|

МИХАИЛОВ: ИНТЕРНЕТ ПРОСТОРОТ СЕ ПОТВРДИ КАКО НЕОГРАНИЧЕНО ПОЛЕ ЗА НЕОГРАНИЧЕНИ ГЛУПОСТИ

Тони МИХАИЛОВ, претседател на Регионалнот центар на новинари „Исток“ при ЗНМ, во новинарството е 30 години. Се работи за искусен новинар кој започнал да работи во печатени медиуми, кои на крајот на осумдесетите и почетокот на деведесетите години на минатиот век имаа значајно место – како на пример Млад борец. По завршувањето на студиите, доживува мала игра на релација радио – телевизија, преку Радио Штип, Канал 77, ТВ Ирис, па пак Канал 77 со најдолг стаж од 15 години. Од 2008 па наваму тој е г  новинар во Универзитетското радио „УГД ФМ“, со активност во сите сфери од работата на Универзитетот „Гоце Делчев“ кои претпоставуваат односи со јавност, изготвување на информации, независно дали на радиото,интерната телевизија, социјалните мрежи….  Истовремено, веќе подолг период е водител и на емисијата „Што мисли народот“, на регионалната ТВ Стар.

Михаилов е соговорник на istokpress.mk во серијалот „Што работите и за што размислувате во услови на корона вирус и намалени социјални слободи“.

Тони можно ли е квалитетно новинарство во услови на ваков вирус, на социјална дистнца и воздржаност, на неможност изворно новинарот да се слушне лице в лице со „носителот“ на информацијата?

-Квалитетно или не, новинарството не зависи од оваа актуелна ситуација. И сега, квалитетните новинари останаа квалитетни, оние кои ја рушат и срамотат новинарската професија, и понатаму го прават тоа, дури можеби и повеќе. Впрочем, можеби и прес конференциите на Министерот за здравство Венко Филипче, преку прашањата кои беа поставувани од новинарите, и начинот на кој беа поставувани, ја покажаа тажната слика на нашето новинарство. Единствено нешто што дојде до израз во ситуацијава е користењето на технологијата, интервјуа по скајп, зум…Неможноста новинарот да се слушне и види лице в лице со изворот на информацијата, за жал не беше хендикеп за некои колеги и претходно, телефонот им беше најдобар „пријател“

Дали новинарите се меѓу професиите со најголема опасност да се заразат со оглед на фактот дека тие имаат дозвола за следење на настаните на отворено и се мешаат со многу луѓе…

-Секако дека се, и мислам дека новинарите треба стриктно да се придржуваат до препораките и да се заштитат, колку е тоа можно. Самиот податок дека новинарот на Канал 5, Гоце Михајловски со тоа што беше заразен самиот, што е само по себе тешко и лошо чувство, дојде во ситуација вршејќи ја својата новинарска работа да ги доведе во ризик лидерите на двете најголеми политички партии, говори доволно. Овде морам да кажам дека Здружението на новинари заедно со ОБСЕ заврши добра работа, доделувајќи на медиумите заштитни материјали, кои се на располагање на новинарите и останатите медиумски работници. За мене, како претседател на Регионалниот центар на ЗНМ – Исток, посебно е важно што ЗНМ додели заштитни материјали на сите медиуми кои се пријавија, без разлика дали во нив има членови на Здружението.

Колку си задоволен од квалитетот на извештаите не медиумите и новинарите во нив во однос на пандемијата? Дали некаде се претеруваше, дали и премногу информации можеа да го заморат организмот, посебно оној дел во главата, или можеби се си беше на ниво..

-Мислам дека малку не понесе сите ситуацијата, се знае дека новинарскиот адреналин делува многу во кризни ситуации, ама оваа беше малку поинаква од се досега. Се соочивме со досега можеби највисоко ниво на транспарентност и пристап до информациите, но како да подзаборавивме дека улогата ни е и со начинот на пласирање на информациите да ја намалиме паниката, да не поттикнуваме страв…Така, барем еден добар пристап сепак беше да се оди најпрвин со бројот на излечени пациенти, а најчесто најнегативните вести доаѓаа први. И искрено, не ми се допадна трката на некои медиуми да бидат први кои ќе ги објават бројките, а сепак, како еден од моментите кои ќе ми останат како темна дамка од оваа криза, е тоа што еден медиум, национален, отворено побара јавно да биле објавувани имињата на оние кои се заразени. Тоа беше прилично разочарувачки…

Дали и преку работата на темата корона вирус новинарите покажаа колку се поделени, а ако е така на што, според тебе, се должи таа поделба?

-Кажав и претходно, многу малку, речиси ништо не се смени кај новинарите, и така е и во поглед на известувањето за коронавирусот, кризата. Дел од медиумите и новинарите останаа „слуги“ на одредени политички центри. Не беше ни толку тешко да се препознае, ете например, новинарите кои сакаа да ја нападнат актуелната власт ќе напишеа „имаме најмногу смртни случаи на еден милион жители во регионот“, а оние кои сакаат да ја фалат ќе се задржеа на некој до позитивните моменти, како на пример „имаме повеќе тестови на еден милион жители од повеќето други држави во регионот“. А реално, играта со бројки во ситуацијава никако не може да ја даде реалната слика, освен ако се земат предвид сите параметри.

Која е твојата оценка за шпекулациите во однос на короната, како ги оценуваш сезнајковците кои знаат се, од земјоделие до атомска физика…Дали шпекулативните информации во вакви случаи треба да бидат подложни на казнени мерки со оглед на проблемите кои тие можат да ги предизвикат?

-И за овие шпекулации го имам истиот став како и за сите останати – треба казнени мерки, треба секој да стои зад тоа што го кажува и да биде подготвен да одговара ако треба. Во ваква ситуација, тежината на искажаното и можните последици се уште поголеми, но за жал интернет просторот од тој аспект е неограничено поле за неограничена глупост. За жал, и дел од медиумите востановија некоја лоша пракса за пренесување на статуси од социјалните мрежи, и со тоа само придонесуваат за зголемување на негативниот ефект. Тоа е многу опасна игра, и мора да признаеме декла најчесто не станува збор за случајност, туку тоа е мрежа на портали кои споделуваат такви информации, а поединци на социјалните мрежи ги преземаат и објавуваат – некои едноставно затоа што некој така им рекол, некој затоа што и покрај тоа што пишуваат „прецедател“, „болес“, „от“, знаат се и за 5Г, и за медицина, и за атомска енергија. Но,ако некако нив можам и да ги разберам, не ми е сеедно кога ќе видам луѓе од кои се очекува да знаат да проверат, да разликуваат лага од вистина, информација од манипулација, сепак да потпаѓаат на дезинформациите за длабоката држава, сатанскиот заговор, чипирањето, „измислениот“ вирус, на тврдењата дека некој таму давал 2000 евра за починатиот од друга болест да биде евидентиран како од корона…и уште какви ли не небулози. А се разочарав искрено од многу луѓе…

Дали Македонија квалитетно се справува со кризата?

-На здравствен план, мислам дека ако се земе предвид какво здравство имаме благодарение на третманот кој го има тој сектор од самото осамостојување на Македонија досега, имаше квалитетен одговор. Ако се земе предвид дека во целиот свет се демонстрираше непредвидливоста на вирусот, дека дури и СЗО ги менуваше ставовите и во поглед на лекувањето, во поглед на мерките, Македонија во одредени моменти делуваше и неочекувано подготвено.Посебно ако целта била да се избегне пик во еден момент, односно голем број на заразани во краток период, тогаш очигледно целта е постигната. Но, сепак за тој дел одбирам да сочекам и зборот да го кажат стручњаците епидемиолози и инфектолози. Квалитетното или не справување со кризата ќе биде појасно кога ќе видиме како ќе се справи државата и на економски план, бидејќи многу сектори бележат огромни загуби, а последиците по економијата допрва ќе се чувствуваат.

Целото интервју со колегата Тони Михаилов, прочитајте го на Истокпрес.

Слични Објави