На чекор до ЕУ…
Facebook статус на Никица Корубин
Колку текстови денес ќе бидат напишани за “традиционално лошиот однос” на Франција кон нас?
Колку за карактерот на Макрон и ефектот на тамошните избори?Колку експерти и аналитичари ќе се произнесат за кризата во ЕУ, за нејзината непринципиелност?Колку политичари ќе ја повикаат ЕУ “да се вразуми” и “да се преиспита?Колку ќе се жалат на неправдата и ќе се активира нашиот себесожалувачки патос на вечна жртва?
Така некако, очекувам да биде реакцијата на планот на Франција да помогне во тргањето на ветото на Бугарија и нејзината лидерска улога, која очигледно сака да ја одигра. А, ништо друго и не може да се очекува, кога неколку години се гради наратив “ние сме во право”,”Бугарите се лоши” и “ЕУ да изврши притисок”.
После сите “одбрани на идентитетот” на разни периоди и личности, кои како беа на дневен ред на историската комисија, така доследно се “бранеа” и со иста брзина се забораваа, после цементираниот став дека Бугарија сака да ни го одземе идентитетот, чиниш тој некој го дава, па може да го земе; после сето суптилно, перфидно и јавно ширење на класичен говор на омраза кој само оди на наша штета; и после константното превоспитување на ЕУ и наоѓање на сите нејзини мани; или со еден збор кажано, после внимателно градениот став “со Бугарија не може да се договориме” бидејки за “идентитетот нема преговори”, каква реакција и може да се очекува? Позитивна секако не. Бидејќи позитивната вест е всушност најголемиот грев. Грев кој цело време, во добро познатиот стил на етикетирање на “предавници”, беше и е наменет на сите кои го преиспитуваат “идентитетот за еднократна намена”, со едниствена намена: блокирање на ЕУ интеграциите.
Инаку, интересно е дека главна окосница на наративот “ние сме во право”, е дека постојано бараме Бугарија да биде принудена од страна на било кого (ЕУ, САД), да “попушти”, бидејќи ние сите критериуми ги имаме исполнето. Со други зборови кажано, чекаме друг да ни ги заврши работите, додека ние го браниме идентитетот. Значи, не сакаме или не можеме. Па, зошто тогаш паника, кога ЕУ конечно “изврши притисок” врз Бугарија? Некако “притисокот” не е по наша мерка? Бидејќи, претпоставувам дека Бугарија требаше да биде “искарана, понижена и превоспитана”, а ние пофалени? Или не требаше ништо да се случи, цврсто веруваме дека деблокада не може да има, затоа што деблокада и не сакаме да има, со наводно “најсилниот” аргумент, идентитетот? Истиот оној, кој 25 години се бранеше од Грција, па да купиме уште 25 години со Бугарија? За одбрана на идентитетот се разбира, не за привилегиите, позициите и контролата на моќта.
ЕУ ја притисна Бугарија. Како партнер во ЕУ. И пак нема среќа кај нас. Затоа што никогаш и тоа не било желбата на сите загрижени бранители на идентитетот. На сите кои секој на свој начин, “сеат ветер” со години. Сега “жнеат бура”. И за нив ниту една добра вест од ЕУ не е добра. Затоа што се прават последните обиди да не’ заштитат од бурата. За која во голема мерка и самите сме виновни.
На чекор до ЕУ? Многу лесно, може да се утврди колку е чекорот блиску. Ако е мирно во “јавноста”, кај “аналитичари, експертите и инфлуенсерите”, секирајте се, ЕУ се’ уште не се занимава со нас. Но, ако на секој чекор читате, слушате и гледате “катаклизмични” предвидувања за предавства, далечна ЕУ перспектива, сатанизирање на Европа (Франција во случајов), вечната неправда и да се посветиме дома; не се секирајте. Работите одат во добра насока. Или како велат, внимавај што ќе посакаш, може и да се оствари. Баравме друг да ги заврши нашите обврски. Ги завршува.