Студенти по дентална медицина организираат хуманитарна трка во Варна
Асоцијацијата на студентите по дентална медицина во Варна организира хуманитарна трка во Морската градина, а собраните средства ќе бидат донирани на здружението „Јас верувам и помагам“, јавува БНТ.
За првото издание на иницијативата се пријавени повеќе од 300 учесници. Регистрацијата започна во 9:00 часот, а стартот на трката беше даден во 10:30 часот.
Учесниците можат да изберат меѓу три дисциплини – 2,5, 5 и 10 километри. Минималната котизација за учество изнесува 10 евра, а граѓаните можат да ја поддржат акцијата и со донација на самото место.
Настанот го организираат студентите и Факултетот по дентална медицина, со поддршка од Студентскиот совет и Медицинскиот универзитет во Варна.
