|

Османи: Да останеме на брзата патека за членство во ЕУ

Денес, во работна посета на државата беа министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски, и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Влаховски, ополномоштени од високиот претставник за надворешни работи на Европската Унија, Жосеп Борел, за да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ во однос на прашањата поврзани со нашето евро-пристапно досие.

Министерот Османи изрази благодарност за силната и гласна поддршка на Австрија, Чешка и Словачка за европскиот пат на нашата држава додавајќи дека тоа се земји пријатели на проширувањето со земјите од Западен Балкан, кои добро ги познаваат актуелните политички случувања во регионот, но и геополитичкиот контекст во кој се одвиваат процесите на Балканот.

„Проширувањето на Унијата е соочено со интегративен момент, кој не треба да го пропуштиме. Република Северна Македонија не смее да си дозволи да се издвои и да припадне во групата земји кандидати или потенцијални кандидати, кои имаат отворени прашања и за кои нема да има брза патека за пристапување во ЕУ. Напротив, ќе направиме историска грешка ако не останеме на сегашната патека, на која многу тешко се вративме по многу години чекање“, истакна Османи.

Османи истакна дека има отпор наметнат од претставници на опозицијата за кој вели дека е ирационален, со оглед дека ни најмалку не ја менува суштината на уставното уредување на државата, туку само се допрецизира и онака мултиетничката структура на нашата држава.

„Во наредните неколку недели пратениците ќе бидат ставени пред изборот да подржат измена на Уставот, што секако претставува наша цивилизациска обврска и придобивка, или ќе ја затвориме таа врата со изговори, на кои потоа никој нема да се сеќава“, додаде Османи.

Воедно, министерот Османи ја поздрави најавата за новиот план за развој на Европската комисија како навремен одговор на нашето барање за повеќе интеграција и бенефити за нашите граѓани на патот кон пристапното членство. Во овој план се предвидува приближување на Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на регионалната економска интеграција, забрзување на основните реформи и зголемување на претпристапните фондови за земјите од Западен Балкан.



Слични Објави