С. МАКЕДОНИЈА-ГРЦИЈА ПРЕГРАТКА НА СМРТТА (4)
Заев појасни дека членовите на навивачката група “Комити” кои биле приведени во јуни за време на протестите против Договорот со Грција за името, во полициската станица, на распитот рекле дека руски бизнисмени давале пари за тие да излезат на улица. Македонската јавност сеуште нема никаква информација ниту пак некакви детали до каде е стигната истрагата, поточно речено, не се знае дали воопшто се води истрага. Истовремено објавени се и сознанија до кои дошле американските тајни служби кои пресретнале комуникации на Иван Савидис и од кои се гледало дека тој, работејќи во Солун, во суштина работел како руска врска за поткопување на договорот меѓу Македонија и Грција. Тоа го објави Њујорк Тајмс. Весникот пишува и нешто друго. Американските служби, во знак на одмазда, и ги предаваат прислушуваните разговори на грчката влада на Ципрас, која одговори на тој начин што протера двајца руски дипломати од Атина, а на други двајца им забрани влез во земјата.
Меѓутоа, тоа на македонците ништо не им пречи. Македонската влада одрекува секакво “руско влијание”, поточно, го припишува на опозицијата т.е. на ВМРО ДПМНЕ, но работи сосема поинаку. Премиерот Заев го посети Тутунскиот комбинат во Крушево, кој де факто е “СЕКЕ Ад Грција”, сопственост на Иван Савидис и ја пофали успешноста на неговата компанија. Заедно со Заев беше и Панајотис Теранидис, човек од висока доверба на Савидис и задолжен да ги води неговите бизниси во Грција и Македонија.
Вкрстените проверки на “Економски лидер” во Управата за јавни приходи и Централниот регистар, покажуваат енормно зголемување на приходите на “СЕКЕ” и Савидис, по доаѓањето на власт на владата на Заев. Во 2016 година компанијата имала приход од околу 1.5 милиони евра, а во 2017, кога Заев доаѓа на власт, таа има приход од 6.8 милиони евра. Уште еден куриозитет…втор директор на компанијата на Савидис е гркот Александрос Контос, но прокурист, човекот без чиј потпис ништо не може да се направи е прилепчанецот Јане Станкоски. Ова е куриозитет. Странските компании обично ставаат свој човек за прокурист, за да контролира како работат “домашните” ортаци. Во овој случај на странците им е прокурист домашен човек, што наведува на сомнение дека некој од Македонија е таен партнер на Савидис, а прокуристот Јане е ставен да се грижи за интересот на домашниот (таен) партнер. Ова е вистински скандал, бидејќи Јане Станкоски беше директор на Државниот земјоделски инспекторат (ДЗИ), поставен од владата на Заев, а на предлог на Либерално демократската партија (ЛДП). Од таму, Станкоски директно се преселува во компанијата на Савидис. Иначе, Станковски е познат на прилепската јавност и по тоа што во телевизиски емисии се појавува заедно со министерот за земјоделие, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Иван Савидис е голем пријател со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис. Бутарис, кој е влав од Крушево, беше една од главните фигури во периодот на затоплувањето на односите мѓу Македонија и Грција кои резултираа со потпишувањето на Договорот од Преспа. Да напоменеме дека Савидис е главен финансиски поддржувач на Бутарис за време на секој изборен циклус. Ако знаеме дека компанијата на Савидис е во Крушево, од каде се и корените на Бутарис, работите стануваат појасни. Во сопственост на Савидис е и хотелот “Македониа Палас” во Солун каде Заев престојува во два наврати. Првиот пат на тричасовна средба со Бутарис, а вториот пат на дочекот на Нова 2018 година, заедно со својот брат Вице Заев и сопругите.
Автор: Владимир Перев, новинар
Првиот дел од анализата можете да го прочитате овде.
Вториот дел од анализата можете да го прочитате овде.
Третиот дел од анализата можете да го прочитате овде
МАТЕРИЈАЛОТ Е ПРЕВЗЕМЕН ОД WWW.FAKTOR.BG
ПРЕВОД: РЕДАКЦИЈА ТРИБУНА