Одбележуваме 92 години од смртта на истакнатиот деец на ВМОРО Никола Пасхов од Охрид
На 1-ви март 1932 г. во Луковит умира револуционерот и учител, истакнат деец на ВМОРО – НИКОЛА СТЕФАНОВ ПАСХОВ, роден во Охрид, 1862 г. Тој е внук на Кузман Шапкарев. Во периодот 1885 – 1891 г. работи како учител во Охрид и Струга и во тоа време ги опишува запазените црковни и други старословенски надписи во областа и ги испраќа на Марин Дринов. Во тоа време активно се бори со српската пропаганда во Македонија. Во 1886 г. на Илинден во куќата на Климент Заров во Горна Порта, во Охрид дел од членовите на просветното друштво „Свети Климент“ учествуват во создавањето на револуционерен кружок. Членовите на кружокот ги обикалуваат селата во Охридската каза и агитираат населението да отвара училишта, да го користи поактивно привременото одобрение на османските власти да се вооружува против албанските разбојници кои беснеат во тоа време, како и да ги избегнува османските судови. После тоа е секретар на Бугарската митрополија во Битола. Одново работи како учител од 1893 г. во Куманово, Воден, Костур, Ениџевардар, Кукуш и други места. Од 1903 до 1904 г, како учител во Гевгелија, е член на околискиот комитет на ВМОРО. По Младотурската револуција во 1908 г. е испратен за околиски егзархиски училишен инспектор во Лерин. Пасхов организира во Лерин Бугарски конституционен клуб, на кој е избран за председател. При избувнувањето на Балканската војна во 1912 г. Пасхов е доброволец во Македоно-одринското ополчение на Бугарската армија и е награден со орден.
“Обвинителот решил да ме ослободи и ми кажа: „Вие Бугарите сте незадоволни од управувањето на султанот Хамид и сте многу егоисти. Има незадоволни од тоа управување и од другите народности – Турците, Арнаутите, Власите и Грците. Револуционерната организација треба да ги прибере во своите редови сите незадоволни и да ја води борбата од името на сите незадоволни. Иначе Македонија никогаш нема да биде Бугарска, макар реки од крв да се пролеат.“ Макар што ги знаев статутите на организацијата, според кој секој македонски жител, без разлика на вера и народност може да членува во неа, јас ништо не му одговорив. Ме ослободија и заминав за Кукуш.”

