| |

Николоски одби да се извини за изјавата дека „Бугарите са нецивилизирани и мизерни“

Вицепремиерот на Северна Македонија, Александар Николоски, одби да се извини за грубата навреда што пред една година ја упати кон Бугарија, кога во емисија на телевизија „Алфа“ ги нарече Бугарите „нецивилизирани“ и „мизерни“, јавува репортерот на БГНЕС, Димитар Русков, од Ѓуешево.

На прашањето: „Г-дин Николоски, од вашиот прв ден како вицепремиер на Северна Македонија сте мошне остар во односите со Бугарија, особено околу Коридорот 8. Што конкретно се промени во изминатите месеци за денес да седите на иста маса со г-дин Караџов? Дали сè уште сметате дека бугарските домаќини се нецивилизирани, мизерни луѓе?“ – Николоски одговори:

„И минатата и оваа година зборувавме за инженерски, а не за политички проблеми на проектот. Она што вие и вашите колеги се обидовте да го направите политички проблем, за среќа не успеавте, и затоа сме денеска тука. Мислам дека доволно одговорив“.

На дополнителното прашање: „Ќе се извините ли за таа изјава?“ – Николоски се заврте и замина без одговор.

Денес Николоски и неговиот бугарски колега, Гроздан Караџов, потпишаа договор за подготовка, изградба и експлоатација на трансграничен железнички тунел меѓу двете држави.

Церемонијата се одржа на железничката станица во Ѓуешево, која претходно беше обновена и освежена.

Проектот за железничко поврзување меѓу Бугарија и Северна Македонија постои, во една или друга форма, речиси 150 години. Денес е дел од паневропскиот Коридор број 8, кој има критично значење за економијата и безбедноста на Европската Унија, како и за воената мобилност на НАТО на Балканот.

На настанот присуствуваа претставници на Европската комисија, дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ и НАТО во Бугарија, како и претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светската банка.



Слични Објави