СЕЛО ОБРШАНИ- ПОЛИЊА БУЛКИ КРАЈ ПАТОТ

Добродојдовте во светот на механизацијата, село Обршани каде што секоја куќа поседува трактор од наједноставен (примарен) модел до најсофистицирана машинерија. Овде животот е поспокоен, луѓето претежно се занимаваат со земјоделие, сточарство и полјоделие, но самиот воздух и клима ви даваат чувство како времето и обврските да запреле. Има апсолутно време за сѐ, и за одмор и за работа. Опкружувањето околу вас се состои од микс на звуци од птици, трактори, коли, но сепак таа “бучава” не е иста со градовите, туку е релаксирачка, барем лично мене ме успокои и уживав во звуците што ги нуди селото.

Обршани е село од збиен тип, кое се наоѓа во централниот дел на Прилепското поле. До него водат повеќе патишта, од градот Прилеп, потоа преку с. Бучин, с. Тополчани и с. Боротино. Додека патувате низ овие села за да стигнете до Обршани, од двете страни на патот ве пресретнува најубавата возможна глетка што природата ја дала, а тоа се прилепските полиња исшарани со булки и цвеќиња и билки во најразлични бои кои највпечатливи се за време на пролетта. Некогаш кога сакам да си го смирам умот, ја замислувам токму оваа слика и верувајте, ми делува како терапија. Додека патувате, застанете и почувствувајте го ветрето кое ги носи најубавите мириси со себе, седнете во полето, и за миг затворете ги очите и уживајте, а во меѓувреме природата ќе ја спроведе својата исцелителна моќ врз вашето тело и ум. Самиот поглед ви дава дознаење дека сѐ ќе биде во ред и ви ги полни градите со мир и спокој.

Село Обршани е старо македонско село, кое за првпат се сретнува во записите зачувани во манастирот Трескавец, отприлика во 1337 година, уште во времето на крал Стефан Душан. Исто така ова село се споменува и во турските пописни дефтери кои датираат од 14 и 15 век, како дел од Прилепскиот вилает под името Абрашани. Во тој период живееле 35 христијански семејства, а потоа, низ годините, бројот на населението се зголемил според последниот попис од 2002 година до 753 жители. Денеска бројот на жителите значително се намалил и во селото живеат околу 600 луѓе. Голем број од населението е отселено во околните градови, но и надвор од Македонија.

Ова село поседува месна заедница, Дом на културата, селска црква Св.Никола, основно училиште “Јонче Смугрески” во кое се изведува настава од прво до деветто одделение, фудбалски клуб” Партизан”, поликлиника, три продавници, земјоделска аптека и итн.

Во минатото куќите претежно се граделе од плитар, печени тули, дрво и камен, но се сретнува и градска архитектура. Шетајќи низ селото забележав невообичаени куќи со фасади во разни бои, најчесто впечатливи, украсени со орнаменти и цртежи, и изледот на куќата зависела од угледот и благосостојбата на фамилијата која живее во нив, така кажуваа мештаните. Додека истражував и шетав низ селото, со себе го понесов и својот апарат за да ги фотографирам куќите, застанав покрај една куќа ја сликнав и од неа излезе една кротка женичка на седумдесетина години возраст и поразговараме малку за Обршани и архитектурата. Таа кажа оти повеќето куќи биле изградени во период од 1960-1968 за време на колективот. Според неа, “модата”  на градење невообичаени фасади  на куќи била донесена уште во времето на Отоманската Империја, но и од луѓето печалбари враќајќи се од местата каде што биле, па презеле идеи од нивната култура и ги довеле во селото.

Секое село е приказна за себе, така и Обршани раскажува своја посебност и разноликост. Иако е рамничарско село, околу има планини и секоја патека води кон полињата плодни жито, тутун, пиперки; потоа црвените булки и зеленило- прав одмор за очи. Утрата се спокојни, особено после дождлива ноќ, воздухот ве опојува со мирис на бозел и липа. Градите ви се полнат со свежина, а душата со мекост. Ви дава чувство како да сте испиле една шолја чај со мед. Вистински мелем за душа!

Автор: Кристина Паскоска



Слични Објави