СКОПЈЕ ПОД ВОДА-ПЕЛИСТЕР ВО ЃУБРЕ
„Куќа имам на Пелистер аџанак баџанак…“
Околу нашата заедничка куќа се навртеле едни кучиња што сакаат да ни ја земат соба по соба додека сами не си ги собереме парталчињата и последниот од нас, навистина не го изгаси светлото на аеродромот. Да, да кучињата од страна се криви за сè. Македончето е жртва во случајот, не само во денешно време туку и од времињата кога Клеопатра правејќи си ги генеалошките стебла дознала дека е Македонка.
Кој, ако не кучињата од страна, се виновни за тоа што еден министер (поранешен командант, познат по тоа што го остави Куманово без вода за време на вооружениот конфликт во 2001-ва) и една градоначалничка (позната по тоа што го вработила својот брат како наставник по математика во основно) пред очите на евроамбасадорот Жбогар другарски се „шупчат“ за тоа кој е надлежен да го исчисти ѓубрето расфрлано по македонскиот бисер Пелистер. Во Македонија „не сум надлежен“ и „друг е надлежен“ се омилени оправдувања за неработење. Како што велеше поранешниот Бог Гру… ова поранешниот премиер Груевски: „Кој работи греши, кој не работи не греши“. Логиката е јасна, дај поубаво да не го чепкаме ѓубрето, оти од нигде никаде ќе искочи дека сме погрешиле нешто. Ако ми дозволите да го парафразирам командант Вентили… ова министерот за животна средина Садула Дураку- убаво е местово, воздухот е чист (не важи за Скопје и Тетово), само уште да се најдеше некој надлежен да го исчисти ѓубрето (важи за цела Македонија). Цела среќа е што Жбогар веќе речиси полни 2 години ги набљудува од блиску македонските трагикомични лутања во надлежностите, и поради тоа не сме се изложиле кој знае колку пред странците.
Замислете ситуација некој кинески турист дојден да се слика пред споменикот на Александар, да заглави во такси на „Партизанска“ за време на невремето што го зафати главниот град денеска. Во туристичкиот пакет сигурно немал услуга „пловење“ по еден од најпознатите булевари во Скопје, но ете и тоа „задоволство“ го добил. Неплатено-уживано. Животот навистина дојде, и баш поради тоа Шилегов упорно одбива да му ги побара жолтите чизми на Коце. Главниот град на Македонија се претвора во Венеција после 10-15 минути дожд. Да, признавам ваков дожд има еднаш на 1000 години, ама сепак треба да се дознае кој е надлежен за појавувањето на реката Партизанска во главниот град. Инаку се појавија и други реки, например онаа во Чаир, наречена по претседателот на САД Џон Кенеди, ама неа не ја бројам, оти ако му верувам на култниот битпазарски графит: Cair is not Macedonia, некој друг е надлежен за случувањата во оваа стара скопска населба.
Да помине фркава со името, све ќе средат надлежниве, сега сите сме во очекување… оти ако го земат името и да се издавиме за време на следниот голем дожд на никој нема да му биде гајле… нели?
Автор: Батко Тане