Радев кон Сиљановска: Бугарија никогаш не ставала вето по патот на РСМ кон Европската унија
Со искри и отворени разлики во ставовите заврши денешната заедничка прес-конференција на претседателите на Албанија, Бугарија и Република Северна Македонија, која се одржа во рамки на регионалната иницијатива за европска интеграција на Западен Балкан, јавува БНТ.
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, говорејќи за предизвиците на патот кон ЕУ, изрази незадоволство од, како што рече, „недоволната поддршка од соседите“. Таа индиректно посочи дека Северна Македонија наидува на пречки кои не секогаш произлегуваат од внатрешни фактори.
Овој став предизвика реакција од бугарскиот претседател Румен Радев, кој порача дека Бугарија никогаш не ставила вето за европскиот пат на Скопје.
„Чувствувам нота на разочарување во кажаното од претседателката Силјановска за познатото одложување во процесот на европска интеграција на нејзината земја, но сакам да ве уверам, госпоѓо претседател, дека тука не станува збор за нерешени билатерални односи, ниту за вето или блокада од некој сосед“, изјави Радев.
Тој потсети дека според европскиот консензус од 2022 година, Северна Македонија се соочува со внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото.
„Бугарија, како најблизок и пријателски сосед, има огромна желба и подготвеност да помогне. Протегнуваме рака за поддршка, со цел вашето државно раководство и општество побрзо да ги надминат предизвиците и да ги исполнат копенхашките критериуми за членство“, порача Радев.
