Постизборна мака во Бугарија
Пишува: Иво Иванов, новинар од Бугарското национално радио
После секој животен избор, човек ги прифаќа последиците од својата одлука, без разлика дали тие се добри или лоши. По политичките избори, политичарите и партиите исто така имаат должност да ја прифатат својата одговорност пред луѓето, што им ја дале својата доверба. Проблемот на политичарите се крие во тоа дека таа доверба не е безусловна.
Во самиот збор „доверба“ се содржи градацијата до-вербата. Денеска ти веруваат, но утре веќе не. Тоа ги прави политичарите неуверливи во своите активности по изборите, посебно кога до гласачките места, пардон до венецуелските машини за гласање отишле рекордно мал број луѓе. Таков е случајот со Бугарија по 12 јули 2021 г.
Кога ќе ги исклучиме губитниците од „Обединети патриоти“, од етничката партија ДПС и од БСП, поддржувана само од своите редовни гласачи, кои се на доизживување, сите останати партии се на некаков начин победници. ГЕРБ и покрај предизборните превирања и напади од страна на службената влада на претседателот Радев, останува прва политичка сила. Независно од фактот што врз поддржувачите на ГЕРБ-СДС се изврши притисок преку сите возможни линии и повеќето од медиумите, со исклучок на сајтовите на два весници, водеа тотална анти-ГЕРБ кампања, коалицијата на поранешниот премиер Борисов, макар и во изолација остана прва политичка сила.
Несмасниот напор на ЦИК да ги прилагоди резултатите од гласањето, за да ја прикаже како прва макар и со неколку стотинки, турбо-фолк партијата „Има таков народ“, додатно ја влошува постизборната атмосфера.
Фалсификувањето на избормите резултати се официјализира. „Има таков народ“ на стариот гуру на бугарската тв демократија Слави Трифонов, исто така се смета за победник. Слави којшто се срами да се покажува пред луѓето во живо, поради ред причини, пред да бидат објавени изборните резултати, во етерот на својата приватна телевизија го представи својот предлог за состав на новата бугарска влада.
И ова соопштение не беше во живо, туку запишано и воедно со тоа режирано, од да не речам неталентираните сценаристи на „Шоуто на Слави“. За тоа дека сценаристите се по-одговорни се гледа од предлогот за нови функционери. Нивен предлог за премиер е изчистениот од прашината поранешен царски млад кариерист Николајчо Василев. Секој којшто барем малку помни, може да се сети дека неговата кариера започна како министер за транспорт. Неговата основна цел во 2001 г. беше да ја приватизира магистралата „Тракија“. Не успеа, но така ја реформираше Бугарската државна железница, што таа и до денеска не може да стапне на цврсти нозе.
Има ли смисла да продолжам со редење на неговите успеси? Како приоритет на идната влада на Николајчо, Слави го објави давањето под концесија на бугарските магистрали. Какви се тие Бугарите, па да се возат по нив без пари… Требало да се приватизира и една државна банка, се разбира, кога се случило комунисти да дојдат на власт и да не уништат барем една банка.
Најсрдечни насмевки предизвика приоритетот за испраќање на бугарски астронавти маж и жена во космосот преку НАСА и суштинскиот детал, тие да бидат придружувани од македонски астронавт. Сите во Бугарија се прашуваат, каква ќе биде улогата на Македонецот во овој триаголник според сценаристите. Сигурно е дека во НАСА има паметен народ и нема да биде дозволен почеток на меѓуѕвездни војни во Меѓународната космичка станица.
Ќе се покрене прашањето и за „платеното“ гласање, обезбедено од службената влада за ИТН, што сценаристите ќе го „предадат“ на Румен Радев во претседателските избори. Ништо ново нема и во фактот што „црвениот“ министер Бојко Рашков вика „држете го крадецот“! Сите сценаристи и во парламентот и позади сцената се молат ден и ноќ за здравјето на Трифонов, бидејќи, ако нешто се случи со неговото кревко здравје, ќе треба да бараат други „такви народи“ преку кои да ги протнат своите далавери.
Неспорен победник со нови 100.000 гласови е исто така и „Демократска Бугарија“. Како ги привлекоа тие гласови си е нивна работа. Сега тие треба да кажат пред целиот свој електорат дали ќе го поддржат про-претседателскиот притаен удар во Бугарија со гласање за владата на Слави. Но што воопшто треба да се обелодени, тие веќе една година ја „поразуваат“ корупцијата на плоштадите и се борат против популизмот на ГЕРБ. Со својата над-фиксација за отстранување на обвинителството, либералот Христо Иванов и ликот позади него Иван Костов, се подготвени да проголтаат и да поддржат сè, било да е тоа зелено, црвено или сино. Покрај тоа, заедно со левичарските кловнови од „Исправи се – Мутри надвор“, тие мора да им се заблагодарат на своите спонзори, да ги елиминираат специјализираното обвинителство и антикорупциската комисија. Само на овој начин ќе им ги вратат запленетите пари и имот на проруските олигарси.
Така се прават реформите во судството и се води борбата против корупцијата. Иванов, како министер на Борисов, не можеше да обезбеди мнозинство во парламентот за уставни измени во судството. Но, сега, по санкциите, „Магнитски“ ДПС ќе ги даде своите гласови за „кастрирање“ на судството. Дај Христо, дај Бугарија!
Мудри луѓе рекле дека секоја нација е достојна за својата влада. Бугарското достоинство денеска се мери со еден генерал Румен Радев и со агонизирачкиот тв кловн Слави Трифонов. Масовната слика на болни и неуспешни амбиции во позадина исто така не е мала. Колку омраза има во стегнатите тупаници на овие луѓе. Тие секогаш се подготвени да јаваат крвавата омраза опишана од поетот Гео Милев – “Нощта ражда из мъртва утроба, вековната злоба на роба, своя пурпорен гняв величав…
Инаку, демократијата е голема работа , без разлика дали истата се поврзува со машини за гласање или со хартиени гласачки ливчиња. Гласот на народот е гласот на Бога, но со гласот на народот е распнат и Христос ….. До кога, Господи, до кога ќе ги мериш Бугарите со оваа претпоставка за тестирање ….? Бог молчи за обичните бугарски гласачи, тие се заинтересирани да си ја начешаат шугата. Политичарите од доверба ги тријат рацете и си велат – „до следните избори“?

