|

Јаневски: ВМРО-ДПМНЕ е блокатор на коруптивните зделки на Данела Арсовска, на Али Ахмети и на Димитар Ковачевски

Советникот во Советот на Град Скопје, Филип Јаневски, на денешната седница на Советот истакна дека директорката на ЈП „Комунална хигиена“ и градоначалничката Данела Арсовска, иако се најповикани, не присуствуваат на седниците и бегаат од одговори, а наместо тоа, ги праќаат своите „портпароли“ да држат политички беседи и да ја оцрнуваат главната опозициска партија.

„Фактичката состојба нема кој да ни ја објасни во моментот бидејќи директорката на јавното претпријатие не е тука и бега од одговори, а градоначалничката, пак, како и пред две недели на седницата за советнички прашања, повторно не се појави и избега, за жал, но ги прати своите портпароли тука да држат политички беседи бидејќи имаат добиено наредба да ја оцрнат главната опозициска партија. Ние сме биле блокатори. Јас да ви кажам, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ се блокатори на сè што е штетно, и на коруптивните зделки на Данела Арсовска и на коруптивните зделки на Али Ахмети и на Димитар Ковачевски. Ние ќе блокираме сè што сметаме дека не е добро“, истакна Јаневски.

Тој исто така додаде дека заменик-градоначалникот и советник од ГРОМ, Александар Трајановски, е последен што треба да држи говори како ВМРО-ДПМНЕ била нереформирана партија.

„Ние дојдовме конструктивно да разговараме за проблемите на ‘Комунална хигиена’ и да најдеме системски решенија. Лица што се фрустрирани и неостварени овде да држат говори за тоа како ќе нè однесела вода, не сме можеле ништо да постигнеме. И вам да ви одговорам, и на тие што ве платиле да им одговорам, и на оние што ви наредиле да го правите ова да ви одговорам дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ на наредните избори ќе ве прегази како шлепер жаба. Ништо нема да остане од вас, ниту од тие ваши минорни политички партии“, истакна Јаневски и додаде:
„Ќе бидете пуштени низ вода и ние заедно како главна опозициска партија и коалицијата околу таа главна опозициска партија ќе спроведеме системски реформи во државата. Ќе видите како се води држава и како се води град“.

Слични Објави