бара елементарни човечки права.

За европските културни луѓе е едноставно неверојатно дека некој може да биде прогонуван поради мајчиниот јазик, родниот печатен збор или народната песна. Такви чудовишта, кои немаат место во европското семејство, мораа да бидат разобличени пред самото Друштво на народите, за да видат хуманите раководители на тој меѓународен институт во каков пекол е фрлено бугарското население во Македонија од оние што имаат дрскост да се претставуваат како фактор на мир и рамнотежа на Балканот и во Средна Европа. Тие, всушност, како што јасно се гледа од македонската петиција, се најголемите потиснувачи кои, преку насилства во земјата и трескавични вооружувања, го подготвуваат најстрашниот атентат против мирот и спокојството на Европа.

Македонските пратеници пред Друштвото ги изнесуваат најелементарните барања: признавање на народноста на македонското население и неговите малцински права, враќање на прогонетите емигранти, отворање на затворените училишта и цркви и назначување на специјална комисија што ќе го надгледува покровителството над македонското население.

Овие барања се од елементарен, хуман карактер. И најретроградните држави во минатото давале амнистии и ги признавале правата на поединечните народности. Така беше и со некогашна Турција. Но српска Југославија не дала амнестија цели десет години. Што се однесува до контролата на Друштвото на народите, во тоа нема ништо навредливо за државите што сакаат да останат верни и лојални на преземените меѓународни обврски. Сам авторот на париските договори и „татко“ на денешна Југославија, Клемансо, не изјави ли на полскиот делегат Падеревски за време на потпишувањето на договорите дека потпишувањето на договорите за заштита на малцинствата е едно од условите за признавање на суверенитетот на новосоздадените држави?

Ќе додадеме дека случајот со Југославија е идентичен: може ли нејзиниот суверенитет како независна држава да постои, кога нејзините раководители ги претворија несрпските народи во бесправни робови од некаква колонија, уништувајќи ги сите нивни културни достигнувања и одржувајќи исклучителен режим на насилство, терор и асимилација врз тие народи?

На Друштвото на народите и неговите просветени раководители им припаѓа задачата да се зафатат со овој карактеристичен случај во историјата на несреќните малцинства во Европа и да ги заштитат неправедно обесправените.

Објавено во весникот „Револуционерен лист“, год. VI, бр. 110, 1 февруари 1930 г., стр. 4.

Слични Објави