ПАРТИИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ СО МЕЃУСЕБНИ ОБВИНУВАЊА ЗА БРОЈОТ НА НОВОЗАБОЛЕНИ

//

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ преку соопштенија меѓусебно продолжуваат да се обвинуваат за состојбата со ковид-19 и бројот на новозаболени во државата.

Додека власта бара вина кај министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поради недејствување од страна на полицијата за непочитувачите на мерките, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека за состојбата виновни се лидерот на СДСМ, Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, на кои приоритет им било одржувањето на избори.

„Наќе Чулев е закана за здравјето, неговата неодговорност поттикна прекршување на мерките и забраните. Христијан Мицкоски, Наќе Чулев и кадрите на ВМРО-ДПМНЕ свесно го рушат системот за заштита од коронавирусот и предизвикуваат негово натамошно ширење. Целата јавност сведочеше на масовно непочитување на мерките и забраните додека полицијата на Чулев не преземаше ништо. Тоа придонесе прекршувањата на мерките и задолженијата за заштита од коронавирусот, да станат побројни, што директно влијае врз зголемувањето на бројот на новозаболени од коронавирус“, велат од СДСМ од каде бараат Чулев веднаш да поднесе оставка.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ во соопштение наведува дека во ситуација со рекорно заболени лица, СДСМ и Заев уште зборуваат за избори на 5 јули.

„Македонија е рекордер во регионот на милион жители и по број на заразени и по број на починати лица. Од друга страна веќе сме рангирани на 103-то место во светот, односно сме на листата на небезбедни држави по однос на справување со епидемијата. И самите граѓани во Македонија сметаат дека исклучително лошо се справуваме со епидемијата во однос на земјите во регионот кои бележат далеку подобри бројки во однос на Македонија. Тоа не е доволно за СДСМ да се откажат од идејата да се одржат брзи избори со цел да се намали изборниот пораз и на тој начин да се спаси кариерата на Зоран Заев. Народот гледа дека наместо здравјето и животите на луѓето, битна им е политиката на Заев, Филипче и СДСМ кои пред две недели прогласија нова нормалност. Во ситуација кога и во СДСМ се создава кластер на заболени, кога носат мерки за карантин на поголемите градови, а нивните функционери заминуваат по викендици и хотели, Заев и Филипче размислуваат само на нивните партиски интереси“, наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.



Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 3.152, бројката на оздравени пациенти е 1.653, на починати 156, а во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.343. Вчера беа регистрирани 127 нови случаи на ковид-19.

Извор: makfax

Претходна статија

ЕДНО ЛИЦЕ ГО ЗАГУБИ ЖИВОТОТ, А НЕКОЛКУ ДРУГИ СЕ ПОВРЕДЕНИ ВО ТЕШКА СООБРАКАЈКА КАЈ ВАСИЛЕВО СТРУМИЧКО

Следна статија

ИМА И МАТИЧНИ ЛЕКАРИ КОИ НЕ ВЕРУВААТ ВО КОРОНА ВИРУСОТ, НЕ ГИ ПРИЈАВУВААТ ПАЦИЕНТИТЕ ЗА ТЕСТИРАЊЕ И ГИ ЛЕКУВААТ ДОМА

Најново од Вести