МИРА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ

Истакнато Колумни Краток спој Позиција

Го најдов консензуалниот кандидат за претседател на Република Македонија (порталот што го уредувам не е на државна цицка, затоа можам со чиста совест да ја игнорирам географската одредница Северна)!!! Мојот кандидат е жена (за мерак на феминисткиве) и истата се покажа како загрижена за благодетот на својата потесна фамилија. Таа со упорноста на диктатор од Блискиот исток, што се нашол на „црната листа“ на ЦИА, не попушти пред притисокот на јавноста и успеа да се договори мажот и братот да се повлечат од унапредувањето и вработувањето, но синчето да остане на работа во ЕЛЕМ.

Јас на тоа му викам школски пример за мајчинска љубов и домаќинско работење. Има и еден друг момент, комуњарите во обид да се извадат од незгодната ситуација со пратеничката-супер ѕвезда обелоденија дека истата им дошла од редовите на ДПМНЕ, уште од времето кога Љубчо беше претседател на партијата.
Кога можат од Белата палата да промовираат за нивен кандидат поранешна „соросоитка“ и министерка во влада на БЦ, каков би бил проблемот од Бихаќка да истрчаат со кандидат поранешна „љубчовистка“. Циркузот ќе биде полн и комплетиран. Пред биографијата на Мира, „вмровското“ педигре на Никола Димитров (еден од можните кандидати за претседател на СДСМ) виси засрамено како неподготвен средношколец излезен на табла во час по математика.

Претседателката Мира ќе му биде достојна наследничка на Ѓорѓе Иванов… и таа ќе молчи како него, оти, а отвори уста, а синчето ќе лета од работа. Сега, ако се лажеме, е време да го потврдиме муабетот дека во Македонија нема партиски влијанија при вработување нели… нема ни списоци. Сè заврши со режимот на Груевски нели, а сега се е транспарентно и според законот?

Јас лично верувам дека претседателката Мира прекрасно ќе го заокружи лудилото што ја тресе нашата земја.

ДПМНЕ на пример бара јавниот обвинител да биде именуван на нивен предлог… за да имаме правдина, оти нели хунтата врши политички прогон. Македонија има потреба од суштинска реформа во правосудниот систем и како решение за тоа Белата палата предлага тие партиски да предложат кој да застане на таа одговорна позиција. Ептен државнички. Обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО пак од насловната на Фокус ни кажува дека „СЈО се сомнева дека Груевски проневерените пари ги изнел надвор од Македонија“. Штета, а Заев баш сакаше да ја објави сумата на украдени пари на бројчаникот. Сега заради Груевски нема да може да го направи тоа. Инаку да потсетам дека Груевски не беше осуден за проневера на пари, туку за тоа што влијаел врз изборот, во каков автомобил со масажери и грејачи на седиштата да ужива неговиот премиерски задник.

Што да ви кажам за искористувањето на исчезнувањата на луѓе за политички цели. Порталите блиски до ДПМНЕ и одредени луѓе на социјалните мрежи објавуваат сомневања за поврзаност на исчезнувањата со наводна трговија со органи. МВР демантира, Спасовски смирува дека се работи само за ширење паника, но никој не се поставува во кожата на семејствата на исчезнатите. Во државата владее анархија, никој не е безбеден, сакаат да ни кажат „колегите“ од „ДПМНЕвските“ порталчиња, и можеби се во право, ама брзам да ги потсетам дека ништо поразлична не беше ситуацијата и кога со МВР раководеше Гордана Јанкулоска. Тогаш побезбедни ли се чувствувавте? Тоа е важно прашање, бидејќи и едните и другите ги прават истите грешки, само бојата на пропагандата е различна. За крај ќе ги спомнам Миле и Спире… Ги тепале или не, кој ќе ни каже? Мицкоски вели дека докторот им кажал дека Миле имал повреди, а од болницата „8 септември“ велат дека кај Јанакиески нема повреди.

Некој лаже… Не не, сите нè лажат, а ние веруваме како последни будали. Ни треба фамилијарен човек, кој се грижи за своите најблиски, за да стане шеф на државата. Па да ве прашам во сета оваа ненормалност, дали нема нешто понормално од тоа Мира да ни стане претседателка? Можеби не е убава како Колинда, ама барем е искрена… дојде до позиција, си го вработи детето и после оти беше морално им кажа на мажот и братот да се повлечат. Милина.

Автор: Батко Тане