| |

ТАТЈАНА СТОЈАНОВСКА („ГО САКАМ ВОДНО“): МОРА ЕДНАШ ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА ИГРАТА СО НАШЕТО ЗДРАВЈЕ И НАШИОТ ЖИВОТ

Трибуна: Татјана, ти си деловен човек, раководиш фирма, која беше причината да се активираш во иницијативата „Го сакам Водно“?

Сметам дека во ова време на политички поделено општество кај нас , најслаб сегмент е граѓанската свест и прифаќањето на моментот дека независно од нашите политички убедувања , ние сме пред се сите граѓани на оваа земја кои заслужуваат квалитетни услови за живот. Најбитен момент за секој човек е чист воздух и вода , а за живот во град и добра инфраструктура и организација на установи така да може лесно да ги остварува своите секојдневни обврски. Тоа не е политика , тоа е начин на живот и тоа може да се регулира само со слух кон потребите на граѓаните а не на партиските интереси.Иницијативата Го сакам Водно е врзана со моментен проблем кој го оптерети градот , а тоа е навлегување на гасоводната траса во заштитеното подрачје на парк шума Водно . Иако гасоводот претставува позитивен тренд во решавањето на енергетските потреби , користењеето на заштитено подрачје за негова реализација е секако многу понегативен момент. Жителите на Скопје сакаат да го зачуваат Водно како најбитен зелен дел од нашата околина а тоа мораше да се артикулира преку една граѓанска иницијатива.

Трибуна: Раскажи ни повеќе за иницијативата и дали нејзините пораки успеваат да стигнат до повеќе луѓе? Лесно ли се „буди“ еколошката свест кај граѓаните?

Иницијативата претставува збир на повеќе граѓански здруженија кои се решија заедно да настапат во јавна прозивка на владата за овој проблем.Имаме секако поддршка и од многу граѓански групи , како и еко здруженија. Пораките тешко стигнуваат , тоа е долготраен процес , но од моето искуство можам да кажам дека луѓето кај нас имаат еколошка свест но не и желба за акција , како да тоа е работа на некој друг а не на самите граѓани.

Трибуна: Како ќе победите во вашата борба? Што мислиш дали меинстриим медиумите се подготвени да ви помогнат или ги користат вашите активности како средство за заполнување на „дупки“ во вестите или програмската шема.

Нема победа во нашата борба , таа нема крај. Јас сум релативно нова во овие води , работам активно со луѓе кои се даваат непрестано со години на оваа борба , луѓе кои и во пораз и во победа не губат надеж дека ги менуваат нештата. Инспиративни се , храбри и неуморни.Победата е во тоа да не ја изгубиш вербата во својата борба.Во случајов се бориме против минување на трасата низ Водно , но има толку други нерешени прашања за парк шума Водно . Мора еднаш да се стави крај на играта со нашето здравје и нашиот живот. Во однос на медиумите , тие се неопходни за ширење на информациите па дури и кога не користат за пополнување на дупки во вестите или програмската шема.А и искрено , во случајов со гасоводот , интересот кај нив беше изненадувачки голем , што многу ме радува и покажува дека одиме напред .

Трибуна: Што е Водно за тебе?

Водно не само за мене , за сите Скопјани е најголемиот симбол на градот. Како еден пријател го дефинира , иако имаме парк, Водно има улога на парк во многу поприсна форма од градскиот парк. Веќе излижан е изразот дека Водно е нашите бели дробови ,јас повеќе би го дефинирала како најзеленото излетничко место во кое уживаат сите Скопјани и без кое Скопје ќе се задуши во прашината на градби .



Слични Објави