|

ШУВАРИЦАТА И ЦАРЕВИЦАТА

Насловот на прв поглед можеби асоцира на народна приказна. Се разбира, повеќето од нас сакаат приказни. По можност и со среќен крај.

Но, во оваа прилика нема да раскажаувам, или барем не премногу.

Нејсе, некој можеби ја разбра асоцијацијата на насловот.

Првиот поим се однесува на Стипе Шувар (1936-2004) југословенски и хрватски политичар кој во 70-те години на минатиот век, ја иницираше реформата во образованието и воведувањето на т.н. насочено образование.

Вториот поим, погодувате, е изведен од презимето на актуелната министерка за образование и наука. Во Владата на Република Северна Македонија, што би се рекло.

Реформата на Стипе Шувар е одамна завршена. Никој повеќе не се сеќава на „здружениот труд„ „производните сили и самоуправувањето„ „работниот народ и нејзината авангарда„ и сл.

Оваа другава реформа пак, иако најавена, за само 48 часа ја сензитивизираше јавноста,иако поголемиот дел реакциите беа во контекст на актуелните политички збиднувања, а помалку за импликациите кои би ги донела најавената реформа.

Искуството (демек историјата) не’ „научиле, кога Бирото за развој на образованието почнува било каква реформа, таа активност секогаш е скапа, мачна и во целина претставува едно трауматично искуство за општеството. А, да. Да не ги заборавиме и учениците и наставниците.

Отворете ја страницата на министерството, изобилува со планови, стратегии, до 2020, па има до 2025, па за минатата година, па за следната година…

МИСИЈА:Обезбедување квалитетен воспитно – образовен процес, преку примена на современи методи на учење, критичко размислување и интегрирање на информатичка технологија и дигитални вештини во наставата, поддршка на самостојноста на ученикот * ,  во процесот на стекнување на знаења, вештини и ставови, за нивна практична примена во реалниот животен контекст,  креирање на култура на доживотно учење, воедно вложувајќи во континуиран развој на научно-истражувачката дејност

ВИЗИЈА:Придонес во развивањето на европските образовни вредности преку обезбедување на сеопфатно, инклузивно и интегрирано образование насочено кон „ученикот“ * . Создавање на конкурентен национален образовен систем заснован на современи програми што овозможуваат  стекнување со  знаења, вештини и компетенции согласно потребите на демократското мултикултурно општество, пазарот на трудот и новите предизвици во глобалниот научно-технолошки амбиент. Инвестициите во квалитетен образовен систем ќе бидат основа за забрзувањето на темпото на економски раст и поддршка кон определбите за вклучување во научно – истражувачки и иновативни процеси.

*Во овој контекст, под терминот „ученик“ се подразбира секој учесник во воспитно-образовниот процес.

Јако нели! Е,сега, експерти, истражувања, трудови за оваа тема, е тоа нема да го најдете. Тоа е една мала мистерија, распослана по некакви мистериозни и тајни „работни групи„ кои веројатно имаат некаква колективна свест, па следствено на тоа и немаат име и презиме. Освен за потребите на секторот за финансии, сепак, некакви лични податоци се потребни поради сметките.

Што би рекле старите – „нам дандалот ни го земаа“ – а притоа мислам на актуелната, „Кембриџ„ реформа во нашето образование, веќе ни се насмевнува нова, најнова и посовремена реформа. Доколку некој забележува „мала контрадикторност„ во право е! Но, исправени пред дилемата – ако е расипано, поправи го, ако не е, не чепкај, му се спротивстави – расипано е ,фрли го! – Тогаш не изгледа толку контрадиктарно, станува збор за избор. Е, но каков е изборот ако се сведува на „снобовски флоскули„ скриени и спакувани како – здружениот труд, самоуправни сили, производствени односи, наспроти, пазарот на трудот, бизнис заедницата, конкурентни кадри – ми се чини дека и не сме се напреднале премногу!?

И конечно, што се по ѓаволите – европски образовни вредности?- Кај се објавени, кој ги промовира? Емил Зола и неговото „Обвинувам„ или Леополд II и неговото Конго? Можеби се скриени во нивната премудрост кај дузината „надворешни соработници„ „проект менаџери„ и „граѓански активисти„ кои живеат по „работилници, семинари, вебинари…„ самоуверена празноглавост, без сомнеж,без дилеми, без прашања и без одговори.

Соц-елитата која се натпреваруваше кој ќе напише поголем труд за „Работничкото движење во Македонија меѓу двете светски војни„ или „Самоуправниот социјализам и империјализмот„ лесно си најде нов фетиш. Со истата страст и фиксираност, со решителност која само конвертит може да ја има.

Автор: Ѓорѓи Трендафилов

Слични Објави