Поранешниот научен директор на НАСА проф. д-р Цурбухен доаѓа во Бугарија за првиот меѓународен форум за геопросторна AI-GAIA
Проф. д-р Томас Цурбухен, поранешен научен директор на NASA и актуелен професор на ETH Цирих, ќе ја посети Бугарија по покана на Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (INSAIT) при Софискиот универзитет, јавува БГНЕС. Денеска и утре во Софија ќе се одржи првиот меѓународен форум за геопросторна вештачка интелигенција и апликации со базични модели – GAIA 2025.
Проф. Цурбухен ќе одржи предавање на настанот. Тој е првиот Швајцарец награден со престижната AIAA von Braun Award за исклучителен придонес во раководење со вселенски програми. За време на неговиот ангажман во NASA, тој беше клучна фигура во водството на значајни мисии, како што се вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ и марсовиот ровер Perseverance, а воедно е и најдолговечниот научен директор во историјата на Американската вселенска агенција.
По заминувањето од NASA, Цурбухен го основа ETH Zurich Space, нов центар во рамки на ETH со специјализирана магистерска програма „Space Systems“. Програмата има амбиција да стане една од водечките во светот, а центарот активно соработува со Европската вселенска агенција (ESA) и индустриски партнери.
GAIA 2025 ќе собере многу водечки имиња од областа на науката и технологијата. Меѓу учесниците се и истражувачи и експерти од Google Research и Масачусетскиот технолошки институт (MIT). Настанот ќе ги претстави најновите достигнувања во вештачката интелигенција, геопросторните науки, климатските истражувања и набљудувањето на Земјата. Форумот има за цел да создаде платформа за меѓународна размена на знаења и соработка.

