ПОДВИЖНИ „УБИЈЦИ“ НИЗ УЛИЦИТЕ НА ШТИП!
Штип и граѓаните во рамки на еден месец се сведоци на жртви во сообраќајот, проблемот очигледен, решението невидливо!
Одговорноста која по секоја логика и припаѓа на институциите, сега за сега не е активирана во пракса со реално и суштинско решавање на проблемите во сообраќајниот метеж. Паниката кај родителите, траумите кај учениците по сообраќајната незгода која кулминираше со смртни последици пред СОУ „Коле Нехтенин”, засега не е аларм за надлежните?!
Проблемите во сообраќајот, револтот кај родителите чии деца немаат никаква безбедност надвор од училишниот двор, претставува најголема актуелна тема која се наметнува во штипската јавност.
Оваа учебна година за само три месеци беше кобна за тројца ученици кои настрадаа при судир со возило чија брзина била повеќе од дозволената, при пешачка зона, во близина на училиште, факултет и неколку конфекции. Во овие три месеци, три вакви инциденти се забележани и тоа пред самото СОУ „Коле Нехтенин”. Вакви сообраќајни прекрошци се случуваат секоја година пред дворот на ова училиште, а по организираниот протест, реакцијата на родителите беше јасна и единствена, што треба уште да се случи за некој да се дрзне со решавање на проблемите, каде беа надлежните досега и што се чекаше, дали не мислат дека е време за преземање на највисоки безбедносни мерки?
Оваа животна мака и сторија на штипските граѓани е уште потажна, затоа што и на вакви протести кога човечкиот живот е во прашање, некој се обиде да наметне политика и политички интерес. Ова беше и единствената причина поради која професорите, но и директорот на училиштето не се појавија за да дадат поддршка на протестниот марш кој беше организиран од родителите и учениците. Само за потсетување, секој што ќе се огради од ваков протест за подигање на свеста и апелирање за имплементирање на поголеми безбедносни мерки, треба да знае дека индиректно претставува соучесник, а не бранител на интересите на родителите и учениците.
Дали правдината ќе биде задоволена и дали сторителите ќе одговараат, претставува и понатаму најголемиот страв кај граѓаните, водејќи се низ бројните примери во кои доминацијата на пари и моќ ги лиши од слобода сторителите. И навистина, правилно е секој да го помисли ова, затоа што пред еден ден „убиецот” на младиот ученик е виден на слобода низ центарот на Штип!
Инаку, двете сообраќајните незгоди кои го потресоа Штип се случија од 14 до 16 часот, период во кој е најголема фреквенцијата низ градот, реален проблем кој задира и кај лекарите и возачите на Итната медицинска помош, се надеваме дека овој податок ќе биде добредојден и корисен за надлежните да размислат и спроведат идејни решенија за оваа временска рамка од денот.
За крај еден апел до институциите, делувајте сега, а не утре, црвено светло за политиката, зелено за правата и безбедноста на граѓаните.
Автор: Виктор Вукановски