СИТЕ БИЛЕ ЧЕДА НА ДЕЛЧЕВ

Како што тргнало, до крајот на кампањата и функционерите на ДУИ ќе почнат да го носат Гоце Делчев на маици. Али Ахмети вчера од Камениот мост во Скопје на активноста на револуционерот ѝ даде дури и име – „делчевизам“. Во неговата предизборна сеанса за проектот премиер Албанец, тој зборуваше дека Гоце Делчев носел кече кога некогаш држел говор пред Албанци во тогашната отоманска провинција и соработувал со албански патриоти, па поради тој „делчевизам“ македонските политички партии требало да бидат среќни со предлогот за премиер Албанец.

Што направија со Делчев? Никој нема веќе усул од неговата злоупотреба. Не би било воопшто нелогично доколку Турците во Македонија, а и оние во Турција, утре се јават и речат дека Делчев носел фес (како што носеа речиси сите во тоа време) па да го присвојат за својата кауза. Па во едно иронизирање на мисијата на револуционерот да речат дека поради фесот тој ги поддржувал и отоманските власти. Бугарите велат Делчев е наш, на Македонците им изгледа како да си им навредил нешто најсвето, вмровците го носат на маици, Ахмети вели тој носел кече, помалите десничарски партии попрво би ви ги извадиле очите отколку да кажете нешто лошо за човекот од Кукуш…

Изборите секогаш се ужасни за политичките актери. Тие понекогаш се подготвени да преминат многу граници за да останат во живот. Ако треба, како Ахмети, ќе го вметнат Делчев и во Рамковниот договор, дека тоа, всушност, била неговата визија. Едноставно кажано – ужасно расчеречување на историската икона во сегашните политички цели за едни избори.

(Целата колумна на Љупчо Поповски за Дојче Веле прочитајте ја овде)