Руската врска за европска Македонија- Разузнавањето како непокор (2)

//

Пишува: Владимир Перев

Прв дел: Руската врска за европска Македонија- Корените на злото (1)

ВМРО е носителот на херојската борба на македонските бугари за нивната национална и културолошка слобода, заедно со воинствените претставници на Бугарската Екзархија, посебно екзарх Јосиф, кои на борбата на ТМОРО/ВМОРО/ВМРО и дадоа нота на духовност и целенасочена национална определеност.

Битката на македонските бугари за својата слобода секогаш била проследена со поделености, впрочем како и во секое национално движење. Прво е поделеноста на Врховен и Централен комитет на ВМОРО, потоа поделеноста изразена на Рилскиот конгрес, за конечно да се случи најстрашната-поделбата на протогеровисти и михајловисти. Во генезата на таа, последната поделба, одново има главна ролја советското/руското разузнавање и агентот на НКВД, бугарскиот евреин Соломон Голдштајн, со кодното име Черски. Тој и корумпираниот предавник на македонското дело, Димитар Влахов се конструкторите на подлостите изнесени во Мајскиот манифест во Виена 1924 година, каде промовирајќи ја “македонската советска нација“, го насочуваат гневот на Западното општество, а најмногу на англиската политика, кон ВМРО и кон Бугарија воопшто. Така, Бугарија и ВМРО оставени сами и осамени на светската политичка сцена, разединети и напуштени, ја отпочнуваат својата внатрешна политичка пресметка. Жртвите и последиците од “македонските убиства“ по софиските улици се добро познати. Недоразбирањата мегу двете крила на ВМРО траат до крајот на Втората светска војна и окупацијата на Бугарија од страна на СССР, а во Македонија (и покрај “југословенизацијата“) се до денешен ден.

Некаде во средината на деведесетите години, слатко се изнасмеав на една констатација на Красимир Каракачанов, изнесена во приватен разговор, со чашка, во седиштето на ВМРО БНД на “Пиротска“ 5 во Софија. “Ние во Бугарија, ми вели Краси, немаме никакви недоразбирања меѓу протогеровисти и михајловисти, таа работа кај нас одамна е надмината“. Е, па, му велам јас, вие овде немате недоразбирања бидејќи своевремено, по 1944 година ги истепавте по улиците и затворите, како животни, сите михајловисти, па со тоа и се фалевте цели педесет години, а протогеровистите станаа предавници на македонската кауза и отидоа да учествуваат во власта заедно со комунистите и советските братушки, вашите окупатори…види си го само оној манијакот Лев Главинчев и сѐ ќе ти биде јасно. Е, па кај нас не е така, ние сме повеќето михајловисти, кај нас беа малку протогеровисти и ние опстанавме некако…сега ние ја водиме борбата! Разговорот заврши со непријатна тишина…кој ли може да му каже на Краси дека “ние“, а не тој, ја води/ме борбата.

Да, михајловистите ја водеа борбата до последниот здив, само мал број од нив преминаа на страната на србите во Македонија, или на русите/советите во Бугарија. Ние ја организиравме и најголемата разузнавателна мрежа во Грција и Македонија, која доставуваше редовни и точни сознанија за состојбата на намачениот народ на окупираните територии од срби и грци. Само да се потсетиме…

Во 1931 година стружанецот Иван Панајотов Хаджов (Струга 1885-1956 г. Софија) ја издава книгата “Македонија под робство“, а тој е наведен како автор, со псевдонимот “Veritas”, за да ги заштити своите роднини во Струга под југословенска/српска власт. На 760 страници, со 707 пооделни документи, книгата ја обелоденува стравичната ситуација на македонските бугари под српска и грчка власт. Книгата е издадена од Македонскиот национален комитет во Софија, со одобрение и помош од ВМРО на Иван Михајлов. Податоците се точни во секој детал, тоа е врвот на разузнавачката служба на ВМРО на окупираната од грци и срби територија…тоа се солзите на Македонија, солзите на еден напуштен и заборавен од Бога и од Бугарија народ.

Никако не можам да разберам зошто таа книга не е преиздадена, за дел од македонскиот и бугарскиот народ да прочитаат дел од својата подзаборавена, но херојска борба. Треба да ја прочитаат и сите актуелни бугарски политичари, а посебен егземплар треба да им се даде на премиерите Петков и Ковачевски, па да престанат да говорат конвенционални и најчесто лажни изјави за некаква своја добронамереност. Да, има добронамереност за приемот на Македонија во ЕС, за паѓањето на ветото и за многу други нешта, но сметките треба да бидат порамнати, а борците за слобода и жртвите од теророт во Македонија, па и во Бугарија, треба да го добијат заслуженото, макар и само вербално признание…а тоа е само фактот дека до 1944 година поголемиот дел од македонскиот народ бил со бугарско самосознание и дека тогавашниот јазик на општење е западна варијанта на бугарските говори. Само толку!



Денес, одново меѓу македонските и бугарските политичари се развива тезата за некои “руски разузнавателни активности“ на македонски и бугарски државни чиновници. Веројатно има такви, но нека не ги бараат меѓу македонските бугари. Да, овде и во Бугарија постои силно развиена мрежа на размена на информации, ама се работи за мненија и состојби. Вистинските шпиони се во институциите на разузнавањето и дипломацијата, тие имаат достап до информациите и тие ги даваат или продаваат. Македонските бугари/михајловистите само ги проследуваат, сето тоа со цел за својата сопствена заштита. Знаеме дека Македонија и македонската нација се чедата на Коминтерната, на Сталиновата концепција за распарчување на бугарскиот народ и за поддршка на секогаш верната Србија на рускиот експанзионизам. Бугарија во случајот на раѓањето на македонската нација е само несреќната и невешта “бабица“ на недоносеното дете…тоа е факт, признат од сите. Конечно, “идолот“ на многуте македонци, ориенталниот сатрап Путин, исто како и неговиот претходник Сталин, говори за “македонската земја“ од која потекнува кирилицата. Затоа е и толку омилен овде, меѓу македонските посткомунисти и путунисти кои ја држат земјата окована во прангите на беззаконието. Во Македонија Путин е ликот на бугаромразието, лик на тиранин кој ќе ја понижи Бугарија и ќе ја воздигне Македонија…ќе ја признае македонската на нација од Исус Христос наваму и ќе го признае македонскиот јазик како најстар меѓу словенските јазици, најстар на светот може би! Мислите дека е смешно? Не, ако сте во Скопје и се чувствувате бугарин, не е смешно, овде е трагично! Тука логички се надоврзува и тезата дека на 3.504 македонски бугари изјаснети на пописот, треба да се гледа како на “статистичка грешка“. Сега веќе станува јасна координираната ситуација за омаловажување на еден народ и неговото сопирање по патот да постане конститутивен народ во државата која и тој ја формирал. Затоа, меѓу македонските бугари нема русофили или сталинисти/путинисти…напротив!

Никогаш, нито во најтемните мигови на комунистичкот владеење во Бугарија и Македонија, не престанала врската меѓу македонците од двете страни на Осогово. Тоа била врска со добронамерна и целенасочена размена на информации, просто за да се сочуваат себе си и семејствата. Денес тоа е подигнато на повисоко ниво, сега е класично разузнавање-размена на информации за победа на една кауза. Нека премиерите Ковачев и Петков заборават на функционерите-агенти, тие се малата ставка во списокот. Впрочем, проблемите никогаш не ги решавала агентурата, туку политиката и политичката храброст.

Тука е масата македонци-михајловисти, обесправени во последните стотина години, но цврсто поврзани и со големи врски…тука се корените на разузнавањето и отпорот…

Разузнавањето е работа за решителни и достоинствени луѓе. Оние другите, се занимаваат со маалско кодошење. Меѓу нас, такви нема. Разузнавањето е практика на силните, но и последниот отпор на обесправените, тоа е непокорот кон ропството.

Да не се залажуваме, руската агресија мора да запре, но не само во Украина. Таа треба да биде сопрена како агресија врз слободарскиот дух на македонските бугари и на бугарите вопшто. Во прашање се слободата и демократијата а тие може да виреат само во Слободна Европа.

Ова е борба, а ние, македонските бугари сме последниот бастион во одбраната на бугарската кауза!

Затоа, Сла́ва Украї́ні…и права и слобода за нас!

Претходна статија

Ветото ќе падне тогаш, кога во РС Македонија ќе исчезнат омразата и тоталитарната идеологија

Следна статија

Петков: Нема да се обидувам да правам какви и да се договори со РС Македонија

Најново од Истакнато