ТАЛЕСКИ: НЕМА ПАНИКА, НЕМА ЕУФОРИЈА, ЗРЕЛИ СМЕ ДА СИ ГИ ОСТВАРИМЕ СОНИШТАТА!

Уште од тинејџери, преку низа „неважни“ младински натпревари, па потоа први значајни успеси, дел од македонските ракометари созреаја и стигнаа да бидат стандардни репрезентативци на најсилниот тим на Македонија. Талески, Кузмановски, Велковски, Крстевски се заедно уште од мали нозе, а сега заедно и ќе го бранат македонското знаме пред Европа.

Прераснаа во оформени ракометари, иако со 24-тата година од животот „в џеб“, допрва ќе го достигнат зенитот во својот професионален развој, како што тоа обично бидува со македонските спортисти. Филип Талески е најзвучното име од таа генерација 1996, која ветуваше многу уште кога се појави. Сега на ЕВРО 2020 од нив ќе зависат многу работи во настапот на Македонија.

„Искрено, ме радува што има повеќе играчи од оние селекции во кои се натпреварувавме во младинските категории уште пред 5-6 години. Но, ова е А-тим каде што одгороворноста е многу поголема, поголемо е вложувањето, а со тоа и успехот кој можеме да го достигнеме. Мислам дека сме подготвени за секој предизвик којшто ни претстои сите ние од наша возраст. За мене ова е четврто првенство, за Кузмановски четврто, за Велковски второ…така што не е нешто ново, да имаме паника или некоја еуфорија, некоја трема. Само треба да се одговори на тоа што ќе го зацрта селекторот“, вели Талески.

Не е спорно дека веќе долго се заедно и веќе доволно време поминаа со повозрасните, како Кире Лазаров, за да го присвојат репрезентативниот дух и тие да бидат оние што ќе диктираат. Големите играчи се познаваат во големи предизвици, така што од Талески, пред се, а и од останатите, се очекува да знаат како треба во „жешки моменти“, како на пример Македонија – Чешка од ЕП 2018, во Вараждин, Македонија – Србија од ЕП 2016 во Краков.

„Се надевам дека сите сме го доживеале тоа и сме имале некое искуство од такви моменти, во последните пет минути да решава секој напад, секоја одбрана и секоја топка. Мислам дека од таа гледна точка сме зрели и не смеат да ни се повторуваат некои грешки од минатото. Еве тоа првенство во Хрватска, имавме фантастична прва фаза и потоа во втората дојде еден, не лош пристап од нас, но нè зафати некој лош период некој лош период кој многу значи на вакви големи натпревари. Ќе мора да сме концентрирани. Секако дека и на ова првенство ќе има такви тешки периоди, но мислам дека оваа репрезентација е подготвена за сè што ја очекува. Сите имаме големи амбиции, но ајде да ги покажеме на терен и да го оствариме секој сон што го имаме“, коментира ракометарот на Балинген.

Пред две и пол години имаше круцијален момент од својата кариера, кога Рајн-Некар го купи од Металург, но по променливата минутажа летово се пресели во Балинген. Клуб од дното на табелата во Бундеслигата, но во кој има повеќе шанса да се докаже.

„Морам да кажам дека ова позитивно влијае на мене, бидејќи во претходниот клуб две и пол години не добивав минутажа, па ќе добиев, па потоа повторно на клупа. Сега новиов клуб можеби не е од така висока класа, но важно добивам минутажа, добивам внимание. Од мене зависи натпреварот дали ќе се добие или не. Тоа за мене е еден голем плус, ја има кренато и мојата самодоверба и допрва треба да се почувствува во мојата игра“, раскажува двометрашот од Крушево.

Ако некој може да демонстрира дека клубот е важен за перформансот на играчот и во репрезентација, тоа е Владислав Остроушко, првата виолина на Украина, кој по враќањето во Еурофарм работник ја пронајде својата форма и сега цела репрезентација се потпира на него.

„Украина е интересна репрезентација, а и цела група е таква, секој секого може да победи. Не смееме да ги потцениме Украинците, го знаеме тоа, игравме во квалификации со нив. И двата натпревари беа многу тешки, посебно тој во Скопје, во ‘Борис Трајковски’, пред полни трибини. Во украина одигравме нерешено и тоа треба да ни биде едно црвено светло и да ни вели дека не треба да се опуштаме. Тие сега се враќаат на првенствата по долга пауза, па тоа може да им претставува еден голем плус, една експлозија од мотив за да докажат дека се добра репрезентација, дека работат за иднината на спортот во нивната земја. Наше е само да се држиме до тоа што ќе го зацртаме пред натпревар и мислам дека можеме да направиме позитивен резултат.“, додава Талески.

Украина и Македонија играат вечерва во 20.30, во првиот свој меч на ЕП 2020. Прехтодно, нашата група ќе ја отворат Австрија и Чешка од 18.15.

Извор: Спорт1

Слични Објави