Поетот и преведувач Душко Крстевски: На семинарот за бугарски јазик во Велико Трново се чувстувам како дома
Извор: Борба
ДУШКО КРСТЕВСКИ ПРЕВЕДУВА ВО МАКЕДОНИЈА НЕКОИ ОД НАЈПОПУЛАРНИТЕ СОВРЕМЕНИ БУГАРСКИ ПИСАТЕЛИ, ЈА ОБОЖАВА ВЕЛИКО ТРНОВО И ВЕЌЕ 11 ГОДИНИ Е ПОСТОЈАН УЧЕСНИК НА МЕЃУНАРОДНИОТ СЕМИНАР ЗА БУГАРСКИ ЈАЗИК И КУЛТУРА, КОЈ СЕ ОДРЖУВА ВО ВТУ „Св. св. Кирил и Методиј“.
Самиот Душко се шегува дека веќе станал „некој локален херој“, и признава дека нема ништо против тој херојски имиџ, бидејќи сè уште го чувствува истото возбудување како пред 15 години, кога првпат учествувал на семинарот.
„Сега веќе не доаѓам толку за да го учам јазикот, туку затоа што овде се чувствувам како дома. Овде ми се пријателите, меѓу нив и многу од професорите на Великотрновскиот универзитет, ова е мојата средина. Проф. д-р Христо Бонџолов и сите луѓе од неговиот тим направија така што секој странец што доаѓа тука да учи бугарски јазик, станува амбасадор на Бугарија во својата татковина“, се насмевнува Душко. Потоа додава дека многу ги сака специјализираните курсеви по бугарски јазик и современа бугарска литература, бидејќи му помагаат да биде уште подобар преведувач, а и да запознае нови имиња во литературата кои еден ден можеби ќе ги преведе.
Душко живее во Скопје, каде што предава во приватна гимназија.
„Во Северна Македонија има двајца-тројца преведувачи на бугарска литература. Најмногу сум преведувал од Георги Господинов и Здравка Евтимова, но сум преведувал и од Алек Попов, Захари Карабашлиев, Емил Андреев исто така, Петар Денчев, Виктор Пасков.
Ги познавам повеќето автори чии текстови ги преведувам, се среќаваме на фестивали и преведувачки резиденции. На една таква, на пример, се сретнав со Петар Денчев за да ја дискутираме нашата работа на неговата книга“, вели Душко Крстевски. И објаснува дека идејата за тоа кое дело и кој автор да се преведат во Северна Македонија најчесто доаѓа од издавачите. Тие склучуваат договор со агентот на соодветниот автор и му ја предаваат книгата на преведувачот. „Кај нас велиме дека преведувачот добива партизанска партиска задача и нема значење дали му се допаѓа авторот или не. Но понекогаш и ние предлагаме автори, и за среќа, издавачите ги прифаќаат нашите препораки, затоа што ѝ веруваат на нашата проценка кога ќе кажеме дека некој автор е толку интересен што мора да биде преведен и во Северна Македонија. Така се случи, на пример, со Алек Попов и Емил Андреев“, раскажува Душко Крстевски.
НАЈДЕЛИКАТНА Е, ВСУШНОСТ, РАБОТАТА СО САМИОТ АВТОР, СЕ НАСМЕВНУВА ДУШКО, БИДЕЈЌИ АВТОРИТЕ ЧЕСТО СЕ ЉУБОМОРНИ ИЛИ НЕТРПЕЛИВИ ДА ГИ ВИДАТ СВОИТЕ ТЕКСТОВИ ПРЕВЕДЕНИ НА ДРУГ ЈАЗИК.
„Во принцип не сакам да комуницирам со авторите додека преведувам. Можеби на крајот, кога сум веќе готов со текстот – тогаш, да. Ми се има случено самите писатели да имаат предлози за преводот, кои, сепак, не секогаш се успешни. Затоа не сакам тие да се мешаат во мојата работа, како што ни јас не се мешам во нивната. Но, принципиелно, не може да нема контакт со авторот или со неговото семејство, како што беше со Виктор Пасков, Бог да го прости, за да ги уредиме авторските права за книгата. Георги Господинов и Алек Попов, на пример, сакаат да го видат преводот однапред и имаат идеи, прашуваат дали може вака да се преведе, или таму да звучи поинаку.
Проблемот е со лажните пријатели – тоа се зборови што значат едно нешто на вашиот јазик, но сосема, сосема различно нешто на нашиот јазик. Тоа се наизглед ситни нешта, што сепак можат да направат голема беља во текстот и потребно е многу добро да се познава јазикот на којшто се преведува“, објаснува Душко Крстевски. И споделува дека и во Северна Македонија, како насекаде во светот, младите луѓе не се најстраствени читатели на печатени книги. За нив, издавачите и авторите нудат аудиокниги и подкасти, а некои чекаат книгата да биде екранизирана, бидејќи така е најлесно. „Што да се прави, тоа е реалноста. Еден наш познат пејач вели вака: „Додека 15 лева се премногу за книга, а премалку за гаќи, ќе имаме неписмена публика“, воздивнува Душко.
ПОКРАЈ ЗА УСОВРШУВАЊЕ НА ЈАЗИКОТ И ПОРАДИ СВОИТЕ ПРЕВЕДУВАЧКИ АНГАЖМАНИ, ДУШКО КРСТЕВСКИ СЕ ВРАЌА ЧЕСТО ВО БУГАРИЈА И ВО ВЕЛИКО ТРНОВО, затоа што ја обожава природата, зеленилото и долгите прошетки меѓу нив.
Вели дека го обожава бугарското вино, ракијата, храната. Ја почитува почитта на Бугарите кон нивните традиции и нивните обиди да ги отстранат трагите од минатото. Ја заобиколува темата за убавината на Бугарките, но кога сепак стигнува до неа, широко се насмевнува и вели: „О, жените тука се прекрасни. Но мојата девојка е Бугарка и е најубавата, затоа молчам за другите. Таа е уште една причина зошто останувам долго време во Бугарија.“
Шарена сол и секакви вкусни и ароматични зачини носи Душко дома секогаш кога си заминува од Бугарија. Секако, и спомени, разговори со интересни луѓе, доживувања. „И сега минутка за реклама на „На тъмно“. Гледаш ли ја оваа маичка, имам многу вакви, сите ги имам купено од тука и не пропуштам да земам уште една и уште една, кога сум во Велико Трново. Страстен фан сум на хеви металот и не пропуштам ниту еден фестивал“, вели Душко и гордо ја покажува маичката.
Потоа нагло ја менува темата и вели: „Сакам да ја искористам можноста да изразам огромна човечка благодарност за тоа што го направивте вие, Бугарите, и Бугарија по трагедијата во Кочани, кога во пожар загинаа околу 60 млади луѓе. Веќе следниот ден Бугарија испрати амбулантни возила и авионот „Спартан“ за да земат повредени, и тие преживеаја. Знам дека и кај вас здравствениот систем не е најрозов, но кога ни требаше помош, вие бевте со нас. Сакав таа помош да биде со фудбалски топки, ракети и маички, а не со крвни банки, но… така се случи. Ви благодарам искрено и од сè срце.“
