Северна Македонија не научи што е добрососедство
Пишува: Стојан Попов за webcafe.bg
Не само националистите во опозиција, туку и власта во Скопје демонстрираат агресивно однесување кон Бугарија.
Кога беше потпишан Договорот за добрососедство со Северна Македонија во 2017-та година, надежта беше дека настаните како годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, национален херој на двете земји, ќе бидат повод за обединување меѓу Софија и Скопје.
На настаните од минатиот викенд кога се прославуваа 151 година од раѓањето на борецот за слобода на македонската земја од Отоманската империја, видовме сѐ, освен обединување.
Односите со Северна Македонија и Бугарија никогаш не биле во полоша состојба. Локалните гранични власти ги спречија Бугарите од специјалниот список за забрана, а некој мистериозен прекин го блокираше влезот во РС Македонија преку граничниот премин Ѓуешево.
Северномакедонските политичари пак се натпреваруваа кој ќе покаже поголема цврстина во однос на Бугарите. Владата изјави дека нема да дозволи провокации од странски државјани и веење немакедонски знамиња, а опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ прелеа тешка антибугарска реторика за тоа како бугарските политичари ги враќаат билатералните односи „во средниот век“.
Не би било лошо да ги потсетиме нашите соседи дека до пред околу еден век, Македонија беше само географска област, а не држава со сопствена самосвест, но тоа веројатно нема да биде од корист за никого.
Вистината е дека ако до неодамна само националистите во Северна Македонија работеа на поткопување на билатералните односи, сега и официјалната влада демонстрира конфликтно однесување и агресивна реторика на фонот на јасните провокации против Бугарија, како нападот на бугарскиот клуб во Охрид и тепањето на секретарот на клубот Христијан Пендиков.
По двата настани реакцијата на властите во Скопје беше слаба и силно навестуваше дека бугарската страна си го барала тоа, можеби поради имињата на бугарските клубови во Охрид и Битола.
Оттаму се чинеше дека повеќе ги интересира тоа што напаѓачите на Пендиков се од ВМРО-ДПМНЕ, отколку тоа што станува збор за злосторство од омраза кое има моќ дополнително да ги разниша нашите билатерални односи.
Потоа дојде и одбележувањето на годишнината со сиот искрено понижувачки третман од северномакедонските власти.
Некои од бугарските државјани запрени на граница се жалат на насилство од страна на македонските граничари, па дури извадиле и лекарски уверенија за да покажат траги од физичко насилство.
Реакцијата на Скопје е да ја обвини Бугарија дека и покрај дадените ветувања дозволила „радикално одлучни поединци“ да се обидат да влезат на северномакедонска територија, додека „континуирано го поткопуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата земја“.
Јасно е дека и кај нас има многу луѓе кои со задоволство би продолжиле да долеваат масло на огнот на заладените билатерални односи. Само ден по годишнината на Гоце Делчев во Благоевград, локалниот македонски културен клуб осамна со скршен прозорец.
Работа на Бугарија е да запре такви агресивни дејствија и да се грижи за почитување на законот и гаранција за добри билатерални односи.
Но, во Скопје ја имаат истата заложба – да се справат со агресивната антибугарска реторика, да ги смират антибугарските страсти и агресивното однесување. Проблемот доаѓа од фактот што се чини дека таму нема голема желба дури и да се направи таков напор.
Прифаќањето на Францускиот предлог за воспоставување ред во билатералните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија ја даде рамката што треба да се следи – какви барања има Бугарија кон Скопје и какви обврски треба да исполнат таму за да им дозволиме да почнат реални преговори за членство во Европската Унија.
Оттогаш, топката е на теренот на Северна Македонија и оттаму се чини дека прават сѐ што е во нивна моќ, само за да не ги исполнат обврските од постигнатиот договор. А во меѓувреме, ја обвинуваат Бугарија за деструктивно однесување.
Најчудно е што северномакедонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи постојано повторува дека надворешни сили се обидуваат да ги нарушат односите со Бугарија. На сите им е јасно кои се тие сили и какви интереси штитат.
Има една голема евроазиска држава која прави сè што може за да се погрижи Европската унија да не се прошири, а меѓу одделни европски земји да тлеат конфликти. А таа има доволно агенти и финансии на Балканот.
Меѓутоа прашањето е, ако во Скопје има такво сознание дека некој ги заматува водите меѓу Бугарија и Северна Македонија, зошто таму не прават ништо за да се надмине проблемот? Напротив, помагаат да се продлабочи?
Секако дека владата во Софија може да ги затопли билатералните односи, но тоа би се случило доколку е очигледно дека соседната држава го прави истото. Такво нешто моментално недостасува.
Таму го оставиле дивјачкиот национализам слободно да дивее и да си играат како што сакаат.
Скопје треба многу добро да сфати еден едноставен факт – Бугарија не може да дозволи членство во Европската унија (ЕУ) на држава која демонстрира таков непријателски однос. Тоа едноставно не е во нејзин интерес. Тоа не е во интерес ниту на Европа.
Така што нашата југозападна сосетка треба или да се ослободи од навредливите епитети и ставот како да сме непријателска сила што собрала војници на границата, или да остане во изолација надвор од заедничкиот пазар на Европа. Празници како годишнината на Гоце Делчев навистина можат да бидат обединувачки настани, но само ако има волја за тоа.