Петкоски: Говорот на омраза кон Бугарија и фалсификувањето на историјата се спроведува од луѓе кои не и мислат добро на РС Македонија

//

Димче Петкоски e професор по Филозофија, oсновач на здружението за Македонско – Бугарско Пријателство -МБП и поранешен Секретар на истото здружение. Тој е еден од основачите на политичката партија Граѓанскo Демократска Унија – ГДУ и е Секретар на партијата.

Трибуна: ГДУ ја поддржа иницијативата на бугарските здруженија и го потпиша писмото испратено до бугарската политичка елита со конкретни барања, зошто ја препознавте оваа иницијатива?

Петкоски: Граѓанско Демократска Унија – ГДУ е позиционирана центар-десно на политичката оска, политички субјект кој во основа е платформа на силни индивидуи. ГДУ ја формираа и ја поддржуваат членови и симпатизери од различни етнички групи и религиски верувања. Исто така сакам да потенцитам дека Претседателот на ГДУ себе си се декларира како Македонски Бугарин. Во нашите тела секогаш разговараме за тие разлики, тоа е нашето богатство и политички капитал, силната индивидуа ќе биде вредност што ќе нѐ води во иднина заедно со западниот свет. Прашањето дали Бугарите треба да влезат во уставот на РСМ и да им бидат загарантирани сите права како и на останатите етнички групи, е право кое произлегува од Уставот и не гледам ништо спорно во тоа. Решавањето на тоа прашање ќе биде точка од која ќе тргне процесот на европеизација на Македонија. Мислам дека ние, заедно со Република Бугарија, Европската Унија и западните сојузници ќе ги надминеме сите разлики, за да конечно бидеме заедно со Европското семејство, каде што и природно припаѓаме. ГДУ ја поддржа таа иницијатива на бугарските здруженија затоа што е европска вредност.

Трибуна: Дел од македонската елита се спротивставува на барањето за впишување на Бугарите во Уставот на РС Македонија. Зошто?

Петкоски: Терминот “спор” со Република Бугарија и целата сага која произлегува од низа комплицирани прашања кои продуцираат конфликти, всушност не се спор, туку отпор од група олигарси и нивните блиски соработници, кои преку конфликти и интриги ја држат во заложништво Македонија од нејзиното формирање како држава, па сè до денес. Во тоа интригантство, се разбира, најголемата цена ја плаќаат граѓаните на Македонија кои себеси се чувствуваат како Бугари. Тие луѓе згрчени за
позициите, заради лично профитерство и конформизам на своите соработници, се спремни на најсуровите методи кои еден човек може да ги замисли во 21век. Отпорот ќе биде жесток до крај по секоја цена, бидејќи сите институции и ресурси се под нивна контрола повеќе од 100 години. Чувствваат дека се нивно семејно наследство од дедовците и нивните деца се оние кои треба да продолжат да владеат со Македонија засекогаш. Со преспанскиот договор, мислејќи дека ќе ја заобиколат и повторно на шверцерски начин успеат да ја изиграат Република Бугарија, ја отворија пандорината кутија. Сега прашањето е „Што понатаму? “. Се прегрупираат и се бара начин како да излезат од ќор-сокакот во кој се најдоа, бранејќи ги само личните интереси, а притоа ги манипулираат граѓаните. Но, тоа е добро, бидејќи тие до сега никогаш не биле во ќор-сокак и треба да се освестат колку многу зло направиле, не само на Бугарите во Македонија, туку и на Албанците и останатите етникуми. Има една народна, која вели: „Оној кој на другиот му копа дупка, сам во неа паѓа.“ Токму тоа и се случи, удбашите паднаа во дупката која ѝ ја копаа на Бугарија повеќе од 100 години. Историски момент и историска шанса е удбашките остатоци да се преиспитаат што правеле и тие и нивните предци, како им било на оние чесни и мирољубиви луѓе кои биле жртви на нивните репресии, понижувања и убиства, само и единствено затоа што се чувствувале како Бугари.Постои ли дискриминација на Бугарите во Македонија?

Трибуна: Постои ли дискриминација во Македонија?

Петкоски: Се разбира дека постои, на пример: Согласно со Законот за празниците на Република Македонија (Сл.весник на РМ број 21/98 и 18/07) во 2021 година неработни денови се:



– За граѓаните припадници на албанската заедница во РМ • 22 ноември (понеделник), Ден на Албанската азбука; – За граѓаните припадници на српската заедница во РМ • 27 јануари (среда), Свети Сава;
-За граѓаните припадници на ромската заедница во РМ • 08 април (четврток), Меѓународен ден на Ромите;
– За граѓаните припадници на влашката заедница во РМ • 23 мај (недела), Национален ден на Власите;
– За граѓаните припадници на еврејската заедница во РМ • 16 септември (четврток), Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур;
– За граѓаните припадници на бошњачката заедница во РМ • 28 септември (вторник), Меѓународен ден на Бошњаците;
– За граѓаните припадници на турската заедница во РМ • 21 декември (вторник), Ден на настава на турски јазик.

Не постои државен празник на кој граѓаните од Бугарската заедница ќе можат да го прослават на достоинствен начин како сите останати етнички заедници, нели е тоа дискриминација? Еве, предлагам 3ти март – ослободувањето на Бугарија да биде државен празник во Македонија.

Дискриминација е исто така кога на сите огласи за вработување во државна администрација, критериум е етничка припадност, па така сите оние кои се декларираат како Бугари во Македонија немаат никакви шанси за вработување. Дискриминација е и кога на ниту еден медиум во Македонија не смее да се пренесе став на бугарските здруженија, Бугарите во Македонија се комплетно цензурирани. Дискриминацијата оди и до таму што нема автобуска линија на релација Скопје – Софија, па граѓаните мора да се снаоѓаат како знаат и умеат во 21ви век! Замислете, нема автобуска линија, на два соседни главни градови, кои се оддалечени само 240 километри. Дискриминација има во сите сегменти на општественото живеење во Македонија. Се надевам дека сето тоа ќе заврши и Македонските Бугарите ќе бидат рамноправни со сите останати етнички групи.

Трибуна: Постои ли говор на омраза и фалсификување на историјата?

Петкоски: Говорот на омраза и фалсификатите на историјата се пракса во Македонија која се спроведува од истата група на луѓе кои не и мислат добро на Македонија. Денес во училиштата во Македонија се учи дека Бугарите се фашисти и убијци. Замислете какви се чувствата на тие младите луѓе кои од една страна учат за Бугари – фашисти и убијци, а од друга страна родителите им кажуваат дека тоа се нивните предци! Замислете ги чувствата на тие ученици во однос на нивните соученици, замислете низ што поминуваат тие млади луѓе!
Во Македонија, денес гледаме едно систематско искривување на вистината, гледаме како агресивно се фалсификува се што е културно наследство на Бугарија. Целта е да се избрише од колективната меморија на граѓаните кои себеси се чувствуваат како Бугари. Секојдневно гледаме како се бришат или менуваат имињата на споменици, како се рушат гробови на загинати бугарски војници, гледавме како беше уништено спомен обележјето на загинатите бугарски граѓани во бродската несреќа во Охрид. Гледаме како секаде каде што има Б од името Бугарија треба да се избрише и да не постои повеќе. Тоа го гледаме ние тука, го гледа Бугарија, го гледа Европа, го гледа западната цивилизација, целиот свет го гледа. Стравот раѓа омраза, штом омразата кон бугарската заедница е толку голема, тоа значи дека стравот кај дел од структурите во Македонија е огромен. Во таа смисла ги прашуваме од што толку се плашат? Она што може да им го порачам на тие луѓе е дека нема причина за страв, дека Република Бугарија е земја која се залага и е во нејзин интерес Македонија да оди напред и се развива како земја членка на НАТО и Европската Унија, нема причина за стравови. Еве, нека се произнесат од каде произлегува тој страв, без да употребуваат реторика дека Бугарите се фашисти, без да плукаат по цел еден народ дека се фашисти. Гледам дека канцеларот на Австрија, господинот Себастијан Курц (сега во оставка), го канат на предизборни митинзи, го качуваат на бини, се тепаат кој да се слика со него, се сликаат со господинот Виктор Орбан, повикуваат на пријателство со тие земји итн. Па, нели и тие земји биле во сојуз со фашистите и нацистите? Значи ли тоа дека австрискиот и унгарскиот народ се фашисти? Потоа, еден од партиските лидерите побара и доби азил токму во таа земја која според вашата логика треба да е фашистичка. Значи ли тоа дека почесниот лидер на ДПМНЕ е фашист? Јас немам ниту слушнато, ниту прочитано, во Македонија некој да ја нарекува Австрија или Унгарија за фашистичка земја, а уште повеќе, немам видено некој да води секојдневна црна кампања против нив. Следствено на тоа, мислам дека проблемот на удбашите во Македонија не е во “фашистичка Бугарија”, туку проблемот најверојатно задира во нивните приватнолукративни интереси и можеби страв од губење на наследените позиции „за управување со животот и смртта во Македонија “. Стравовите се и дека, структури за безбедност во МВР и безбедносните структури при Министерството за Одбрана нема да можат да добијат безбедносни сертификати, па и нема да можат да бидат на позициите кои ги држат грчевито. Се плашат и оние од судско – обвинителската фела, зошто се поставени од тефтерчиња и по партиски директиви на “длабоката држава”.

Трибуна: Како ја гледате Македонија после 20 години?

Петкоски:
Отпочнување на преговори со Европската унија ќе значи сигурна и долгорочна иднина за Македонија, држава која ќе биде економски посилна, држава со вредности, држава во која секој човек ќе може да се чувствува гордо и достоинствено, без разлика на неговата верска, етничка или било каква припадност. Македонија ќе биде земја на силни индивидуи.

Претходна статија

Репликанти

Следна статија

(Видео) Драган Антоновски: Треба да се инвестира во зближувањето меѓу Бугарија и РС Македонија

Најново од Интервју