НЕ СЕ РАСПРАВАЈ СО БУДАЛА

Ако пред Ковид кризата беше јасно дека (зло)употребата на слободата на говорот (посебно на социјалните мрежи) може да нанесе штета на здраворазумското мислење, да попречи јавноста да биде квалитетно и објективно информирана, да ги стави во втор план точните и релевантни информации за сметка на лажните вести и шпекулациите, во ова време на Ковид криза, опасбоста е уште поголема. Веќе слободно може да се каже дека сега дури и здравјето на граѓаните се доведува во опасност (иако и претходно имаше такви опасности, на пример со антиваксерството). Упорното објавување на „проверени“ информации дека корона вирусот е измислен, дека е лага дека во болниците има заболени ( „кој тоа видел дека капацитетите се исполнети на инфективните одделенија“ и паралелно со тоа објавување на видеа од некои празни болнички соби, со тврдење дека „сликата е од денеска,вчера…“ ), дека носењето маски не е потребно, до нудењето на „саможртвување“ со престој на инфективните одделенија, кај заразните со корона, за да се докаже дека нема вирус, свесно или несвесно, ги доведува граѓаните во заблуда. Создавањето на една таква атмосфера на недоверба, збунетост кај граѓаните, го зголемува процентот на оние кои имаат отпор кон мерките за заштита, за жал дури и кон најосновните – носење маски, дистанца, негрупирање… Секој обид за укажување на штетноста од непочитување на мерките е предмет на синхронизирани напади од личности, кои во најголем дел постираат за:

loading...

 -теории на заговор

-земјата е рамна

-сакаат да не чипираат

-сакаат да го намалат бројот на население

-5 Г мрежата го шири вирусот

-авионите не запрашуваат со вируси

-длабока држава, се јадат мали деца



loading...

-се даваат по 2000 евра за да починатиот се евидентира како заразен од корона

-вакцините предизвикуваат аутизам

………

   Опасноста и штетата која може да се нанесе се зголемува со зголемувањето на влијанието на социјалните мрежи врз нашите животи. Тенденцијата социјалните мрежи да се користат и сфаќаат како релевантен извор на информации од огромен дел на јавноста е се поприсутна, па со еднаква релевантност се прифаќаат и информациите кои ги споделуваат професионалци, кои истражуваат па објавуваат, но и оние кои на сопствени профили ги објавуваат поединци кои немаат а и тешко може да имаат познавања за темите за кои пишуваат. Никогаш не можете да знаете кој стои зад профилот кој објавува нешто, или кој ви коментира и дебатира со вас на објавата. Додуша, понекогаш и знаете, што за жал не ја намалува можноста да се најдете во ситуација „не се расправај со будала, некој од страна може нема да ја види разликата“. И во реалниот живот, но и во виртуелниот, некој како да сака да забораваме дека секој не може се. Сите мислат дека можат да бидат  лекари, инфектолози, министри, научници, во случајов да знаат за вирусот повеќе од некој кој животот го посветил на тој дел од науката. Впрочем, самото наше општество трпи многу токму од практикувањето на тоа дека „секој може се“, па имаме илјадници личности кои ни виновни ни должни се наоѓаат на позиции да одлучуваат, раководат, шефуваат, а сиротки, не знаат да „бекнат“ за областа за која се назначени. Штетата е евидентна, и во реалниот свет, и во виртуелниот, а во случајов, граѓаните поттикнати да не веруваат во вирусот, поттикнати да не почитуваат мерки, со го доведуваат во опасност и сопственото, но и здравјето на сите околу нив. Можеби затоа во оваа ситуација понекогаш и треба да се ризикува и да се расправа и со будали, и по цена некој од страна да ве изедначи со медиокритетите, „стручњаците“, сезнајковците…колку и да е невозможна мисија, можеби барем дел од оние кои ќе прочитаат ќе сфатат дека сепак почитувањето на мерките ќе помогне и нема да наштети, независно дали некој верува или не во вирусот. А можеби и под секоја објава на социјалните мрежи, треба задолжително да стои : носете маска, држете дистанца, не се групирајте.

Во меѓувреме, секако дека ќе продолжиме да дебатираме, но не е лошо да размислиме пред нешто да кажеме – дали со тоа некому можеме да нанесеме штета?

Автор: Тони Михаилов за весник Штипски глас