СТРАСТИТЕ ВЕЛИГДЕНСКИ

Пишува: Владимир Перев

Го чествувавме Велигден, празникот на Воскресението Исусово, но и празникот на нашата верба во животот и во Воскресението како симбол на новиот, вечниот живот.

На нашите духовни пространства, во нашето детство и младите години, Велигден бил секогаш празникот на новите алишта, дружбата со семејството, посетата на блиските и подалечните роднини и секогаш возобновената вера во црквата и нашата духовност. Требаше да се појави книгата на Тончо Жечев “Б’лгарскиот Велигден или страстите б’лгарски“ (1975 г.) за да ја разбереме не само силата на “жртвата Исусова поднесена за опрост на нашите гревови“, ами и силата на цел еден народ, решил да се “саможртвува“ за сопственото опстојување.

На Велигден нашите мисли треба да се во Цариград, во малата Дрвена црква каде на 3 април 1860 година еден горд народ го отфрли фанариотското духовно ропство, побара сопствена црква, јазик и богослужба, за само осумнаесет години подоцна да го отфрли јаремот на петстотини годишното ропство и да започне нов, слободен живот.

Повеќе од стои и педесет години Велигден е поемата на духовното единство на македонците, мизијците, тракијците, добруџанските и сите други патриоти дојдени од планините и равниците на македонската и бугарската земја. Собрани во Цариград како ситни занаетчии и работници, но и богати и образовани сановници во Отоманската империја во вечната потрага по подобар живот, сплотени во единствената вера и идејата за заедничка држава, станаа хероите на, сеуште тогаш неформираното, Трето бугарско царство.



Заради тоа, Велигден треба да го чувствуваме како празник на нашиот непокор, на непрестајната борба за себеосознувањето и себепрепознавањето во славните духовни традиции на бугарското племе. Така, Велигден ќе биде и празникот на нашиот јазик и нашата илјадагодишна писменост, нашето чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј и на светиот Климент.

Нема да опстои никаков Договор за добрососедство или некој сличен на него, без почитта кон двигателите на “Велигден 1860 година“, без признанието на оние кои сакаа дури и да се саможртвуваат заради нашите традиции и нашата слобода. За овие стотина и педесет години се сменија многу власти и влади, имавме и “фашисти“ а Бога ми и жестоки “комунисти“, и едните и другите со различни видувања кон “македонското прашање“ и кон методологијата за неговото решавање. Но, свеќите запалени во Цариград во 1860 година сеуште горат и го осветлуваат единствениот пат за опстојување на нашиот народ. Тоа е светлината на единството, општота минато и сигурната заедничка иднина. Затоа, секоја денес запалена свеќа во македонските и бугарските храмови е само одблесок на силната светлина на цариградските свеќи, свеќите на непокорот и в’зраждането.

Христос Воскресе, Бог да ги прости хероите, а свеќите во нашите храмови да бидат светлината на нивниот и нашиот пат во иднината!