Македонските Бугари во бунтовната 1876 г.
Проф. д-р Пламен Павлов/Труд
За време на одбележувањето на 150-та годишнина од Априлското востание не еднаш стана збор за учеството на Бугарите од Македонија во тие настани. На оваа тема беше посветена националната научна конференција „Априлското востание и националноослободителните борби на Бугарите во Македонија“, одржана во Разлог на 14 и 15 мај. Нејзини организатори беа Македонскиот научен институт, Фондацијата „Васил Левски“, Општобугарскиот комитет „Васил Левски“, Општина Разлог и Историскиот музеј – Разлог. Во работата на конференцијата учествуваа стручњаци од целата земја, меѓу кои д-р Георги Тренчев, доц. Александар Гребенаров, д-р Елена Чалг’нова, доц. Георги Георгиев и други.
Еден од акцентите на конференцијата беше т.н. Разловечко востание, неразделен дел од Априлската епопеја. Негов организатор и водач е Димитар Попгеоргиев Беровски (1840–1907), воспитаник на Георги Раковски и учесник во Првата бугарска легија. Идејата за востание во пролетта 1876 година стигнува до Малешевскиот крај, во денешна Северна Македонија, преку Солун и преку револуционерниот комитет во Софија, основан од Васил Левски. Замислата била востанието да ги опфати и реоните на Петрич, Струмица, Радовиш, Кочани и Осоговската Планина. Во подготовките се вклучиле стотици луѓе, а оружје се купувало од Ќустендил и од други места. Поради предвременото избувнување на востанието на 7/19 мај 1876 година, дејствијата се ограничиле на селата Разловци и Митрашинци. И покрај претрпениот пораз, четата на Димитар Попгеоргиев се засолнила во планините и останала таму до Руско-турската ослободителна војна.
Како што веќе сме забележале во „Труд News“, во Ботевата чета се вклучиле повеќе од дваесет македонски Бугари: Петар/Перо Симеонов, вториот по ранг командир по самиот Ботев, и В’лчо Андов од Велес, Петар Џорџев и Тодор Христов Кнезот од Битола, Христо Калканџијата и Христо Аврамов од Тетово, Тодор Пиринчиев и Јанко Атанасов од Неврокоп/Гоце Делчев, Христо Лазаров и Григор Мацин од Добриниште, Стојан Карастоилов и Стојко Ботушанов од Јакоруда, Андон Куков од Охрид, уште еден Андон, но од Прилеп, Димитар Ќучуков од Крива Паланка, Андон Танасов од Призрен, Сава Букурештлијата од Плевна, Драмско, Атанас Свештаров од Горно Броди, Серско. Можно е и други четници од емиграцијата во Романија да биле од Македонија. Со семејни корени од Штипско е еден од Добруџанците во четата – Георги Најденов Гр’блашот. Во малата чета на Тањо Стојанов, која тргнала заедно со Ботевата кон Бугарија за да му помогне на Вториот сливенски револуционерен округ, учествувале Иван Абрашев и неговиот братучед Христо Пржинов, двајцата од Охрид.
Впечатливо е присуството на синовите на Македонија во бугарските доброволечки чети во Српско-турската војна во летото и есента 1876 година – практично продолжение на Априлската епопеја. Според некои процени, во војната се вклучиле околу десет илјади Бугари, од кои голем дел заминале во западниот сосед уште во 1875 година во врска со заедничките дејствија со Србија што ги планирал Бугарскиот револуционерен комитет (БРК) во Букурешт. Во големата чета на Панајот Хитов, која броела околу 700 луѓе, преовладувале „х’шовите“ од Северна Бугарија, Тракија, Поморавјето и Бесарабија.
Сепак, во нејзиниот состав имало многу македонски Бугари: Димитар Македонски, Коста Арнаутчето од Битола, Никола Панов од Велес, Анастас Димитров и Христо Павлов од Охрид, Симо Стојанов од Прилеп, Секул Недјалков и Георги Недјалков, веројатно браќа, од Горна Џумаја, а веројатно и други, бидејќи кај многу четници во достапните документи не се наведени нивните родни места. Во редовите на четата „Балкански лав“, со војвода Филип Тотју, се Арсо Кумов и Стојко Трифонов од Дебар, Благо Антонов и Васил Аркаџиев од Разлог, Георги Кочев од Битола, Георги Пешев од Куманово, Георги Стојанов од Малешевско, Еленко Велков и Спас Куманов, запишани како „од Македонија“, Замфир Лазаров од Призрен, како и цела „мала чета“ од Охрид: Иван Апостолов, Иван Теофилов, Иванчо Димитров, Коста Манов, Коста Нинчев, Коста Размов, Наум Богданов, Наум Костов, Никола Иванчов, Никола Јончев, Никола Наумов и Никола Халачев. Учесници во четата на „дедо“ Иљо Марков, кој и самиот бил родум од Берово, биле Георги Пулевски од Галичник – стар поборник и книжевник, војвода на чета за време на Руско-турската војна, Денко Младенов од Куманово, Иван Илиев од Велес, Спиро Брендов, за кого не е познато од каде е, Стојан Михин од Разловци, претходно учесник во Разловечкото востание, и Јаким Христов од Струга.
Во своите спомени војводата Христо Македонски (1834–1916) соопштува: „Во Кладово и јас формирав чета, која главно се состоеше од момчиња од Македонија. На момчињата со свои пари им ги купував сите потребни работи, но меѓу нив имаше и такви што самите, со сопствени средства, се вооружуваа…“ Четата броела околу 300 луѓе. Самиот Христо Македонски бил од Горни Тодорак, Кукушко, а знаменосец бил Стефан Митров од Куманово. Во нејзините редови, „од Македонија“, како што е запишано во документите, биле Алекси Зарев, Аргир Георгиев, Бојко Николов, Џона Иванов, Никола Пешов, Паун Јанков, Кара Панчо, Спиро Попов, Христо Костов, Цано Паунов, Јанко Стефанов, а веројатно и други.
Поконкретни се податоците за Благо Антонов и Васил Јаков од Разлошко, Георги Костов од Банско, брат на Лазар Костов, војвода на самостојна чета. Од Горни Тодорак е Георги Наков, а шестмина од четниците се од Прилепско – Димитар Георгиев, Дјувин Петков, Никола Христов, Станко Паунов и Стојан Станков. Еден четник, кој исто така се викал Никола Христов, бил од Скопје, а Рашко Георгиев бил од некое од скопските села. Стефан Стојанов, Спас Илиев и Стојко Стојанов биле од Малешевско, Филип Георгиев – од Куманово, а Јаким Христов од Струга. Стана збор и за Лазар Костов, таткото на познатиот писател и драматург Стефан Л. Костов, кој исто така организирал своја чета. Чета од осумдесет и пет луѓе предводел и Ефтим Трајчев, нарекуван и Ефто Македонецот, родум од Прилеп. Во четата на капетан Рајчо Николов учествувале Коста Клипов од Струга и Павел Дудов од Разлог.
Немал дел од бугарските доброволци во Српско-турската војна верувале дека Априлското востание сè уште не е задушено. Поради тоа, две нивни групи, практично „ќерки“ чети на онаа на Панајот Хитов, предводени од Сидер Грнчаров и Тодор Велков, тргнале кон внатрешноста на Бугарија за да им се приклучат на востаниците во Тракија.
Голем дел од погоре наброените македонски Бугари се вклучиле во Руско-бугарската бригада, формирана по распуштањето на доброволечките чети, на чело со генерал Черњаев. Во бригадата среќаваме и нови имиња: Филип Хаџикуманов, Никола Попов и Андон Симов од Охрид, Анастас Јанков од Загоричане, Георги Михајлов од Горна Џумаја, Евто Данов од Кратово, Зисо Такев и Христо Томов од Битола, Крстан Наумов од Струга, Мојсеј Марков од Кичево, Пани Караколов од Годлево, Разлошко, Пантели Ставров од Велес, Паско Василев од Призрен, Тодор Македонски од Јакоруда, Јани Каракашов од Разлог, а веројатно и други, чии родни места не се наведени во зачуваните документи.
Предложениот општ, а сигурно и нецелосен преглед е убедлив доказ за местото на македонските Бугари во онаа „… револуција морална и со оружје…“, која го трасираше патот кон нашата слобода. Несомнено се потребни уште истражувања што ќе ни помогнат уште поцелосно да ја осмислиме Априлската епопеја. Уште повеќе, учеството на Бугарите од историско-географската област Македонија е јасно сведоштво за стремежот на нашите предци кон ослободување и национално обединување.
