НЕПОТИЗАМ И ПРОСТИТУЦИЈА

Можеби повеќето од Вас не знаат дека германската канцеларка Ангела Меркел има брат кој се вика Маркус Каснер и е професор по физика во Гете универзитетот во Франкфурт. За мене лично беше огромно изненадување фактот што г-нот Каснер нема агенција за обезбедување или во најмала рака не е газда на фудбалски тим од Бундеслигата па макар и од пониските нивоа на ова натпреварување.

Г-ѓа Меркел има и сестра, која се вика Ирене Каснер и поради непозната за мене причина не е вработена во германските ЕЛЕМ, туку се занимава со скромната но благородна професија работнички терапевт.

Германија е голема, развиена и уредена земја…

Македонија е мала, бедна и отепана од транзицијата земја во којашто не е препорачливо да се занимаваш со приватен бизнис и баш поради таа причина национален спорт ни е дудлање функционерски патлаци по штабови за да ја лапнеш брадавичката на државната цицка…

Роднините на функционерите кај нас немаат потреба од орално докажување пред локалниот партиски моќник за да се сместат удобно, мислејќи на својата пензија. Нивниот статус се гарантира според генот што го носат. Синови, ќерки, браќа, сестри, братучеди… веќе им го изгубив редот. Кирац дури ми стана симпатичен, тој барем шваљерката си ја „запосли“. Командант Форина малку ја претера, ем ќерката ем баџанакот, ама голем човек е тој, не е прцулче ко генсеков на комуњарите. Таљат бил офицер од АРМ, командант од УЧК, заменик-министер за одбрана, министер за одбрана, а сега е спикер на парламентот. Па човекот имал и има повеќе одговорни функции од бројот на книгите, што некогаш во животот ги прочитале оние 50 % неписмени „младичи“, чии достигнувања беа обелоденети во медиумите.

Непотизмот е нормална појава во Македонија и на Балканот. Кај нас е ненормално ти да си на функција, а твој роднина (со кого си во добри односи) да се потпишува во бирото за вработување. Ќе бидеш колнет од вујни и стрини до 9 колено, магии ќе ти прават, со крв од лилјак крстови ќе ти цртат на врата, ќе ти извадат муабет дека до 12 годишен си се мочал у гаќи и дека си ги јадеш цуфките од носот. Страшно нели? Токму поради овие ноторни факти, македонските функционери не се плашат да ги вработуваат своите роднини, а потоа без трошка срам да изјават дека не влијале врз нивното професионално издигнување.

После се чудите зошто нема пари за џез фестивалот, па со ваквото турбофолк размислување на рајата, колку логично ви изгледа државното финансирање на џезот како правец во музиката?

Чудно ви е нели? Се чудите како се случуваат овие работи, ама не сакате да протестирате по тоа прашање, бидејќи и вие ќе го правевте истото, ако бевте функционери. Партиските главучи со по 2 сантима школо и влијание во рацете не ни ги носат од Марс, тие се локални фраери и фраерки. Тие се прекрасен пример за тоа како тоне принципот за ист третман и пред правдата и пред отворените работни позиции.

Тоа со непотизмот тешко дека ќе се искорени. Како што вели Шекеринска Македонија е мала земја, секој со секого е братучед. Плитко, ама логично оправдување. А да и на следни избори гласајте за „алтернативата“ Мицкоски, само да ве потсетам дека новиот „војвода“ ја смени владејачката постава во неговата партија, а тоа значи нова тура роднини и шваљерки за вработување…

Непотизмот треба да се намали до минимум, оти тој е како криминалот, не може да се искорени, а проституцијата треба да се легализира… оти е далеку поморална појава.  

Автор: Батко Тане