| |

НОВАТА СТУДЕНА ВОЈНА

Личното поведение, преточено во претседателствувањето, направија од  Доналд Трамп нестандарден американски претседател. Со тоа, иако не  целосно и драстично, но американската надворешна политика се промени, поместувајќи ја од конзистентноста, која беше зацртана од 1945 година преку трансатлантското партнерство. Притиснат од својот егоистички мачоизам, ветувањето од претседателската кампања до своите гласачи „ За повторно голема Америка“, како и конфликтниот авторитарен карактер, американската надворешна политика остана без кормилар. Соединетите американски држави, во координација со ЕУ, пред се со Германија, ја гарантираат безбедноста на државите на Балканскиот полуостров, две децении после крвавиот распад на заедничката држава Југославија. Архитектурата на Балканот, е трајно и загарантирано членство во НАТО алијансата  и ЕУ, на сите земји од Западаниот Балкан, со исклучок на членството на Србија во НАТО, поради добро познатите причини од минатото.

Нови ветришта на Косово Поле

Без исклучок, сите високи претставници од Стејт Департментот , ЕУ и Германија, ја гарантираа територијалната целост на Косово, исклучувајќи ја опцијата за размена на територии меѓу Белград и  Приштина, како опасен преседан кој ќе ја отвори „ Пандорината кутија“ на Балканот повторно. Симптоматичните изјави на претседателите   Александар Вучич и Хашим Тачи дека се подготвени за разговори за „ територијални корекции“ е сериозен индикатор, дека нешто зад завесата се случува. Запрепастувачкиот одговор од Џон Болтон, висок американски функционер, кој искажа дека ќе го почитува „ секој договор“ помеѓу Белград и Приштина, е само дополнителен сомнеж дека „ територијалните корекции “ за разлика од минатото, денес се сосема можни, и истите претставуваат „ Дамоклов меч“ над балканските глави. Сериозни  безбедносни  аналитичари, аналитички експерти, политичари предупредуваат од опасноста на „ територијалните корекции“ , тврдејќи дека истите не може да не предизвикаат верижна реакција во Босна и Херцеговина и во Македонија.

Македонија во балканскиот котел

Македонија, заедно со Босна и Херцеговина и Косово се последните три невралгични точки на Балканот, за кои се уште се разговара за нивниот внатрешно-политички и територијално-организациски систем. Ветриштата од косовското поле, неповолно можат да влијаат во Полог, бидејќи евентуалната поделба  на Косово ќе значи крај на мултиетничкиот модел на балканските држави, во кој толку се инвестираше во последните две децении. Исто така, поделбата на Косово, ќе ја направи неодржлива оваа држава на подолг рок, што имплицира спојување со Албанија, на нејзиниот јужен поголем дел, доминантен со етнички Албанци.  Од друга страна, Република Српска, владеена од Милорад  Додик , која зазема 49 % од целокупната територија на Босна и Херцеговина, во еден таков евентуален „ расплет“ на балканските испреплетени јазли, логично би било, да побара унификација и спојување со својот матичен државноправен субјект, односно со Република Србија. Во овие непредвидливи , но сосем реални  разврски, Македонија нема да може да го издржи товарот од новото престројување на балканските нации и држави.

Единствениот гарант за територијалниот интегритет и суверенитет

Тони хартија се потрошени, за да се напише дека НАТО алијансата е се уште единствен гарант на територијалниот суверенитет на мала, етнички фрагилна и потенцијално небезбедна држава како Македонија. Секако, противниците на оваа теза, имаат право на свои аргументации и ставови, но непобитен е фактот, дека не постои држава членка на НАТО, која имала внатрешноетнички распад или создавање на етнички ентитет на својата територија. За разлика, пак во државите кои не се членки на оваа алијанса, а имаат големи бројни етнички малцинства, се случија војни, вооружени судири и отцепување, па дури и припојување на нивните територии со другите држави. Доволно е да се наведат примерите на Приднестровје ( Молдавија), Абхазија и Осетија ( Грузија), Крим ( Украина), или пак  Косово  и Босна и Херцеговина на Балканот. Примерот со Каталонија, која не успеа да се избори за својата независност на еден мирен и легитимен начин, е најголем доказ за тоа каков гарант е НАТО за територијалната целост на една држава, макар и таа била шпанската монархија. Сметам дека, ова се доволни аргументи за македонските граѓани, за да знаат што треба да одлучат на 30 септември, и како самите да ја трасираат иднината на својата земја.

Автор: Благојче Атанасоски, историчар, м-р по политички науки



Слични Објави